Во само неколку години, вештачката интелигенција од технолошка егзотика се претвори во нова инфраструктура, нешто без што економијата, институциите и секојдневниот живот сè потешко функционираат. Зад сите „паметни“ услуги, од автоматски преводи и дигитални асистенти до системи за медицинска дијагностика и управување со фабрики, стојат огромни дата-центри полни со сервери што работат непрекинато. Тие сервери веќе трошат количини електрична енергија споредливи со потрошувачката на помали градови. Прогнозите предупредуваат дека до 2030 година глобалната потрошувачка во дата-центрите ќе се удвои, а онаа поврзана со вештачката интелигенција ќе порасне неколкукратно. Наместо класична енергетска криза од недостиг, светот влегува во нов тип криза – судир помеѓу експлозивната дигитална побарувачка и ограничените енергетски и мрежни капацитети.
Овој дигитален апетит тивко ја редефинира енергетската економија: струјата сè помалку е само ресурс за домаќинства и индустрија, а сè повеќе предуслов за дигитален суверенитет. Таму каде што има стабилна, доволна и релативно евтина електрична енергија, ќе никнуваат дата-центри, истражувачки центри за ВИ и нови работни места. Таму каде што ја нема, ќе растат само сметките и зависноста.
Глобална трка за струја и дигитална моќ
Во Северна Америка, големите технолошки корпорации веќе вложуваат стотици милијарди евра во нови дата-центри и супер-компјутери за вештачка интелигенција, потпирајќи се на комбинација од гас, обновливи извори и скапа високонапонска инфраструктура. Таму каде што регулативата е поповолна, никнуваат цели „долини“ на ВИ-индустрија, со локални економии што зависат од тоа дали серверите ќе останат да вртат токму таму. Во Европа, пак, електроенергетските системи се веќе на работ на капацитет, а плановите за нови центри за ВИ отвораат прашање дали ќе има доволно чиста струја и кој ќе ги плати зголемените трошоци. Се разговара за нови интерконектори, за оживување на нуклеарната енергија и за „резервирање“ обновлив капацитет за дигиталната економија, но политичките одлуки се бавни, а технолошките апетити забрзано растат.
Во Азија, особено во Кина и Индија, растот на потрошувачката на електрична енергија се темели на мешавина од јаглен, обновлива енергија, масивни батериски системи и водородни програми, со амбиција да се обезбеди технолошка и енергетска самодоволност. Таму ВИ и енергетиката се гледаат заедно: се планираат цели региони како хабови каде што истовремено се произведува струја и се „преработува“ во дигитални услуги. Во ваков свет, енергијата станува прашање на национална безбедност: кој има струја, има ВИ; кој нема струја, станува корисник на туѓи технологии под туѓи услови.
Во оваа слика добро се вклопуваат и предупредувањата дека дата-центрите за ВИ до 2030 може да ја зголемат потрошувачката на струја четирикратно, приближувајќи се до годишната потрошувачка на цели држави. Аналитичари сликовито забележуваат дека „ВИ и натаму ќе еруптира, но ќе нема доволно струја да ја напојува“ и дека борбата за ефикасни и „зелени“ дата-центри станува политичко, а не само техничко прашање – оценка што добро се поклопува со глобалните трендови и извештаи.
Македонија меѓу криза и шанса
Во оваа глобална трка, Македонија влегува без јасна мапа и без компас. Земјата е мал потрошувач на електрична енергија во светски рамки, но е многу чувствителна на ценовни шокови и увозна зависност. Домашното производство се потпира на застарени капацитети, делумно зависни од временски услови, додека потенцијалот за обновливи извори (сонце, ветер, модерни хидроцентрали) останува недоразвиен, заглавен меѓу политички калкулации, административна инерција и лични интереси на локалните моќници. Во момент кога сериозни меѓународни извештаи најавуваат драматичен раст на побарувачката за струја од центрите за податоци за ВИ до 2030 година, македонските стратешки документи сѐ уште главно зборуваат за „зголемување на сигурноста на снабдувањето“ без да ја именуваат новата, дигитална димензија на проблемот.
Речиси и да не се се отвора прашањето како да изгледа енергетскиот систем што ќе може истовремено да ги снабдува и граѓаните, и индустријата, и евентуалните дигитални хабови. Наместо план за паметно позиционирање во регионалната дигитална економија, земјава останува заробена меѓу новото поскапување на струјата и недостатокот на знаење, одлучност и одговорност како да максимално да се искористат природните предуслови за енергетски развој кои ги поседува Македонија.
