Во струмичките села во тек е бербата на црвената пиперка, но земјоделците се жалат дека приносите оваа година се значително намалени во споредба со лани. Тие тврдат дека главна причина за ова се неповолните временски услови во текот на летото. Како што велат, високите температури го намалиле приносот за околу 25%.
Во струмичкиот регион речиси никаде не сe одгледуваат пиперки на отворено. Целото производство е префрлено под пластеници, но и таму има штети од сѐ поизразените климатски промени.
,,Сушата предизвика појава на болести. Голем дел од земјоделците од Куклиш и околните села се обидоа да го заштитат приносот, но не успеаја. Има штети. Растенијата ги фати народски кажано ,,вењач“ и засеаното отиде во неповрат. Премногу беше топло. На тие температури растенијата го исфрлаат и цветот и плодот. Но, почнавме со засенчување на пластениците со заштитни мрежи или вар па некако го заштитивме производството“, изјавија производители од Куклиш.
Околу 65 милиони килограми пиперки од сортата „куртовска капија“, популарно наречена „ајварка“ се очекува да бидат набрани годинава во земјава. Ова се процените на производителите и откупувачите кои пред неполн месец ги утврдија цените за откуп на црвени пиперки за конзервно-преработувачките капацитети.
Според договорот постигнат пред почетокот на откупот, помеѓу Министерството за земјоделство од една страна и откупувачите и преработувачите од друга, цените се движат од 15 до 45 денари за килограм, во зависност од квалитетот и класификацијата. Ова претставува зголемување од околу 15% или пет денари по килограм повеќе во споредба со лани.
,,Апелирам до земјоделците да не брзаат со бербата и соодветно да го класифицираат родот. Прва класа ќе се откупува по 45 денари, прва-втора за 35 денари, втора за 20 денари и трета класа за 15 денари по килограм. Сите произведени количини ќе бидат откупени“, кажа претставникот на конзервно – преработувачкиот сектор во Југоистокот, Петар Атанасов од Гевгелија.
Освен во домашните преработувачки капаците, голем дел од македонската „куртовска капија“ оди и за извоз. Најголем интерес во моментов има од Србија, Хрватска и Бугарија. Пиперките што се за извоз се откупуваат по цена од 50 денари.
В.Т.
Преземено од Локал Актив
Фото: Локал Актив
*Локал Актив е онлајн медиум на локалните заедници од Источниот и Југоисточниот регион во РСМ, вклучително и на ранливите групи граѓани и граѓанските организации кои работат со нив.
Локал Актив е основан во рамки на проектот „Поттикнување на граѓанскиот ангажман во локалното владеење“, поддржан од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy) од САД. Реализацијата на овој проект и формирањето на Локал Актив произлезе од идејата дека непрофитните медиуми на заедницата се од клучно значење за остварувањето на комуникациските права на локалните заедници, а особено на ранливите и маргинализираните групи граѓани.
Локал Актив се надоврзува на активностите на Институтот РЕСИС за унапредување на комуникациските права на граѓаните на локално ниво, преку формирањето на Мрежата од совети на публики во која членуваат повеќе од 60 граѓански организации кои ги застапуваат правата на ранливите групи граѓани низ сите осум региони во РСМ.