Предложениот Буџет за 2026 година е документ кој ја турка државата во уште подлабока сиромаштија, неизвесност и задолжување, а граѓаните ги остава заборавени. Оваа влада нема никаков план за достоинствен живот на граѓаните. Единствено што знае е да приредува театар што сите скапо го плаќаме”, рече пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулевски, на седницата на Комисијата за финансирање и буџет.
Тој потенцираше дека со овој предлог буџет граѓаните се запоставени, средства не се доделуваат каде што се најпотребни, минималната плата е суровата реалност за граѓаните
„Затоа ја слушаме изјавата на министерот за економија, кој истакнува дека нема економска причина и оправданост за зголемување на минималната плата за работниците. Министерот, од безбедна дистанца и со одлична плата, им објаснува на сопствениот народ дека добро се живее со минимална плата, која, впрочем, е најниска во целиот регион. Повторно розови очила за власта и сурова реалност за работниците, потенцираше Трајчулевски.
Тој нагласи дека владата продолжува да ги крати средствата за значајни институции и проекти, како средствата за Инспекторатот за македонски јазик се скратени за 91%, и покрај тоа што СДСМ го основа за заштита на јазикот. Капиталните расходи се намалени за 15%, фискалната консолидација се врши на сметка на инвестициите, а не преку рационализација.
„2025 година завршува со само 50% реализација. Вакво потфрлање не е видено во нашата историја. И после две години власт, нема ниту еден нов проект”, рече Трајчулевски.
Тој додаде дека владата проектира буџет од 6,7 милијарди евра, поголем од најголемиот досега, оној за 2025 година. „Ова дополнително ќе ја влоши фискалната кондиција на земјата и тоа ќе го видиме наредната година, при првиот ребаланс. Ова не е буџет за развој, ова е буџет за купување време, за купување социјален мир, за купување политички опстанок”, посочи Трајчулевски.
Тој потенцираше дека новиот буџет е доказ за континуирани неисполнети ветувања и лаги.
– Добредојдовте во реалноста, таа е пресликана во буџетот што го предлага власта. Изборите поминаа, сега граѓаните на власта веќе не ѝ се важни. Се прави крупна манипулација со лажно прикажување раст на БДП од 3,8%. За 2026 година се планира задолжување од над 120 милијарди денари. Во 2027 каматите ќе бидат 500 милиони евра, само за камати”, потенцираше Трајчулевски.

