Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Пирц Мусар, Голоб и Фајон по повод 20 години од Самитот во Солун: Потребни се храбри политички одлуки

Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, премиерот Роберт Голоб и министерката за надворешни и европски работи на Словенија, Тања Фајон, во заедничка изјава по повод 20-годишнината од Самитот во Солун наведуваат дека „заклучоците од самитот остануваат трајно ветување за сите нас – ЕУ и нејзините земји-членки, вклучително и Словенија, како и Западен Балкан“.

-Денес, на 21 јуни, ја одбележуваме 20-годишнината од Самитот ЕУ-Западен Балкан во Солун. На овој историски настан, Европската Унија и потоа пристапните и потенцијалните земји-кандидати од Западен Балкан се обврзаа една на друга. ЕУ се обврза на европската перспектива на Западен Балкан, додека државите од регионот ги поддржаа заедничките вредности на демократијата, владеењето на правото, почитувањето на човековите и малцинските права, солидарноста и пазарната економија. Заклучоците од самитот остануваат трајно ветување за сите нас – ЕУ и нејзините земји-членки, вклучително и Словенија, како и Западен Балкан, стои во заедничката изјава.

Словенија, додаваат тие, го цени самитот бидејќи даде надеж за стабилизација на регионот по години војни, политичка нестабилност и економска стагнација што следеше по распадот на Југославија и го започна сонот за европска иднина кој води до позитивни промени: зголемен просперитет, подобрена поврзаност и зајакнати врски меѓу луѓето.

-Постигнато е многу преку меѓусебната соработка во последните дваесет години. На Западен Балкан преовладува општа стабилност. Земјите ги уживаат придобивките од безвизниот режим, а регионот, во кој ЕУ е убедливо најголем донатор и инвеститор, постигна економски напредок. ЕУ и Западен Балкан природно гравитираат еден кон друг, се посочува во заедничката изјава.

Словенија, како што наведуваат, е цврст поддржувач на процесот на проширување на Европска Унија и им помогнала на партнерите од Западен Балкан пружајќи им политичка и практична поддршка.

-На секој можен начин им помага на процесите поврзани со проширувањето. Ова е долгорочна политика на Словенија, која нема да се промени. Сепак, многу можности се пропуштени и на двете страни. Почетниот ентузијазам за реформи во Западен Балкан се чини дека делумно испари во текот на двете децении. Затоа, во моментов, светлината на крајот од тунелот кон членството во ЕУ изгледа подалеку отколку што се надевавме дека ќе биде. Во исто време, ЕУ се справува со сопствените предизвици, при што проширувањето не е секогаш приоритет. Всушност, Европската Унија сега мора да се справи со последиците од војната во Украина, бараше ново општо размислување за пристапот кон процесот на проширување. Сметаме, дека е јасно, дека процесот на проширување во основа е стратешки избор, а не само техничка задача. Во секој случај, натамошното проширување мора да ја следи основната визија на процесот на европска интеграција, која се заснова на солидарноста и вистинските достигнувања на земјите кандидати, се вели во изјавата.

Пирц Мусар, Голоб и Фајон подвлекуваат дека се потребни храбри политички одлуки.

-Нашите пораки до регионот, до Европа и до светот се јасни. Прво, ЕУ е објективно многу добар избор за регионот, но земјите од Западен Балкан сами одлучуваат за својата иднина. Второ, Словенија нема себични интереси во регионот. Нашата политика е водена од солидарноста кон земјите и луѓето од Западен Балкан. Словенија го сака она што го сака народот: стабилност и безбедност како предуслов за просперитет и економски напредок, наведуваат во заедничката изјава.

Пирц Мусар, Голоб и Фајон на крајот подвлекуваат дека земјите од Западен Балкан кои се стремат да пристапат во ЕУ, сега, но и во иднина можат да сметаат на Словенија.

Зачлени се на нашиот е-билтен