Бензинот и дизелот би можеле да поскапат од вторник, по растот на нафтата на светските пазари. Регулаторната комисија за енергетика утре, понеделник, 26 октомври, се очекува да ги утврди новите максимални малопродажни цени.
Нафтата брент во петокот ја заврши трговската недела на 116,72 долари за барел, со неделен раст од околу шест проценти. Американската нафта достигна 103,27 долари. Според Ројтерс, поскапувањето е поттикнато од нападите врз енергетската инфраструктура во Саудиска Арабија и стравувањата од прекини во снабдувањето од Блискиот Исток.
Во Македонија, според важечката одлука на РКЕ, Еуросупер БС-95 чини најмногу 96 денари, Еуросупер БС-98 се продава по 98 денари, а Еуродизел по 99 денари за литар. Минатата недела бензините поевтинија за 2,50 денари, додека дизелот поскапе за два денари.
Дали и за колку ќе поскапат одделните горива ќе покаже новата пресметка на РКЕ, која ги зема предвид берзанските цени на нафтените деривати и курсот на доларот. Евентуалните промени се очекува да важат од вторник, 27 октомври.

