Комесарот за правда на Европската унија изрази шокираност од токсичноста и опасностите на некои производи што се продаваат преку платформите Шеин и Тему, во момент кога ЕУ спроведува засилена акција против овие популарни кинески платформи, пишува Гардијан.
Со 12 милиони пратки со ниска вредност кои секојдневно пристигнуваат во ЕУ од интернет-продавници надвор од блокот, комесарот Мајкл МекГрат најави дека ќе се бори против продажбата на производи кои отворено ги прекршуваат европските закони.
МекГрат ги очекува резултатите од тајна истрага спроведена низ целата ЕУ, со која се тестираат веќе собрани докази дека кинеските продавачи ги заобиколуваат европските прописи.
Еден од најалармантните примери што ги истакна е бебешка цуцла со монисти кои лесно отпаѓаат, што е опасност од задушување бидејќи не содржи отвор со регулаторна големина, што би му овозможило на бебето да дише ако случајно проголта една мониста.
Во извештај на европратеници објавен овој месец се наведуваат и други небезбедни производи: детски кабаници со токсични хемикалии, очила за сонце без UV-филтер и детски шорцеви со врвки подолги од дозволеното, што претставуваат ризик од сопнување.
Во некои козметички производи е пронајдено и соединението бутилфенил метилпропионал, познато и како Лилиал, кое ЕУ го класифицира како супстанца од „многу висок ризик“. Оваа состојка е забранета уште од 2022 година поради докажано влијание врз плодноста и развојот на фетусот. Владата на Обединетото Кралство лани ги повика потрошувачите да ги фрлат сите производи што ја содржат оваа хемикалија.
„Шокиран сум, и сметам дека имаме должност да ги заштитиме европските потрошувачи“, изјави МекГрат за Гардијан.
Покрај безбедноста на производите, МекГрат е загрижен и за влијанието што овие платформи го имаат врз локалните бизниси поради нелојална конкуренција.
„Растот е екстремен и тоа создава огромен притисок врз националните системи“, рече тој.
„Решен сум да ги засилиме спроведувањето на законите за безбедност на производите и правилата за заштита на потрошувачите. Не се работи само за заштита на купувачите, туку и за создавање еднакви услови за европските бизниси. Тие имаат високи трошоци за да ги исполнат стандардите во ЕУ, и не треба да се натпреваруваат со продавачи кои ги игнорираат истите тие правила“, изјави МекГрат.
Според податоците на ЕУ, дневно се внесуваат 12 милиони производи со ниска вредност, што за 2024 година изнесува 4,6 милијарди пратки под 150 евра, двојно повеќе од 2023 и тројно повеќе од 2022 година.
Како можни мерки, се разгледува укинување на прагот од 150 евра за ослободување од царина, како и воведување на такса за обработка на секоја пратка, што би го обесхрабрило купувањето на евтини производи и би помогнало во покривање на трошоците за дополнителни царински контроли.
Оваа мерка би била слична на онаа во САД, каде што претседателот Доналд Трамп потпиша указ за укинување на прагот од 800 долари за ослободување од царина. Од 1 јуни годинава, американските потрошувачи плаќаат 30 отсто дополнителен данок или најмалку 50 долари по производ.
Дополнително, се размислува и за формирање на заедничка царинска служба на ниво на ЕУ која би се справувала со системските проблеми.
МекГрат рече дека „останува да се види“ дали ова прашање ќе се отвори на самитот ЕУ-Кина во Пекинг на 25 јули, но тој лично има намера да го постави пред кинеските власти.
„Секако ќе стапиме во директен контакт со кинеските власти и ќе ги посетиме подоцна оваа година“, изјави тој.
Од Шеин велат дека годинава вложуваат 15 милиони долари во безбедност и усогласување, со 2,5 милиони тестирања на производи и квалитет и соработка со 15 сертифицирани лаборатории, вклучително и во Обединетото Кралство и Германија. Компанијата додаде дека веќе отстранила 500 продавачи од нејзината платформа.
„Сите наши продавачи мора да се придржуваат до кодексот на однесување и строгите безбедносни стандарди на Шеин, како и до релевантните закони и регулативи во пазарите каде што работиме“, велат од Шеин за Гардијан..
Од Тему, пак, додаваат дека многу сериозно ја сфаќаат безбедноста на производите и усогласеноста со регулативите. „Имаме систем на проверка на продавачите, проактивно следење и итно отстранување на небезбедни производи“, велат оттаму.
Преземено од Мета.мк