Во врска со јавно изнесените тврдења на компанијата Титан Усје дека работи „согласно европската регулатива“ и „според стандарди идентични со оние во Европската унија“, „Стоп за Усје“ ја информира јавноста дека овие наводи не се поткрепени со реалните технички параметри и практики што важат во современата европска цементна индустрија.
Според граѓанската иницијатива, анализата базирана на официјални BAT (Best Available Techniques) стандарди на Европската унија покажува значителни отстапувања во дозволените емисии и нивото на транспарентност, и тоа:
● Ниту една гранична вредност во дозволата на „Титан Усје“ не е усогласена со BAT перформансите во ЕУ
● Дозволените емисии се значително повисоки од оние во модерни европски цементари
● Во одредени случаи, вредностите се повисоки и до 2- 8 пати
● Мониторингот не е целосно транспарентен и не е јавно достапен во реално време
| Техничка споредба: ЕУ BAT стандарди vs. „Титан Усје“ Полутант | ЕУ BAT-AEL | Најдобри ЕУ практики | Дозвола за „Титан Усје“ | Разлика |
| PM (прашина) | 5–10 mg/Nm³ | 1–5 mg/Nm³ | 30 mg/Nm³ | 3–6 пати повисоко |
| NOx | 200–450 mg/Nm³ | 200–300 mg/Nm³ | до 800 mg/Nm³ | 2–4 пати повисоко |
| SO₂ | 50–200 mg/Nm³ | 20–100 mg/Nm³ | до 400 mg/Nm³ | 2–8 пати повисоко |
| HCl | <10 mg/Nm³ | <5 mg/Nm³ | недоволно регулирано | зголемен ризик |
| HF | <1 mg/Nm³ | <1 mg/Nm³ | селективен мониторинг | недоволна контрола |
| Диоксини | континуирано мерење | континуирано | ретко мерење | неусогласено |
| Тешки метали | дефинирани BAT-AEL | транспарентни | ограничени податоци | недоволна транспарентност |
Понатаму, и покрај тврдењата на ТИТАН Усје за „24-часовен независен мониторинг“, во пракса:
● НЕМА live пристап до мерењета за емисиите
● НЕМА 24/7 податоци од мерењата, туку дневни упросечени вредности
● НЕМА независен јавен мониторинг,
● НЕМА целосни податоци за тешки метали
„Стоп за Усје„ посочува деја наместо тоа, информациите се објавуваат во форма на упросечени дневни вредности преку неделни/месечни pdf.извештаи за само 2 од 12те емисиони точки дефинирани за Усје, што не овозможува целосна и навремена контрола.
Особено загрижува фактот, велат од иницијативата, што за одредени загадувачи, како што се диоксините, тешките метали и некои киселински гасови, мониторингот е ограничен или селективен, додека во Европската унија овие параметри се следат континуирано и со високо ниво на транспарентност.
„Стоп за Усје“ оценува дека е потребно да се нагласи дека европските стандарди не се сведуваат само на формално почитување на законски лимити, туку подразбираат примена на најдобри достапни технологии за постигнување на најниско можно ниво на емисии. Во таа насока, дополнителен проблем претставува и фактот што во Македонија сè уште се применуваат постари BAT стандарди од 2007 година кои Европската унија ги има надминато и ревидирано уште во 2013 година и продолжува со нивно заострување!
Активистите ги повикуваат сите заинтересирани, самоиницијативно и со целосна транспарентност, да направат споредба со конкретни европски цементари како Titan Greece, Heidelberg Materials, Lafarge, Buzzi и други и врз основа на јавно достапните податоци самостојно да се уверат во основаноста на наводите што ги изнесуваме.
Имајќи ги предвид сите овие факти, „Стоп за Усје“ вели дека може да се заклучи дека тврдењето на „Титан Усје“ за усогласеност со европските стандарди е неосновано и доведува до погрешно информирање на јавноста. Реалните податоци укажуваат на значителни отстапувања и во делот на емисиите и во делот на транспарентноста.