Вицепремиерот, задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во честитката по повод 9 Мај, Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот, на социјалните мрежи, потсетува дека „на овој ден Франција и Германија го направија невозможното – се договорија заеднички да го раководат производството на челик и јаглен со можност да им се приклучат и другите земји. Така, на економска основа се создаде долготраен мир и потоа се изгради Унија на држави кои заедно до ден денес одат по патот на солидарноста, соработката и економскиот раст. Европските држави на 9 Мај 1950 година го направија невозможното“.
– Јас сум убеден дека ние до 9 Мај 2030 година можеме да го направиме возможното – тоа е нашето членство во Европската Унија, истакнува Маричиќ.
Вицепремиерот за европски прашаања нагласува дека „ЕУ за нас вреди многу.
– ЕУ секојдневно е со нас – ни го потврдува јазикот, ни помага во неговата промоција, потпишува договори со нас на македонски јазик. ЕУ не е Унија која менува идентитети, напротив, во нашиот случај ЕУ ни го потврдува нашиот македонски идентитет, онаков каков што ние си го претставуваме и вреднуваме, потенцира вицепремиерот, задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ.
Маричиќ уште посочува дека „најтешките одлуки се зад нас и дека уставните измени не се ништо друго освен влог кој носи гаранција за придобивките, а не ни одзема ништо“.
– Тоа добро го знаат и тие што се противат на нашиот европски пат. Затоа, време е да престанат да се противат, за да не станат историски негатори и кочничари на стратешките цели на сопствениот народ. Работата е во наши раце и затоа мораме да ја завршиме веднаш. Нема веќе чекање. Нема откажување. Како што успеавме да станеме членка на НАТО, така ќе успееме да станеме членка и на ЕУ, пишува вицепремиерот, задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во честитката по повод 9 Мај, Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот, на социјалните мрежи.