Премиерот Христијан Мицкоски денеска говореше на Самитот за проширување на Европската Унија во Брисел, организиран од телевизијата Euronews, каде што учествуваа и претставници на ЕУ и на земјите кандидатки.
Во своето обраќање, Мицкоски погрешно изјави дека „во време на Преспанскиот договор било ветено членство во Европската Унија за 4 до 5 години“, додавајќи дека „тој рок истекол пред две години“. Но, вакво ветување не било дадено, бидејќи тогашните разговори и изјави на меѓународните партнери се однесуваа на отворање на пристапните преговори, а не на целосно членство во ЕУ.
Дополнително, Мицкоски спомена дека во Уставот треба да се внесат „неколку стотици Бугари“, иако според официјалните податоци од пописот во 2021 година, бројот на лица кои се изјасниле како Бугари е 3.504, а не „неколку стотици“.
Самитот, кој се емитуваше во живо, собра бројни европски лидери, меѓу кои претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, претседателите на Молдавија, Србија и Украина – Маја Санду, Александар Вучиќ и Володимир Зеленски, како и премиерите на Албанија и Црна Гора, Еди Рама и Милојко Спајиќ, и еврокомесарката за проширување Марта Кос.
Настанот беше посветен на иднината на европското проширување и на односот на Унијата кон земјите од Западен Балкан, при што говорот на Мицкоски предизвика реакции поради неточните интерпретации на историски и демографски факти.

