Владата од 1 јануари 2026 ќе пресметува просечна потрошувачка кошничка

Владата од 1 јануари 2026 година ќе започне со пресметување на просечна потрошувачка кошничка, покрај минималната потрошувачка кошничка што досега ја утврдуваат синдикатите, најави заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески. Изјавата ја даде денеска при посетата на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Како што посочи Ристески, новата просечна потрошувачка кошничка ќе се однесува на најмалку четиричлено семејство и ќе служи како основа за креирање идни економски политики и мерки за заштита на животниот стандард. Прашањето ќе биде разгледувано на седница на Економско-социјалниот совет, закажана за 22 декември.

„Една од точките на дневниот ред ќе биде токму пресметувањето на просечната потрошувачка кошничка, која веќе им е дадена на увид на синдикатите и работодавачите. Доколку биде одобрена, од 1 јануари, покрај синдикалната минимална кошничка, ќе имаме и официјална просечна потрошувачка кошничка на ниво на државата“, изјави Ристески.

Тој појасни дека при пресметката ќе се користат податоци од најголемите супермаркети во земјава, како и цени на основните прехранбени производи и други неопходни трошоци за просечен живот. Ќе се земаат предвид и регионалните разлики, а кај овошјето и зеленчукот ќе се пресметуваат производи карактеристични за конкретниот период од годината.

Ристески нагласи дека ова нема да биде единствената официјална кошничка што ќе се пресметува.

„Планираме во иднина да се пресметуваат и други потрошувачки кошнички, за двочлено и тричлено семејство, како и за пензионери. Сите овие прашања ќе бидат предмет на понатамошни разговори во рамките на Економско-социјалниот совет“, рече тој.

Во однос на минималната плата, заменик-министерот истакна дека постои важечки закон за нејзино пресметување и дека усогласувањето треба да се изврши на 31 март 2026 година.

„Како Влада и Министерство сме отворени за дијалог со синдикатите и работодавачите. Доколку тие се договорат за промена на постојната формула и за повисок износ на минималната плата, Владата ќе го почитува тој договор. Додека нема согласност, ние сме обврзани да го применуваме законот, според кој зголемувањето на минималната плата би изнесувало од 1.700 до 2.000 денари“, изјави Ристески.

Зачлени се на нашиот е-билтен