Од 12 октомври 2025 година влезот во Шенген ќе изгледа поинаку за сите кои не се државјани на ЕУ: наместо печат во пасош, граничарите ќе ве регистрираат дигитално — со фотографија на лице, отпечатоци од прсти и основни патни податоци. Тоа е новиот Entry/Exit System (EES), што ЕК официјално го закажа за постепено пуштање во работа токму на 12 октомври. Системот ќе се воведува фазно шест месеци, за да се прилагодат патниците и службите.
Во регионот, Хрватска веќе подолго известува дека е технички подготвена и дека EES ќе се применува на сите надворешни гранични премини — што практично значи и на премините кон Србија и Босна и Херцеговина. Ова се очекува да донесе подолги процедури на почетокот, особено за патниците на кои првпат ќе им се земаат биометриски податоци.
Што значи „фазно“? Во првите шест месеци дел од пунктовите ќе работат по новиот режим, а дел сѐ уште ќе печатираат — печатите дефинитивно заминуваат во историја кога EES целосно ќе профункционира во април 2026. До тогаш, системот постепено ќе ги собира влезовите и излезите и ќе го брои престојот (90/180 правило).
Честа забуна е разликата меѓу EES и ETIAS. EES е гранична евиденција која се прави секојпат при премин — не плаќате ништо. ETIAS, пак, е онлајн одобрение (слично на американското ESTA) што ќе стартува дури во последниот квартал од 2026 и ќе чини 20 евра, со важност три години (постојат изземени категории).