Во меѓувреме, во крајно нетранспарентни околности, унгарскиот конгломерат 4iG најавува сериозни инвестиции во дигитална и телекомуникациска инфраструктура во регионот во Македонија, но дебатата за тоа под кои услови и со каква енергетска поддршка ќе се реализираат тие вложувања е сведена на соопштенија и церемонии, без суштинска расправа за долгорочните последици. Европската Унија, пак, преку различни иницијативи отвора простор за центри за вештачка интелигенција и истражувачки мрежи и на Западен Балкан, но за да се искористи тоа, потребни се подготвени локации, стабилна мрежа и јасни регулаторни правила – нешто што Македонија сè уште го нема артикулирано како јасна понуда.
Ризиците од продолжување на оваа пасивност се сериозни. Прво, зголемената глобална побарувачка за електрична енергија од ВИ-центрите и индустријата логично ќе се одрази на цените, а земја со веќе оптоварени домаќинства и мали бизниси може да ја почувствува таа промена многу побрзо и поболно од побогатите системи. Второ, постои реална опасност во еден момент под притисок на инвеститори и меѓународни партнери да се прифатат енергетски интензивни проекти, големи дата-центри или индустриски зони, без јасни услови за употреба на обновлива енергија, без гаранции дека локалните потрошувачи нема да ја финансираат преку сметките туѓата дигитална експанзија. Трето, без сопствена визија и човечки капацитети, Македонија ризикува да остане само „локација со приклучок“, а не партнер што преговара од позиција на знаење и сила.
Некој затвора очи пред очигледните решенија
Но има и алтернативен пат, кој политичкиот систем засега или не го гледа, или не сака да го види. Првата линија на промена е транспарентно, одговорно и државничко откочување на стратегиските енергетски проекти. Од големите хидроцентрали, преку соларните и ветерните паркови, до модернизација на мрежата, со јасна цел дел од новиот капацитет да биде резервиран за дигитална инфраструктура, а не само за пополнување на старите дупки. Тоа значи да се планира однапред: ако утре одлучиме да овозможиме изградба на еден или неколку регионални дата-центри, да знаеме од каде доаѓа нивната струја, под кои услови и со кои заштитни механизми за граѓаните.
Втората линија е дизајнирање на посебен регулаторен режим за дата-центри и ВИ-инфраструктура. Инвеститорите можат да добијат јасни и предвидливи правила, но за возврат треба да прифатат обврски: висок удел на обновлива енергија во нивното снабдување, фер тарифи за користење на мрежата, обврска да инвестираат и во локални капацитети и обука, а не само во „железо“ и бетон. Така, ВИ не би била само дополнителен потрошувач, туку и мотор за модернизација на енергетскиот систем.
Третата линија, често најпотценета, е вложувањето во луѓето. Универзитетите и стручните школи одамна ја согледаа потребата од образовни програми во вештачка интелигенција, енергетика и кибер-безбедност, а македонските тимови веќе покажуваат дека можат да развиваат сопствени модели и решенија на македонски јазик. Со сериозна поддршка, овие иницијативи можат да создадат генерација експерти што нема да бидат само оператори на туѓи системи, туку рамноправни партнери во нивниот развој. Без тоа, ризикуваме да станеме аутсорс‑локација за евтина работа и скапа струја.
Конечно, сето ова е невозможно без радикално зголемена транспарентност. Во време кога самата вештачка интелигенција се користи и за производство на дезинформации и манипулации, договорите за енергетика и дигитална инфраструктура мора да бидат отворени за јавноста, а медиумите и граѓанските организации да имаат време и алатки да ги анализираат. Инаку, ризикуваме да се разбудиме во земја каде што машините имаат струја, а граѓаните само поголеми сметки и помалку контрола.
Помеѓу 2026 и 2030 година, вештачката интелигенција ќе се вгради уште подлабоко во здравството, образованието, индустријата и јавните услуги, а зад таа експанзија ќе стои сè поголема потрошувачка на електрична енергија. Дебатата за ВИ веќе се поместува од прашањето „дали воопшто да ја користиме“ кон прашањето „под кои услови и со какви енергетски и општествени последици“. За мала земја како Македонија, ова не е апстрактна тема, туку прашање на опстанок и достоинство: дали ќе бидеме играч што свесно ги бира своите сојузници, инвестиции и модели на развој, или ќе глумиме жртва што „нема избор“ додека други одлучуваат наместо нас.