Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Дипломатскиот јазик на ЕУ преведен на обичен, „народски“, вели ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата го кочат прогресот

Зоран БОЈАРОВСКИ

Дипломатскиот јазик на Европската Комисија (ЕК) во својот најнов извештај за напредокот на Северна Македонија во евроинтегративниот процес повикува на конструктивен дијалог во Собранието.

Во делот на функционалност на демократските институции Европската комисија посочува дека е потребно да има конструктивен и инклузивен политички дијалог во Собранието, особено за реформите поврзани со ЕУ. Се укажува на потребата да се донесат уставните измени, како и обврските од Дијалогот „Жан Моне“.

Тоа е дипломатскиот речник, а обичниот „народниот“ вели – ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата го кочат прогресот, односно ние знаевме, а ЕК потврди: ВМРО-ДПМНЕ е кочничарот на евроинтеграциите.

Во суштината на слабостите коишто ги констатира Извештајот се политичката поларизација и блокадата на Собранието како место каде што се носат законски и реформски одлуки.

Навистина, секоја влада има своја цел и мисија. Но, ако единствената цел на една политичка структура каква што е ВМРО-ДПМНЕ е да дојде или да остане на власт само заради партиските интереси тогаш никогаш таа, како таква, нема да се реши ниту едно прашање.

На пример, ако ВМРО-ДПМНЕ сакаше да ги реши отворените прашања со соседите порано, тоа ќе беше во многу поповолни услови за нас, бидејќи видовме дека времето не работи во наша полза.

Договорот со Бугарија постојано го одлагаа, а решението со Грција го свртеа во сосема погрешна насока, во антиквизација, и со тоа не само што го блокираа и тој процес, туку и го предизвикаа чудењето, да не речеме гневот на нашите стратешки партнери кога видоа дека политиките на ВМРО-ДПМНЕ му намигнуваат на истокот.

Едноставнио кажано, ВМРО-ДПМНЕ за клучни прашања нема(ше) ниту храброст, ниту волја, ниту капацитет за решавање.

Уште повеќе, ВМРО-ДПМНЕ ја одби понудата заедно со Владата да учествува во донесувањето на Закон за преговори со ЕУ. Законот беше понуда за заедничко дефинирање на улогата на Собранието, Владата и опозицијата во процесот на преговори. Процес во кој тие ќе може активно и суштински да партиципираат.

И тоа го отфрлија.

Наместо тоа и наместо да учествуваат во градењето на нашата европска иднина како реална македонската европска приказна на темели и факти, врз основа на веќе постигнати резултати, ВМРО-ДПМНЕ тргна во мисија да сее страв и паника кај граѓаните, заплашувајќи ги дека се изгубени нашите идентитетските обележја, со цел да бараат и да ги доведат само до избори.

ВМРО-ДПМНЕ блокадите во Собранието ги „пресликува“ и во локалните самоуправи, односно во општините каде што „владее“ оваа партија. Да потсетиме само на три општини, Лозово, Свети Николе и Битола во кои се блокираа проектите финансирани од ЕУ и сѐ што треба да се направи за подобро и поефикасно управување со отпадот и заштита на животната средина, односно инвестиции со вредност од над 49 милиони евра.

Делегацијата на ЕУ тоа многу добро го знае и затоа понуди дополнителна помош со експерти од во Австрија и Словенија за да се види како таквите проекти во овие земји функционираат на најдобар можен начин во полза на граѓаните.

Затоа е лицемерно ВМРО-ДПМНЕ во Собрание да ги блокира или критикува проектите поддржани од ЕУ или евроинтегративните процеси, а таму каде што имаат власт да ги кочат европските проекти.

Но, веќе многу јасно им е граѓаните, дека се однесуваат деструктивно и пласираат лажни вести.

Така ги плетеа лажните хорор приказни за бугаризација, за бришење на идентитетот, за тоа дека Фронтекс нема да се потпише на македонски и дека сме се откажале од јазикот.

Но и таа битка ја загубија. Нашиот идентитет е потврден и зајакнат. Нема оспорување на нашиот јазик и идентитет. Повеќе немаме фрустрации и гнев дека не сме признаени и дека сме оспорувани.

Во преговорите со ЕУ ние сме Македонци и Македонки што зборуваат македонски јазик без фуснота.

Веќе е сосема јасно дека одлагањето или ставањето во неизвесност на преговорите го става во неизвесност и реформскиот процес според ЕУ стандарди

До крајот на оваа година ќе се навршат речиси полни 18 месеци од првата Меѓувладината конференција со којашто земјата ги отвори преговорите со ЕУ. Извештајот потврдува дека македонските институции успешно ги спроведуваат билатералните скрининзи и дека ги имаме сите потребни капацитети за отворање на поглавјата како влез во следната фаза од преговорите за европската интеграција.

За тој чекор неопходни се одговорни одлуки од пратениците прифаќање на амандмнаките за измени на Уставот. Само на тој начин нема повторно да заглавиме во чекалната и да влеземе во нова изолација. Само на тој начин ќе ја оствариме целта – МКД во ЕУ до 2030 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен