ЕУ е посветена на чувување на сеќавањето на холокаустот на Ромите и на справување со неговото негирање и искривување

Остануваме обединети во борбата против дискриминација на Ромите што продолжува да претставува сериозна закана за ромските заедници во Европа и ја потврдуваме нашата заложба да го зачуваме сеќавањето на холокаустот на Ромите преку образованието и со справување со сите форми на неговото негирање и искривување. 

Ова се наведува во заедничката изјава на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, извршната потпретседателка на ЕУ за социјални права, вештини, квалитетни работни места и подготвеност Роксана Минзату и еврокомесарката за еднаквост, подготвеност и справување со кризи Хаџа Лабиб по повод Денот на сеќавање на холокаустот на Ромите – 2 август. 

– Денес, им оддаваме почит на 4.300 деца, жени и мажи Роми и Синти кои на 2 август 1944 година, беа насилно одведени во смрт во гасните комори во Аушвиц-Биркенау – брутален чин на масовно убиство извршен пред 81 година. На овој ден се сеќаваме на сите 500.000 Роми кои беа убиени за време на холокаустот – геноцид кој одзеде милиони невини животи и ги раздели семејствата, заедниците и културите низ цела Европа, се наведува во изјавата. 

Фон дер Лајен, Минзату и Лабиб посочуваат дека ова година се одбележува една деценија од официјалното признавање на 2 август како Европски ден на сеќавањето на холокаустот на Ромите.

– Недвосмислено ја потврдуваме нашата посветеност да го почитуваме сеќавањето на жртвите Роми и Синти и да осигуриме дека нивното страдање никогаш нема да биде заборавено, занемарено или намалено. Сеќавањето на жртвите го чуваме во нашите срца и стоиме заедно во одлучноста да обезбедиме дека човечкото достоинство е почитувано, различноста се прифаќа и дека за омразата нема место. Никогаш нема да заборавиме, се додава во изјавата. 

Зачлени се на нашиот е-билтен