Парламентарните комисии го одбија предлогот на опозицијата за зголемување на минималната плата на 600 евра, оставајќи го решавањето на ова прашање за пленарна седница.
Одбивањето на комисиско ниво значи дека предлогот ќе оди на пленарна седница со негативно мислење, што дополнително го стеснува просторот за политички консензус.
Вчера, Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика и Законодавно-правната комисија во Собранието не го поддржаа предлогот на СДСМ и Левица за итно зголемување на минималната плата на 36.960 денари (600 евра).
Иако опозицијата инсистираше на усвојување на мерката како одговор на инфлацијата, пратениците од владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ се воздржаа од дебата. Единствен исклучок беше Миле Цеков од партијата ЗНАМ, кој јавно даде поддршка за предлогот, укажувајќи на внатрешни нијанси во владината коалиција.
Овој политички ќор-сокак ги рефлектира различните пристапи кон економската криза. СДСМ и Левица бараат итна административна интервенција за заштита на егзистенцијата, додека ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН инсистираат на почитување на процедурите преку Економско-социјалниот совет.
Тие процедури досега не дадоа никаков резултат и само ги извадија работниците на улиците.
Аргументите за зголемување на платата се темелат на драстичниот пораст на трошоците за живот во Северна Македонија. Според податоците изнесени од пратениците на СДСМ, Фатмир Битиќи и Јован Митрески, синдикалната минимална кошничка во февруари 2026 година достигна рекордни 61.702 денари, што е пораст од 920 денари за само еден месец.
Опозицијата тврди дека потребните 7,5 милијарди денари за реализација на предлогот можат да се обезбедат преку пренамена на средства во рамките на постојниот буџет, без дополнително задолжување на државата.
Ултиматум од синдикатите и најава за генерален штрајк
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска не излегоа со коментари, но ги најавија за утре или по крајот на расправата на оваа тема на пленарната седница.
Претходно ССМ постави јасен рок до крајот на февруари 2026 за постигнување договор за износот од 600 евра. Синдикалните лидери сметаат дека работниците веќе не можат да ја чекаат бавната динамика на институционалниот дијалог. Доколку барањата не бидат исполнети, во март 2026 се планира радикализација на активностите:
- Таргетирани блокади на клучни сообраќајници и институции низ државата.
- Организирање на масовен протест пред седиштето на Владата.
- Прогласување на генерален штрајк кој би ги опфатил и јавниот и приватниот сектор.
Податокот дека 33% од работниците во земјава примаат плата под 500 евра укажува на висок ризик од социјална нестабилност. ССМ нагласува дека достоинството на работникот не смее да биде предмет на политички пазарења.