Македонските граѓани и компании во изминативе пет години инвестирале над 50 милиони евра во недвижности во Грција, покажуваат податоците на Грчката централна банка. Според официјалната статистика, најголем прилив на инвестиции е регистриран минатата година, кога македонски државјани вложиле околу 19 милиони евра – најчесто за апартмани покрај море.
Интересот за купување имот во северниот дел на Грција, особено во регионот околу Солун и Халкидики, забележливо расте. Според податоците, најчесто се купуваат станови со површина до 50 квадратни метри. Доколку се анализираат бројките од изминатите години, може да се забележи континуиран раст: од околу 2 милиони евра годишно во 2019 и 2020 година, преку 7 милиони во 2021 година, до над 10 милиони евра во 2022 и 2023 година.
Овие трендови се случуваат паралелно со енормниот пораст на цените на становите на домашниот пазар. Последните податоци од Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности, кои се однесуваат на третиот квартал од 2020 година, покажуваат дека просечната цена на квадратен метар во Центарот на Скопје тогаш изнесувала околу 950 евра. Денес, и покрај големиот број празни станови, цените продолжуваат да растат.
Причините за растот се комплексни. Една од клучните е можноста да се купи стан со готовина без обврска за докажување на потеклото на средствата – практика која дополнително го подгрева пазарот. Според гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, пред пандемијата околу 65% од становите се купувале преку кредит, додека остатокот со готовина. Денес, соодносот е изедначен – 50% преку кредити и 50% во кеш.
„Секако, потребно е да се обрне внимание на потеклото на средствата. Дел од нив веројатно доаѓаат од заштеди, но и од странски приходи на млади луѓе кои работат во ИТ-секторот и ги примаат средствата на сметки во странство, од каде потоа подигаат готовина што се внесува во Македонија. За други извори, тоа треба да го утврдат надлежните институции“, изјави Славески.