Кос: Вучиќ во Москва и Пекинг не она што го очекува ЕУ

This photo is free to use under Creative Commons license CC-BY-4.0 and must be credited: “CC-BY-4.0: © European Union 2024– Source: EP”.

Присуството на српскиот претседател Александар Вучиќ на воените паради во Москва и Пекинг, како и неговиот вербален напад врз европратениците од групата на Зелените, кои ги нарече „европски ѓубре“, не ги исполнуваат очекувањата за земја која е кандидат за членство во Европската Унија.

Ова го изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во Европскиот парламент во Стразбур, објави српски „Данас“.

Кос нагласи дека почитувањето на основните права, вклучително и правото на мирен протест, е клучен елемент на европскиот пат на земјата, која мора да ги зголеми своите напори и да ја надмине моменталната стагнација во спроведувањето на клучните реформи.

„ЕУ сака Србија да стане вистински демократска држава и го продолжува конструктивниот дијалог за зачувување на процесот на пристапување, но за ова се неопходни демократски пристап и реформи“, рече еврокомесарот.

„Србија треба да создаде услови за продолжување на дијалогот меѓу сите политички актери. Реформите се неопходни за да се прекине сегашниот политички ќорсокак. Земјата треба да ги засили своите напори и да ја надмине сегашната блокада во спроведувањето на клучните реформи. Време е за резултати во борбата против корупцијата, за зајакнување на владеењето на правото и независноста на судството и за работа на изборните реформи“, додаде таа.

Кос рече дека Европската комисија со месеци ги следи случувањата во Србија со растечка загриженост. Таа истакна дека по 10 месеци протести, српското општество е „длабоко поделено, разочарано и исполнето со омраза, што е видливо на улиците на српските градови“.

„Очекуваме полицијата да дејствува пропорционално и да ги почитува основните права. Ги осудуваме сите манифестации на омраза, вандализам и насилство. Продолжуваме да ги повикуваме сите страни да работат на намалување на тензиите. Мора да се избегнува секаков вид насилство врз функционерите и нивните семејства и не треба да се преземаат никакви мерки против партиските штабови за време на протестите“, рече Кос.

Таа, исто така, ја нагласи потребата од заштита на независноста на судските институции, додавајќи дека ЕУ се спротивставува на прогонот и заканите врз членовите на овие институции.

Кос, исто така, го привлече вниманието кон „влијанието врз медиумите во Србија“, додавајќи дека земјата мора да гарантира слобода на медиумите и слобода на изразување за сите.

„Апелираме за намалување на насилството и смирување на тензиите, како и новинарите да можат слободно да ги изразат своите мислења. Она што се случи за време на протестите мора да престане, особено во однос на вербалните напади од страна на високи функционери и полициските акции против новинарите. Од клучно значење е новинарите да можат да ја работат својата работа без закани и насилство, за граѓаните да бидат целосно информирани“, додаде таа.

Кос нагласи дека ЕК „со загриженост го следи ширењето на дезинформации и непријателска политичка реторика против ЕУ и нејзините граѓани, што е спротивно на европските вредности и стандарди“.

Таа рече дека ЕУ очекува Србија да обезбеди нормална средина за функционирање на граѓанското општество, бидејќи независните гласови треба да бидат слушнати и заштитени.

Зачлени се на нашиот е-билтен