Европската комесарка за проширување Марта Кос изјави денес на првиот Форум за проширување на Европската унија дека 2025 година била успешна во однос на напредокот на земјите кандидати и дека Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина „постигнале многу“.
„Тоа покажува дека реформите се исплатуваат“, порача Кос, додавајќи дека во процесот на проширување нема брзи решенија и дека државите мора целосно да се усогласат со правилата и стандардите на Европската унија.
Таа нагласи дека проширувањето денес не е само прашање на економски развој, туку и на безбедност. Кос говореше и за потребата европските демократии да се заштитат од „автократски тенденции“, посочувајќи дека земјите кандидати се дел од „демократскиот штит“ на Европа – нов модел на постепена интеграција.
Кос истакна дека Европа мора да се брани од сили што настојуваат да ја дестабилизираат и дека континентот мора да се ослободи од автократски влијанија.
Според неа, потребна е отворена дебата меѓу властите, цивилниот сектор, сегашните и идните членки на Унијата, со цел да се одговори на загриженоста на европските граѓани околу тоа како проширувањето ќе влијае врз нивниот живот.
Марта Кос додаде дека мора да се прекинат негативните асоцијации поврзани со проширувањето и да се покаже дека поголема Унија значи посилна Европска унија.
Таа оцени дека проширувањето го поттикнало и самото ЕУ да се преиспита и да се фокусира на потребите на сопствените граѓани.

