Европската унија планира да распореди експерти за управување со границите за да го поддржат повторното отворање на преминот Рафа меѓу Египет и Појасот Газа, потврдија денеска дипломати за ДПА.
Земјите-членки го одобрија ревидираниот план за Мисијата на ЕУ за гранична помош за преминот Рафа, која првпат беше формирана во 2005 година за да помогне во контролата на преминот.
Нема присуство на ЕУ на граничниот премин откако исламистичката група Хамас ја презеде власта во Појасот Газа во 2007 година.
Во почетната фаза, ќе бидат распоредени низок двоцифрен број гранични експерти и помошен персонал на ЕУ за да ги надгледуваат граничните проверки, доколку е можно од почетокот на февруари, велат дипломатите.
Повторното отворање на преминот Рафа е дел од трифазен договор за прекин на огнот меѓу Хамас и Израел и треба да овозможи значителни количини хуманитарна помош да стигнат до Газа.