Кога ЕУ излегува од бинарната дебата „Дали прво внатрешна реформа па проширување“ со заедничка изјава дека МОЖЕМЕ И МОРАМЕ ДА ГИ НАПРАВИМЕ И ДВЕТЕ, дел од нашите политички и „експертски“ првенци го конзервираат бинарното за домашни потреби, не обзирајќи се воопшто дека влегуваат во апсурдна контрадикција со тековни и меѓусебно синхронизирани процеси во ЕУ. Секако доколку истовремено не се негува политички дискурс кој е добро синхронизиран со нараснатото незадоволство, евроскептицизам, но и можноста со поддршка на јавноста да се ствари политички или персонален реваншизам, покрај други мотиви, меѓу кои најсилен е тој за моќ и влијание.
Тони ПОПОВСКИ
Изминатата седмица ја одликуваше зголемена дебатна динамика поврзана со редовното годишно обраќање на претседателката на Европската Комисија (ЕК), г-ѓа Урсула фон дер Лајен. Со цел да се резимира кажаното од едночасовно обраќање, во само една и јасна порака, викендов Европската Комисија ги повтори „приоритетите на денот“: Европски зелен договор, конкурентност, дигитална и вештачка интелигенција, Глобална Европа, миграција, поддршка за Украина и проширување на ЕУ. Истовремено ЕК искажа недвосмислена заложба „Да испорачаме денес и да се подготвиме за утре.“ Тоа “утре“, претседателот на Европскиот Совет – ЕС (на шефови на држави и влади) г-н Шарл Мишел го допрецизираше „ЕУ треба да биде подготвена да прифати нови членки до 2030 година“.
Кога ЕК, храбро, одговорно и отворено поставува вакво прашање и Претседателот на ЕС сугерира конкретна дата, тогаш да се запрашаме и ние „Дали сме подготвени да испорачаме денес (уставни измени) и дали имаме единствена политичка воља заедно да се подготвиме за утрешната проширена Унија? Барем во моментов (кој незадржливо одминува) нашиот одговор е во распон помеѓу колебање и НЕ, односно сеуште немаме изградено сепартиски и поширок внатрешно политички консензус.
Во продолжение една серија на исто толку комплексни потпрашања и мојот став за нив, без претензија дека сум во право но со намера да придонесам за подлабоко информирана и рационална дебата. Проценете самите.
Дали воената агресија на Руската Федерација врз Украина го врати „проширувањето на ЕУ“ високо на политичката агенда на Унијата. Мојот одговор е категорично ДА. Се работи за настан чија магнитуда е незапаметена од Втората светска војна наваму вклучувајќи и енормно зголемени безбедносни и социо-економски ризици по ЕУ и нејзиното непосредно опкружување, Западниот Балкан и источното соседство на ЕУ. Истовремено, енормно се зголемени хибридните дејствија и тоа не само во Западниот Балкан и источното соседство туку и во низа држави членки на ЕУ, претежно од нејзиното источно крило. Украина се бори за слобода и за својата визија да биде интегрирана во ЕУ и во НАТО, низ огромна себежртва на нејзиното население. Бидејќи интеграцијата на Украина во НАТО сама по себе е деликатна, останува како единствен доблесен чин, одлучно да се поттурне интеграцијата на Украина во ЕУ, и тоа колку е можно поскоро, бидејќи војната трае и неизвесно е кога ќе заврши и со каков епилог. За последново ЕУ нема објективни, тактичко – процедурални оправдувања бидејќи геополитичките и социо-економските последици од војната во Украина повеќекратно го надминуваат влогот на ЕУ во забрзано пристапување на Украина, а со неа и на Молдавија и Западниот Балкан. Секако, останува европските политичари да ја убедат европската јавност дека проширувањето е суштинска политичка и геостратешка алатка на ЕУ и дека придобивките од проширувањето се повеќекратно поголеми од ризиците да се држи Украина, Западниот Балкан и Молдавија подалеку од ЕУ односно да се препуштат овие држави на трети силни фактори во геополитичкиот пороен водотек. „Во свет каде големината и тежината се важни, јасно е дека е во стратешки и безбедносен интерес на Европа да ја комплетира нашата Унија“ беше една од клучните пораки на Урсула фон дер Лајен. Впрочем тешко разочарување за Украинците но многу повеќе „морален пораз“ за ЕУ би било да се изневерат очекувањата на луѓето кои секојдневно гинат за оваа визија, а за оваа визија гинеа и луѓе на Западниот Балкан, и тоа не толку одамна. Политичкиот контекст во ЕУ не е едноставен, и европските политичари кои се подржувачи на проширувањето ќе треба на претстојните европски избори да ја победат радикалната десница која е во подем и која отворено се спротивставува на продлабочена интеграција во рамки на ЕУ, а со тоа и на клучните внатрешни реформи на ЕУ.
