ТАВ Македонија објави дека од летната сезона 2026, Виз ер ќе воведе три нови дестинации од македонските аеродроми, како и повторно ќе ги врати веќе постоечките рути кон Будимпешта и Катовице. Истовремено, авиокомпанијата ќе го базира својот шести авион на Меѓународниот Аеродром Скопје, што е важен чекор за понатамошна експанзија на македонскиот авијациски пазар.
Од март 2026 година, Скопје ќе добие директни летови кон Неапол, Италија, а повторно ќе се воспостави линијата до Будимпешта, Унгарија. Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид ќе понуди летови до Милано Малпенза и Вроцлав, како и повторно кон Катовице.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, истакна дека проширувањето на мрежата на авиолинии ја зајакнува улогата на македонските аеродроми како клучни врати кон Европа. „Новите линии ќе обезбедат повеќе можности за патување и мобилност на граѓаните и ќе ја зголемат конкурентноста на двата аеродроми во регионот“, изјави Курт.
Летовите од Скопје кон Неапол и Будимпешта ќе се реализираат трипати неделно, секој понеделник, среда и петок, со почеток на 30 март 2026 година. Од Охрид, директните летови до Милано, Вроцлав и Катовице ќе се извршуваат двапати неделно, со старт на линиите кон Милано на 30 март 2026, кон Вроцлав на 7 јуни и кон Катовице на 8 јуни 2026 година.
Со овие нови и повторно воведени дестинации, македонските патници ќе имаат можност да ја истражат културната и историската разновидност на Европа, од гастрономскиот Неапол и модниот Милано до динамичните полски центри Вроцлав и Катовице и историската Будимпешта.