Запре бербата во Преспа – откупна јаболкото за 4 денари, берачите бараат 50 евра дневница, овоштарите гневни

Преспа

Иако преспанскиот јаболкобер официјално и традиционално започна на 27 септември, овоштарниците се празни, а производителите чекаат повисока цена од сегашните 4 денари за килограм индустриско јаболко. Велат дека цената е катастрофална, пониска од производствената, а за да им исплатат една дневница на надничарите ангажирани во бербата, треба да продадат околу 750 килограми јаболка.

Кире Карапалевски / Фото: Е.М.

„Цената на индустриското јаболко е 4 денари, а еден работник бара 50 евра. Со јаболката што ќе ги собереме, не можеме да ги платиме работниците. Никој не предава јаболка. Ниска е цената и на конзумното јаболко, 15 денари. Лани индустриското се откупуваше по 10-11 денари, а конзумното 25-30 денари. Годинава цената е катастрофална“, вели Кире Карапалевски, овоштар.

„Почетната цена не ги исполнува очекувањата на овоштарите, која е 4 денари, и нам ни е потребна поддршка од државата во секој случај. Ние во моментот не ги собираме јаболката надевајќи се на повисока цена за индустриското јаболко“, вели Љубе Пампулевски, претседател на здружението на овоштари „Благој Акотларовски“ од Ресен.

Со години наназад климатските промени ја намалуваат реколтата на јаболка во Преспа. Истото се случи и оваа сезона. Доцните пролетни мразови во мај уништија дел од родот, а производството дополнително беше погодено од врнежите од град.

Љубе Пампулевски / Фото: Е.М.

„Во изминатите години, заради климатските промени, заради доцните пролетни мразови имавме десеткувано производство, така и годинава, за жал. Овоштарите во Преспа без проблем, во идеални услови, можат да произведат повеќе од 200.000 тони јаболка. Оваа година, за жал, имаме очекуван род од 50 до 60 илјади тони. Значи, вкупната количина јаболка едвај ја задоволува потребата на македонскиот пазар, кој во просек троши од 25 до 35 илјади тони во текот на една сезона или една реколта“, додава Пампулевски.

Дополнителен товар за производителите се и неисплатените субвенции за килограм јаболка од 2024 година.

„Дојдоа за јаболкоберот, го одржаа, се сликаа и не кажаа ништо. Сите овоштари ги чекаа да кажат нешто за тие 2 денара субвенции за килограм јаболка. Не знам како ќе се издржи оваа берба без исплатени субвенции“, вели Карапалевски.

Од Министерството за земјоделство велат дека за цената на индустриското јаболко се разговарало со овоштарите, откупувачите и преработувачите, но таа е пазарна категорија и не може административно да се утврдува. Оттаму додаваат дека посредуваат меѓу страните и го следат процесот на откуп.

„Министерството, во рамките на своите надлежности, активно посредува во комуникацијата меѓу производителите, откупувачите и преработувачите за да биде родот преземен навреме и процесот да се одвива организирано. Државниот инспекторат за земјоделство е присутен на терен и го следи откупот, работата на откупните места и почитувањето на законските обврски.“ наведуваат од МЗШВ.

Во однос на субвенциите, Министерството информира дека исплатите за овошните насади за 2024 година се исплатени, освен кај корисниците со неподмирени обврски.

Е. М.

Преземено од Локал Актив Пелагонија, онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?