Европа подготвена за ново проширување: Калас најави прием на нови членки до 2030 година

Европската унија би можела да прими нови членки до 2030 година, изјави високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Каја Калаc, додавајќи дека меѓу потенцијалните земји-членки се Црна Гора, Албанија и Украина.

Изјавата беше дадена во Брисел, по објавувањето на годишните извештаи на Европската комисија за напредокот на десетте земји кандидати за членство. Според Калаc, руската инвазија врз Украина во 2022 година го врати фокусот на проширувањето, кое долго време беше во застој.

„Руската агресија и промените во глобалните геополитички односи ја прават потребата од проширување очигледна. Ако сакаме Европа да биде силен глобален актер, мора да се прошири,“ изјави Калаc.

Таа додаде дека прием на нови земји до 2030 година е „реалистична цел“, при што Црна Гора и Албанија се најнапредни во процесот на пристапување.

Калаc, поранешна премиерка на Естонија, нагласи дека членството во ЕУ би претставувало и „значајна безбедносна гаранција за Украина“, која, како што рече, спровела длабоки реформи дури и во време на војна.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој се обрати преку видео-врска од фронтот, изјави дека целта на Украина е да стане членка на ЕУ пред 2030 година.

Во извештајот беше пофалена и Молдавија, која напредувала најмногу за само една година, и покрај, како што наведува ЕК, „континуирани хибридни закани и обиди за дестабилизација од страна на Русија“.

Од друга страна, Грузија доби остра критика. Комесарката за проширување Марта Кос оцени дека земјата е „кандидат само на хартија“ поради насилното задушување на протестите и донесувањето на „рускиот закон за странски агенти“.

Во однос на Србија, Европската комисија изрази загриженост поради „назадување во слободата на изразување и академската слобода“, како и поради неодреденоста на земјата околу европската ориентација.

Процесот на проширување, кој бара едногласна поддршка од сите 27 членки, моментално е блокиран од Унгарија, која се спротивставува на започнувањето на преговорите со Украина, а со тоа индиректно го кочи и напредокот на Молдавија.

Некои европски лидери предупредуваат дека Унијата треба прво да се реформира пред да прими нови членки, особено во однос на укинувањето на правото на вето во надворешната политика. Но Калаc порача дека реформите и проширувањето можат да одат паралелно:
„Мораме да се прилагодиме на новата реалност. Европа не смее да биде музеј на поранешниот просперитет.“

Зачлени се на нашиот е-билтен