Виновникот е на небото – новиот „авио-инфлаторен” трик на Славески

Славески

Инфлацијата во декември не полета од скопскиот аеродром, иако гувернерот Трајко Славески упорно се обидува да нѐ убеди дека сѐ е до авионските билети.

Наместо трезвена економска анализа, јавноста доби “удобна” приказна во која инфлацијата е каприциозен патник во бизнис класа, а домашната политика е само невин сопатник кој нема никаква вина.

Во својата изјава, Славески ја сведува декемвриската инфлација, растот на цените во однос на ноември, на една категорија: авио транспортот. Таму, навистина, е регистриран силен скок, кој, според објаснувањето, „статистички ја изобличил“ сликата за цените. Поентата е јасна: ако го тргнеме транспортот од равенката, инфлацијата практично исчезнува и се враќаме во удобната зона на „стабилност“.

Но ваквото „ако ги исклучиме непријатните работи, немаме проблем“ манипулирање не е економија, туку политичка реторика облечена во проценти. Државната статистика јасно покажува дека во 2025 цените пораснале во низа категории – храна, ресторани и хотели, рекреација и култура, алкохол и тутун, мебел и други услуги – значи, не се качил само авионот, се качил целиот трошочен живот.

И во самиот декември, освен транспортот, раст има и кај рекреацијата, здравството, угостителството, домувањето и енергенсите, што значи дека инфлацијата не може да се сведе на една ставка, колку и да е таа медиумски привлечна.

Во декември патува целиот свет, но инфлацијата не порасна во целиот свет

Особено е забавно што во обидот да ја „демонизира“ авио-картата, гувернерот целосно го игнорира глобалниот контекст. Декември е месец на патувања насекаде, и во Берлин, и во Атина, но тоа не значи дека цел свет одеднаш добил дијагноза „авиоинфлација“. Во еврозоната, на пример, годишната инфлација во декември се движи блиску до таргетот на централната банка и не е резултат на некакво драматично поскапување на авиопревозот, туку на поширок микс од фактори. Во земји со далеку поголем авио-сообраќај од нашиот, како Германија или Грција, никој сериозно не тврдеше дека авиобилетите ја „изобличуваат“ статистиката, ниту дека без нив бројките би биле волшебна нула.

Во Германија, која реално е авио-чвориште на Европа, годишната инфлација во декември паднала на 1,8%, а месечната била 0,0% во однос на ноември – значи масовното патување не произведе никакво „авиоинфлаторно“ чудо.

Грција, класична дестинација за туризам и авионски летови, забележува месечна инфлација од 0,18% во декември и годишна од околу 2,9%, без да ѝ падне на памет на нејзината централна банка да ја прогласи категоријата авионски превоз за главен виновник.

Трезен поглед

Кога ќе се тргне пропагандната магла, сликата е прилично трезна: македонската инфлација во 2025 е резултат на пошироки, структурни притисоци во економијата, не на сезонскиот скок на едно мало подточје во кошничката. Домашната потрошувачка, цените на храната, услугите, сместувањето и енергенсите создаваат реален притисок врз стандардот, особено за домаќинствата кои немаат ни можност да купат авионски билет, но многу добро ја чувствуваат инфлацијата – на каса, не на пасошка контрола. Обидот тој притисок да се сведе на „приказна за патување“ е удобен за носителите на политиките, но циничен за граѓаните.

Ова не е првпат Славески да се обиде да ја скроти реалноста со вешто избрана статистичка реченица. Во минатите години, и во време на двоцифрени ценовни шокови, често допираа до јавноста пораки дека „инфлацијата е под контрола“, дека трендовите се добри и дека нема простор за загриженост – иако граѓаните истовремено се соочуваа со поскапувања кај храната, сметките и услугите побрзи од растот на платите. Во таа традиција, „авиоинфлацијата“ е само нова варијанта на истата стара практика: кога бројките не одговараат, се бара „екзотична“ статистичка причина што ќе го пренасочи вниманието од суштината.

А суштината е едноставна и прилично приземна: инфлацијата не се мери со удобноста на наративот, туку со тежината на сметките што ги плаќаат граѓаните. А тие сметки не ги издава ниту аеродромот, ниту авиокомпаниите, туку домашниот систем на политика, економија и регулација кој, наместо да се соочи со проблемите, полесно наоѓа виновник на небото, отколку на земја.

Зачлени се на нашиот е-билтен