Народна банка на Република Северна Македонија од денеска започнува со примена на новата оперативна монетарна рамка, со која како основен инструмент се воведуваат благајнички записи со рочност од седум дена, наместо досегашните со рочност од 42, односно 49 дена.
На прес-конференција, гувернерот Трајко Славески изјави дека модернизацијата на оперативната рамка е внимателно планирана и насочена кон зголемување на ефективноста на монетарната политика и подобро пренесување на сигналите кон пазарот на пари.
Според него, скратувањето на рочноста на основниот инструмент овозможува поефикасно влијание врз краткорочните каматни стапки, каде што централната банка има подиректна улога. Истовремено, преку прилагодување на понудата на седумдневните благајнички записи, ќе се обезбеди соодветно повлекување на ликвидноста од банкарскиот систем, додека банките и натаму ќе располагаат со депозитни и кредитни инструменти преку ноќ за управување со краткорочните ликвидносни потреби.
На денешната аукција ќе бидат понудени 43 милијарди денари по каматна стапка од четири проценти, а износите на наредните аукции ќе се утврдуваат врз основа на неделните проекции за ликвидносната позиција на банкарскиот систем.
Во однос на монетарната политика, Славески нагласи дека таа останува непроменета, при што внимателниот пристап е условен од потребата за одржливо стабилизирање на инфлацијата, динамиката на кредитната активност и присутните надворешни ризици. Непроменетоста на политиката, во услови на премин кон новата рамка, се обезбедува преку каматната стапка од 4 проценти на седумдневните благајнички записи и преку зголемениот износ на основниот инструмент.
Според проценките на Народната банка, економската активност бележи забрзување и на годишна основа изнесува 3,8 проценти, при што растот целосно произлегува од зголемената домашна побарувачка, пред сè поради растот на бруто-инвестициите. Податоците за индустриското производство и трговијата упатуваат на продолжување на поволните економски трендови, иако инфлацијата и натаму останува во фокусот на монетарната политика, а трговскиот дефицит во четвртиот квартал е нешто повисок од очекувањата.
Славески порача дека и понатаму постојат надворешни ризици, како и домашни фактори што влијаат врз доходот и побарувачката, поради што Народната банка останува подготвена, доколку е потребно, да ги искористи сите расположливи инструменти за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување ценовна стабилност на среден рок.