МАНИВАЛ: Северна Македонија бележи напредок против перењето пари, но финансискиот надзор останува критична точка

Советот на Европа денеска објави дека Република Северна Македонија направила значителни чекори во зајакнувањето на законската и институционалната рамка за спречување перење пари и финансирање на тероризмот, но дека и понатаму мора да го подобри надзорот врз финансискиот сектор.

Во најновиот извештај на Комитетот на експерти за евалуација на мерките против перење пари и финансирање на тероризмот (МАНИВАЛ) се констатира усогласеност или висока усогласеност со 31 од вкупно 40 препораки на Работната група за финансиска акција (ФАТФ). Особено се нагласува напредокот во четири клучни области: правилата за банкарски трансфери, зајакнати внатрешни контроли и надзор над странски филијали, транспарентност на сопственоста на фондови и други правни аранжмани, како и регулирањето на финансиските институции.

Сепак, оценката за надзорот на финансискиот сектор останува „делумно усогласена“ – ист статус како и во претходната евалуација од мај 2023 година. Области како замрзнување и конфискација на криминални средства, кривичните дела за финансирање тероризам и санкциите поврзани со пролиферација не влегоа во оваа ревизија, бидејќи земјата не побара нова проценка.

Според препораките, Северна Македонија во рок од една година треба да достави извештај за понатамошниот напредок во подобрувањето на механизмите за борба против перењето пари и финансирањето на тероризмот.

МАНИВАЛ е постојано тело на Советот на Европа, основано во 1997 година, кое ги оценува мерките за спречување перење пари во 32 држави и територии, меѓу кои и Северна Македонија, Ватикан, Израел и британските територии Гибралтар, Ман и Џерси. Неговата задача е да ја мери усогласеноста со меѓународните стандарди и да издава препораки за унапредување на националните системи.

Зачлени се на нашиот е-билтен