Европското јавно обвинителство (ЕППО) денеска соопшти дека доставило докази до грчкиот парламент за можлива вмешаност на двајца поранешни министри за земјоделство во „масовна измама“ со европските агрофондови. Според обвинителството, функционерите – идентификувани од владини извори како Макис Воридис и Лефтерис Авгенакис – наводно помогнале во неправилно исплаќање на субвенции за пасишта што барателите не ги поседувале, со што се оштетил европскиот буџет и вистинските земјоделци останале без средства.
Скандалот веќе резултираше со казна од речиси 400 милиони евра од Европската комисија и затворање на државната агенција ОПЕКЕПЕ, задолжена за исплата на субвенциите, чии раководители се соочија со отпор и притисоци при обидите да спроведат истрага. ЕППО додава дека поради грчкото законодавство може да гони членови на влада само парламентот, па бара усогласување за да ја продолжи истрагата.
Воридис преку социјалните мрежи негираше какво било кривично дело, додека Авгенакис сè уште нема јавен став.