СДСМ остро ги критикува изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека „платите растат по 11, 12 и 13 проценти месечно“, оценувајќи ги како навреда и потценување на македонските граѓани.
„Каде растат платите месечно по 11, 12 или 13 проценти? Според ваквите тврдења, за шест месеци би пораснале за 66%, а за десет месеци дури 110%. Реалноста е сосема спротивна. Цените растат, а платите стагнираат, граѓаните тешко врзуваат крај со крај“, наведуваат од СДСМ.
Според партијата, статистичките податоци го потврдуваат тоа: вредноста на синдикалната потрошувачка кошница од март до јули се зголемила за 3.473 денари, додека просечната нето-плата во истиот период пораснала само за 1.033 денари.
„Македонија останува четврта најсиромашна држава во Европа, а Мицкоски не поддржува зголемување на минималната плата на 500 евра. Во пракса, работниците добиваат мали примања, додека власта ужива во луксуз“, стои во соопштението.
СДСМ додава дека „тврдењата на Мицкоски за економски бум се само изговор за одржување на ниските плати и привилегиите на власта“.