ЕК: Владата заостанува во економските реформи, фискалната консолидација одложена поради зголемени плати и пензии

Во најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија се наведува дека Владата не постигнала напредок во клучните економски реформи, а плановите за фискална консолидација и целосна имплементација на Органскиот закон за буџет, првично предвидени за 2025 година, се одложени.

Според Комисијата, земјата има само ограничен напредок во економските критериуми и е на „добро ниво на подготовка“ за развивање на функционална пазарна економија, но сè уште се соочува со сериозни структурни предизвици.

Во извештајот се наведува дека реалниот раст на БДП се забрзал во 2024 година, поттикнат од приватната потрошувачка и јавните инвестиции, но надворешната позиција се влошила, а инфлацијата повторно пораснала од септември 2024 година по претходниот пад.

Фискалниот дефицит за 2024 година го надминал првичниот план како резултат на зголемувањето на платите и пензиите во јавниот сектор, што го одложува процесот на фискална консолидација и почитувањето на буџетските правила.

Буџетскиот дефицит изнесува 4,4% од БДП, што е над планираното ниво, додека капиталните инвестиции се намалени, а тековните расходи растат. Според извештајот, државата троши повеќе на плати и пензии, додека развојните проекти се со бавна динамика, а јавниот долг покажува загрижувачки растечки тренд.

„Извршувањето на планираните капитални расходи продолжува да страда поради слабата реализација на јавните инвестиции. Напорите за формализација на неформалната економија се заглавени,“ стои во документот на Европската комисија.

Во заклучокот, Брисел апелира до властите во Скопје да се насочат кон стабилна фискална политика, поголема ефикасност во јавните инвестиции и забрзување на економските реформи за да се подобри конкурентноста и да се создадат услови за одржлив раст.

Зачлени се на нашиот е-билтен