Европската Унија започнува нов модел на соработка меѓу државите, производителите на енергија и индустриските потрошувачи, познат како „трипартитни договори“. Целта е европските компании да добијат сигурен и прифатлив извор на електрична енергија и гас, а во исто време да ги поттикнат инвестициите во обновливи извори на енергија и складирање на енергија.
Оваа иницијатива доаѓа во време кога растечките цени на енергијата и глобалната економска неизвесност претставуваат голем предизвик за индустријата и работните места низ цела Европа.
Европската комисија планира да ги спроведе првите вакви договори во „офшор“ секторите за ветер и електрична мрежа, како и во секторот за складирање на енергија. Идејата е јавниот сектор, производителите на чиста енергија и индустриските потрошувачи да се обединат со цел да се намали нестабилноста на пазарот и високите цени, но и да се создаде поволна средина за инвестиции.
Таканаречените трипартитни договори се посебни договори во кои учествуваат три учесници: државниот или јавниот сектор, производителите на енергија и индустриските потрошувачи. Целта е да се обезбеди сигурна и прифатлива енергија за компаниите, додека производителите добиваат стабилна побарувачка за своите проекти.
Комесарот за енергетика и домување, Ден Јоргенсен, објасни дека на европските компании им е потребна сигурна и прифатлива енергија за да останат конкурентни, додека производителите на чиста енергија бараат стабилна побарувачка за да ги оправдаат инвестициите.
„Трипартитните договори претставуваат иновативно решение: со заеднички пристап преку политички и секторски обврски, овозможуваме стабилност и предвидливост на пазарот. Првите договори што ги воспоставуваме вклучуваат офшор ветерна енергија и мрежи, како и складирање на енергија“, рече комесарот.
„За секторот на „офшор“ ветерна енергија и мрежи, планирано е до крајот на деценијата ЕУ да постигне капацитет од 88 GW обновливи извори на енергија на море, а до 2050 година дури 360 GW, што е еднакво на моменталниот инсталиран капацитет во Германија, Полска и Грција заедно. Таквиот раст бара и зајакнување на енергетските мрежи и капацитетите за складирање“, според извештајот на Европската комисија.
Секторот за складирање на енергија овозможува поголемо продирање на обновливи извори, го оптимизира користењето на мрежата и ги намалува ненадејните скокови на цените. Студиите покажуваат дека на ЕУ ѝ се потребни околу 200 GW капацитет за складирање до 2030 година. Трипартитните договори треба да ги поттикнат потребните инвестиции за реализација на овој потенцијал.
Иако ветерната енергија и складирањето се првите сектори што користат трипартитни договори, Комисијата разгледува слични модели за други сектори, вклучувајќи биометан, енергетска ефикасност, нуклеарна енергија и интеграција на потребите за енергија на центрите за податоци.
„Европа отсекогаш била лидер во чистата енергија, но оваа трка само што започнува. Заедно можеме да ги зголемиме инвестициите, да ја зајакнеме индустријата и да изградиме силна и одржлива Европа“, заклучи Јергенсен.
· Првиот сектор, „офшор“ ветер и мрежи – врз основа на амбициите на членовите, може да има до 88 GW обновливи извори до крајот на оваа деценија, а до 360 GW до средината на векот. За перспектива, тоа е еквивалент на моменталниот инсталиран капацитет во Германија, Полска и Грција заедно. За да се достигне овој потенцијал, ќе биде потребно да се зајакнат мрежите и капацитетите за складирање.
· Вториот сектор, складирање на енергија – складирањето на енергија овозможува поголема интеграција на обновливи извори во системот, го оптимизира користењето на мрежата и ги ублажува скоковите на цените. На ниво на ЕУ, некои истражувања укажуваат на потребата од приближно 200 GW капацитет за складирање до 2030 година. Поттикнувањето на инвестициите во овој сектор ќе биде клучна цел на договорот.
„Иако складирањето и ветерната енергија ќе бидат првите сектори што ќе имаат корист од новите трипартитни договори, тие нема да бидат последни. Комисијата во моментов ја оценува корисноста на договорот за други сектори, како што се биометан, енергетска ефикасност, нуклеарна енергија, интеграција на енергија во центри за податоци и други“, се вели во соопштението.