Да се вратиме кај нас дома. Тие што Ви велат дека нема „моментум“ или „прозорец на можност“ па дури и арогантно се потсмеваат со овие поими, односно тврдат дека проширувањето суштински не е високо на агендата на ЕУ, но и на НАТО, како и на САД, спинуваат проактивно, а не ретко и реактивно од различни лични и групни интереси и мотиви, и со претежно себични цели, не водејќи првенствено сметка за колективниот односно нашиот национален, па и безбедносен интерес. Дали „кревање рачна“ како децидна заложба на опозицијата и истомисленици во наводно аполитични – експертски кругови во кои има поединци со силен личен анимозитет кон поединци во власта, а кај дел од нив и политичка амбиција, доколку се реализира – ќе не доведе во ситуација на тешко управливи ризици? Мојот одговор е ДА.
Првиот сет на ризици е поврзан со внатрешната безбедност и поаѓа од премисата дека нашето одвојување од Албанија, односно исчекорување на Албанија во процесот на преговори, може да придонесе за радикализација во корпусот избирачи – Албанци, во смисла на зголемена поддршка за порадикална етноцентрична политичка понуда на опозицијата во албанскиот партиски камп. Македонското општество е мултиетничко и како такво е ранливо на етноцентричен радикализам, па макар и мутиран согласно дневнополитички околности. Наследениот имунитет од изминатите кризи, не е доволен – дел од нас да не се инфицираат, особено оние кои од различни причини се податливи за моноетничка мобилизација. Вториот сет на ризици е поврзан со управување со пролонгираната социо-економска и енергетска криза, која за последица има дополнително осиромашување на населението, и создавање на услови за негова политичка радикализација.
Можеме ли ефикасно и ефективно да управуваме со оваа повеќекратна криза без финансиска и техничка поддршка на ЕУ и САД. Мојот одговор е категорично НЕ. Тие што нудат спротивен одговор треба да наведат како ќе управуваат со овие ризици, ако воопшто имаат некаква попродуктивна или еднакво продуктивна алтернатива. Тоа засега не го слушаме, и тоа е лош, потценувачки и некоректен однос кон јавноста.
Наредниве потпрашања се однесуваат на ламентирањата кај нас за тактичко – технички односно процедурални прилагодувања кои ЕУ треба да ги направи за да може да апсорбира нови членки. Според мене ПРАШАЊЕТО НЕ Е ДАЛИ И КОГА, ТУКУ КАКО ДО ТАА ДАТА? Притоа на маса за дискусија во рамки на ЕУ се ставени две суштински опции со неколку подваријанти во нивни рамки, кои кај нас се предмет на интензивни шпекулации и гатања, иако не сме ние тие кои ги определуваат или пак реално влијаат на било каква процедурална разрешница во рамки на европските институции, секако доколку не „кренеме рачна“ и онака „сенародно“ одлучиме да го баталиме процесот.
Првата опција не наложува потреба од менување на „Договорот за ЕУ“ (начинот на одлучување и распределба на раководни функции) односно цели кон реформа на пристапниот процес која би резултирала со постепено – ЧЕКОР ПО ЧЕКОР, вградување на земјите кандидатки во структурите на ЕУ (т.н ПОСТЕПЕНА – ЕТАПНА/ФАЗНА ИНТЕГРАЦИЈА/ПРИСТАПУВАЊЕ ), пред формално да станат нејзини членки и доколку ги исполнат строгите критериуми за пристапување вклучувајќи и целосна усогласеност со надворешната и безбедносна политика на ЕУ. Оваа опција е всушност разработка на тековната Методологија за пристапните преговори. Мојот одговор за оваа опција е ДА. Истовремено би биле мотивирани да спроведуваме реформи и да почувствуваме дел од придобивките од пристапувањето кон Европската Унија, пред да станеме членка на ЕУ. Во едно од поврзаните сценарија се предвидува можност да земеме учество на редовните министерските состаноци на Европскиот Совет, но и на други тела на европските институции, покрај потесна соработка за формулирање и спроведување на заедничките политики на ЕУ во областа на безбедноста, енергијата, земјоделието и инфраструктурата, и/или други политики кои наскоро би требало да бидат доспецифицирани.
Дел од ова сценарио е овозможување на постепено пристапување кон заедничкиот европски пазар во комбинација со повеќекратно зголемена претпристапна финансиска помош (целосна интеграција со климатската агенда на ЕУ вклучувајќи пристап до финансиските инструменти од Европскиот зелен договор и пристап до структурните фондови на ЕУ – целосен или делумен, или целосно нов но финансиски многу помоќен инструмент во споредба со тековната ИПА, а кој би наликувал на структурните фондови на ЕУ), а со цел да се намали јазот со земјите членки на ЕУ. Од своја страна, ЕУ би имала доволно време на располагање посеопфатно и одржливо да ги амортизира фискалните импликации, резервирајќи доволно средства за проширување, во новата буџетска рамка за периодот 2028 – 2034 година.
