Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, по повод годишнината од добивањето кандидатски статус на Северна Македонија за членство во ЕУ, изјави дека по 17 години чекање денес сме земја преговарач со ЕУ, и сега сè е во наши раце.
Далечната 2005 година добивме кандидатски статус за членка на ЕУ, а овој 17 декември Северна Македонија е земја која преговара со Европската Унија. Немаме повеќе блокади од никого, напротив. Имаме силна поддршка од европските институции, од државите членки, од високите европски претставници. Да не бидеме самите на себе следно вето, порачува Маричиќ.
Тој истакна дека „направивме историски чекор во евроинтеграциите. Денес имаме задача пред овој државнички проект да застанеме одговорно и со силна политичка волја за темелни реформи, успешно да го завршиме. Тоа е наша обврска кон граѓаните“.
Седумнаесет години успеси и падови, напредок и назадување на европскиот пат, но веќе немаме време за губење. Со јасен план и визија, зад која треба да застанеме сите, фокусирани на реформската агенда, мораме брзо да напредуваме во процесот и граѓаните да почнат да ги чувствуваат придобивките од преговорите со ЕУ, нагласи вицепремиерот.
Според него, „темпото на скрининг процесот се одвива според предвидениот календар од Европската комисија. Успешно го завршивме билатералниот скрининг за Кластер 1, ,,Фундаментални вредности”, во јануари продолжуваме со билатералните состаноци за Кластер 2 и тоа за Поглавјата 3, 6 и 7, односно „Право на основање и слобода на давање услуги“, „Право на трговски друштва“ и „Право на интелектуална сопственост“.
2030 е реална година за членство на Северна Македонија во ЕУ, заедно да ја оствариме, стои во објавата на вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ, Маричиќ.