АФЕТ го отвора патот: Извештајот за Северна Македонија усвоен со широко мнозинство

Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент денеска едногласно го изгласа извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2023 и 2024 година, подготвен од австрискиот европратеник Томас Вајц. Документот, прв што ја опфаќа земјата по пауза од 2022 година, доби силна поддршка од сите политички групи.

Вајц, известувач за Скопје, изрази гордост за, како што рече, „добро избалансираниот извештај што ја одразува посветеноста на земјата кон европскиот пат“. Според него, во сложениот геополитички контекст Европската унија мора да остане обединета со своите соседи, а „Северна Македонија припаѓа во ЕУ“. Тој повика моменталниот политички импулс да се искористи за забрзување на преговорите по „дваесет години исчекување“.

Патот на извештајот не беше без отпор. Првичното гласање, планирано за 4 јуни, беше одложено по притисок од дел од бугарските европратеници, кои се спротивставија на јасните формулации за македонскиот јазик и идентитет. По дополнителни преговори, компромисното решение се најде, а извештајот остана недопрен во клучните формулации за јазикот и културниот идентитет.

Во содржината, извештајот го препознава континуираниот напредок на Скопје во усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, бара „брзи чекори“ во уставните измени и ја нагласува потребата да се зачува кредибилитетот на проширувањето. Со повеќекратни референци кон македонскиот јазик, документот испраќа порака дека културно-идентитетските прашања не смеат да станат препрека на патот кон членство.

Следната станица е пленарната седница во Стразбур, закажана од 7 до 10 јули, кога извештајот треба да добие конечен печат од европратениците. Од Софија веќе пристигна најава дека ќе биде побарано „мислење на малцинството“, но европските дипломати велат дека тоа нема да го доведе во прашање главното политичко мнозинство.

АФЕТ денеска испрати јасен сигнал: Северна Македонија има поддршка во Брисел – ред е таа поддршка да се претвори во конкретен чекор напред во проширувањето.

Зачлени се на нашиот е-билтен