Втората опција поаѓа од потребата за генерално преминување од едногласност кон гласање со квалификувано мнозинство и поинаква – прилагодена распределба на раководни функции во ЕУ 30+ и следствено реобликување на Европската Комисија (потребно е менување на „Договорот за ЕУ“) или поспецифично за тоа што нас не тангира – „Отворање и затворање на преговорите и на поглавјата со квалификувано мнозинство во Советот на министрите на ЕУ“. Мојот одговор е истотака ДА. Секако дека ни одговара од аспект дека ќе превенира непринципиелни условувања од држави членки на ЕУ, а кои се неповрзани со правото на ЕУ, но притоа треба да сме подготвени и во првата, а уште поизвесно во втората опција, да ја прифатиме т.н „Клаузула за доверба“, односно да се откажеме од правото на вето особено поврзано со политиката на проширување на ЕУ, доколку станеме членка, и доколку и тоа се бара од нас, да се обврземе на т.н „Конструктивна апстиненција“ – односно времено или целосно откажување од право на вето поврзано со други заеднички политики на ЕУ кои би биле точно специфицирани, па и да почекаме во малку подолг ред од новопримени држави членки, за стекнување со раководни европски функции. На тој начин би се превенирала продлабочена дисфункционалност на клучните ЕУ институции кои би продолжиле со постоечкиот модус операнди кој не е особено функционален или во едно од сценаријата би го исполирале начинот на одлучување во рамки на сегашниот ЕУ27 клуб. Вторава опција не ја исклучува првата опција, туку треба да се прифати и разбере како нејзина надградба. Двете опции можат да се процесираат паралелно. Тоа значи дека доколку се спроведе и вторава опција, ние ќе треба да бидеме потрпеливи со амбиција да практикуваме моќ и влијание во рамки на ЕУ, односно да се фокусираме приоритетно на внатрешните реформи и апсорбирање на развојната помош како држава – нето корисник, овозможувајќи повисок стандард и благосостојба за нашите граѓани, за возврат би можеле да сметаме на пристапен процес кој целосно ќе превенира себични политички каприци.
Наводната трета опција „Европа со повеќе брзини“ и не е опција туку безмалку три декади е РЕАЛНОСТ во ЕУ имајќи предвид дека не сите држави членки на ЕУ се целосно интегрирани и учествуваат во спроведување на заеднички политики на ЕУ. Бугарија и Романија и после 15 години од зачленувањето сеуште не се членки на Шенген зоната, иако имаат амбиција да станат, а истово е и обврска од нивните Пристапни Договори. Република Ирска нема таква обврска во Пристапниот Договор, ниту пак има амбиција. Република Кипар не е во Шенген иако има обврска. Во Еврозоната се 20 земји членки, седум се надвор. Оттаму „брзините“ се аплицираат и во моментов на држави членки и инхерентно е дека ќе се аплицираат и на новопримените членки со тоа што ќе треба да почекаме и да го осознаеме целиот пакет на политики каде може да имаме поспецифични обврски. „Брзиниве“ како што одредени кругови кај нас тенденциозно шпекулираат, во ниту еден момент не биле објаснети од било кој висок претставник или лидер во ЕУ како замена за полноправно членство.
Кога ЕУ излегува од бинарната дебата „Дали прво внатрешна реформа па проширување“ со заедничка изјава дека МОЖЕМЕ И МОРАМЕ ДА ГИ НАПРАВИМЕ И ДВЕТЕ, дел од нашите политички и „експертски“ првенци го конзервираат бинарното за домашни потреби, не обзирајќи се воопшто дека влегуваат во апсурдна контрадикција со тековни и меѓусебно синхронизирани процеси во ЕУ, секако доколку истовремено не се негува политички дискурс кој е добро синхронизиран со нараснатото незадоволство, евроскептицизам, но и можноста со поддршка на јавноста да се ствари политички или персонален реваншизам, покрај други мотиви, меѓу кои најсилен е тој за моќ и влијание. Притоа голема заблуда која масовно се генерира кај нас е дека без процес на евроитеграции ќе се придвижиме побргу, дека поефикасно ќе го департизираме и професионализираме јавниот сектор и судството, и дека ќе и нанесеме смртоносен удар на корупцијата.
Тие што најдиректно ја генерираат оваа заблуда се однесуваат крајно неодговорно, особено оние кои настапуваат од некаква „експертска„ или навидум независна позиција – наводно без политичка амбиција, бидејќи кажаното полесно се восприема како објективно.
Потребно е да одговориме позитивно на поканата да се вклучиме во овие процеси наместо да „креваме рачна“ и да летаме во сопствените самобендисани орбити, кои не се ништо друго туку невпечатлив и непродуктивен „лет во место“.