Евробарометар: Голема поддршка за ЕУ во Македонија, над половина од европските граѓани го поддржуваат проширувањето

Според најновото истражување на Евробарометар, 70 отсто од граѓаните на Северна Македонија го поддржуваат членството во Европската Унија, при што како главни придобивки ги наведуваат слободата на патување, отворените граници, слободната трговија и подобрување на животниот стандард.

На прашањето кога очекуваат Македонија да стане дел од Унијата, 27 проценти веруваат дека тоа ќе се случи во наредните пет години, 35 проценти проценуваат за пет до 15 години, додека 16 проценти сметаат дека ќе бидат потребни повеќе од 15 години. Иста стапка од 16 проценти веруваат дека земјата никогаш нема да стане членка.

Ставот на граѓаните кон ЕУ е генерално позитивен: 23 проценти имаат многу позитивна слика, а 42 проценти – прилично позитивна. Само 10 проценти изразиле негативен став, а 4 проценти многу негативен. Повеќето – 90 проценти – сметаат дека се добро или делумно информирани за процесот на интеграција, а 70 проценти веруваат дека придобивките од членството ќе ги надминат недостатоците.

Најголемите очекувани придобивки се отворените граници и можноста за патување без визи (48%), слободната трговија (43%) и поквалитетниот живот (42%). Главните предизвици за земјата, според граѓаните, се одливот на млади и миграцијата (44%), зголемувањето на бирократијата (20%) и бројот на европски регулативи (17%).

Кога станува збор за пречките за членство, 41 процент од граѓаните ја наведуваат корупцијата, 38 проценти – недоволната владеење на правото и слабото судство, а 37 проценти сметаат дека одредени земји членки се несогласуваат со зачленувањето.

Истражувањето исто така покажува дека граѓаните најмногу сакаат ЕУ да инвестира во економски развој (39%), здравство (32%) и поддршка за младите (24%). Довербата во ЕУ кај македонските граѓани изнесува 75 проценти, повисока од довербата кон НАТО (73%) и приближна на онаа кон Светската банка и ММФ.

Глобално, 56 отсто од европските граѓани го поддржуваат проширувањето на Унијата, особено помладите од 15 до 39 години, каде стапката на поддршка достигнува две третини. Еврокомесарката за проширување Марта Кос оцени дека резултатите ја потврдуваат довербата на граѓаните во кредибилен процес базиран на вредности, кој ќе донесе мир, просперитет и пообединета Европа.

Зачлени се на нашиот е-билтен