Новите 30-процентни американски давачки што треба да стапат во сила на 1 август „во суштина ќе ја оневозможат трговијата меѓу САД и Европската унија“ и силно ќе ги погодат граѓаните на двете страни на Атлантикот, предупреди еврокомесарот за трговија Марош Шефчович.
Шефчович откри дека Брисел со „жалење и разочарување“ го примил писмото од претседателот Доналд Трамп со најавата за царините, но истовремено вети дека ќе работи со Вашингтон за излез од кризата. Во наредните недели, рече тој, министрите за надворешни работи и за трговија на земјите-членки ќе ги разгледаат следните чекори, фокусирани на четири насоки: преговори, мерки за ребалансирање, координација со истомисленички партнери и диверзификација на трговијата.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен потврди дека Унијата ја одложува сопствената листа на „контратарифни“ мерки до 1 август, оставајќи околу две недели за дипломатско решавање. „Оваа ескалација само покажува колку е важно ЕУ да ја прошири својата трговска мрежа“, додаде таа.
Трамп минатата недела објави дека новите давачки ќе бидат наметнати за сите стоки увезени во САД од земјите на Европската унија и од Мексико, прикачувајќи копии од своите писма до фон дер Лајен и до мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум на платформата Truth Social.
Брисел сега се соочува со тесен рок: да обезбеди договор со Вашингтон што ќе ја спречи царинската „војна“ и ќе го зачува годишниот трансатлантски стокообрт вреден повеќе од 800 милијарди евра.