Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Вујчиќ: Политички консензус и подеднаква вклученост на сите чинители – темел за успешност во преговорите со ЕУ

Политичкиот консензус и подеднаква вклученост на сите чинители е темел за успешност во преговорите со ЕУ, вели во интервју за МИА Борис Вујчиќ, гувернер на Хрватската народна банка и поранешен заменик-главен преговарач на Хрватска со ЕУ

Борис Вујчиќ оваа недела беше гостин на Националната конвенција за Европската Унија (НКЕУ-МК) на сесијата „Борба против корупција и заштита на финансиските интереси на државата“.

Во однос на корупцијата, Вујчиќ вели дека за нејзино сузбивање потребно е борба на три фронта – од една страна транспарентноста во трошењето државни пари, намалување на просторот за корупција и потоа кривично гонење на оние кои ги прават казнените дела.

-Темелот за успешноста на преговорите е – политичкиот консензус. Ние од самиот почеток се обидовме тој политички консензус да го имаме на начин што сите делови на општеството беа активно вклучени, политички – и позицијата и опозицијата, низ надзорниот механизам на преговорите, којшто беше парламентарен, а исто така на почетокот беа вклучени и претприемачи – здружението на претприемачи, синдикати, и делови на граѓанското општество кои требаа да дадат поддршка за тој процес, вели Вујчиќ.

Според него, многу е важно од самиот почеток сите да бидат во целост вклучени, со цел, доколку дојде до промена на власта, бидејќи преговорите траат подолго време, да не дојде до забавување на тој процес, доколку некој не бил доволно вклучен од почетокот.

Господине Вујчиќ, Вие сте гостин на Националната конвенција за ЕУ, на сесијата „Справување и борба со корупцијата и заштита на финансиските интереси на државата”. За Северна Македонија се упатија доста остри критики дека нема напредок во борбата против корупцијата. Како Хрватска конкретно се справуваше со ова прашање во текот на преговорите со ЕУ? Дали и после влезот во ЕУ ова се уште е проблем за државите или сега има механизми за полесно справување?

-Ова e тема којашто очигледно е многу важна во преговорите на Македонија. Оваа тема беше нешто помалку важна во нашите преговори, отколку што е сега во Македонија. Меѓутоа, корупцијата е секаде проблем каде што постои, таа првенствено доведува до нерамномерна распределба на ресурси, бидејќи ресурсите на државата, на даночните обврзници, првенствено се трошат на неефикасен начин каде што постои корупцијата, што доведува од една страна до послаб раст на економијата, а од друга страна до нееднаквост во општеството, што и едно и друго е лошо за стандардот на населението, и токму поради тоа против неа треба да се бориме.

Постои цела низа начини како да се бориме против корупцијата, еден од нив се некои препораки кои денеска ги гледаме овде на Конвенцијата, кои првенствено се однесуваат на транспарентноста, бидејќи транспарентноста ја чини корупцијата поскапа и потешка. Како што кажав, потешко е да се краде под светло, отколку во темница. А денешните технологии овозможуваат поголема транспарентност, за разлика од пред десет или дваесет години првенствено поради дигитализацијата, којашто ни овозможува државните сметки, пресметката на вредноста на државниот имот, да ја направиме потранспарентна и достапна на сите, за да можат да увидат и да проценуваат.

Тоа е многу важен чекор, да се направи потранспаретно трошењето јавни пари, но постојат и други механизми, а еден од нив е намалување на просторот каде што се случува корупцијата. Корупцијата најчесто се случува на границата меѓу приватниот и јавниот сектор. Колку повеќе се намалува тој простор кадешто таа може да се случи, ќе се намалува и корупцијата. Еден од начините да се направи тоа е приватизација на она што може ефикасно да се приватизира, но тоа налага и добра регулација на тие сектори после тоа. И најпосле, исто така важно е да има санкционирање на корупцијата, бидејќи корупцијата е нешто што не е дозволиво. Процесот на санкционирање е важен, бидејќи тој како што знаеме го чини трошокот на корупцијата поголем од користа што може од неа да се добие. Тоа значи дека во ситуација која вие ја процесуирате корупцијата на начин да одземате незаконски стекнат имот, или некого го ставате в затвор, ја чини перцепираната корист од корупција помала од можниот трошок. Затоа тоа е исто така важно и тоа се однесува како на органите на прогонот кои поднесуваат кривична одговорност за такви незаконски дејствија, така и на Министерството за финансии, кое секогаш може да провери дали нечиј имот е во согласност со тоа како се плаќаат даноците.

Значи сите три фронта помагаат да се сузбие корупцијата – од една страна транспарентноста во трошењето државни пари, намалување на просторот за корупција и потоа кривично гонење на оние кои ги прават казнените дела.

Како заменик-главен преговарач со ЕУ, можете ли да кажете кои поглавја се најтешки и најскапи за преговарање. Кое е искуството на Хрватска, каде имаше најмногу потешкотии?

-Секако, имаше потешки и полесни поглавја, тие некогаш се хоризонтални во сите земји, некои се покомплицирани, некои помалку, но постојат и некои коишто се поспецифични за секоја одделна држава. Во нашиот случај, ние имавме преговори во кои остваривме 80 од нашите барања во преговорите за аки-то, (acquis communitaire) кои Комисијата и земјите-членки на ЕУ ги прифатија, најмногу во областа на земјоделството, но во други поглавја. Имавме доста тешки, технички обемни преговори во областа на правосудството и владеење на правото, кои се однесуваа на ефикасноста на правосудството, и некои билатерални политички прашања, но и поглавјето на пазарна компетитивност, кадешто во хрватскиот случај доста тешки беа преговорите околу субвенциите, на пример за бродоградежништво, за производство на челик за таа индустрија, па и тоа доста долго се преговараше. Така што во зависност од специфичноста на одделна земја, некое поглавје ќе биде потешко или полесно за преговори, но сите поглавја бараат доста техничко разбирање на аки-то, односно законодавството на ЕУ, со цел преговорите побрзо да се завршат.

Нашите преговори траеја пет години и осум месеци и тие беа специфични по тоа, како што кажав денеска, тоа беа први преговори на начин на кој и Македонија денес преговара, кадешто има одредници (бенчмаркови) за отворање и затворање поглавја, кои мора да се исполнат, така што за да се отвори едно поглавје мора да исполните некои барања, а потоа и дополнително да се затвори. Понекогаш тие одредници за отворање на поглавјата беа и потешки од оние за затворање на поглавјата. Така што дали ќе бидат потешки или полесни тие одредници, зависеше од поглавје до поглавје.

Хрватска за релативно кус период од почетокот на преговорите, стана членка на Унијата. На што се должи тоа, на подготвеноста на институционалните капацитети или поважен беше националниот консензус?

-И едното и другото е многу важно. Мислам дека темелот за успешноста на преговорите е – политичкиот консензус. Ние од самиот почеток се обидовме тој политички консензус да го имаме на начин што сите делови на општеството беа активно вклучени, политички – и позицијата и опозицијата, низ надзорниот механизам на преговорите, кој што беше парламентарен, а исто така на почетокот беа вклучени и претприемачи – здружението на претприемачи, синдикати, и делови на граѓанското општество кои требаа да дадат поддршка за тој процес. Многу е важно од самиот почеток сите да бидат во целост вклучени, со цел, доколку дојде до промена на власта, бидејќи преговорите траат подолго време, да не дојде до забавување на тој процес, доколку некој не бил доволно вклучен од почетокот. Исто така, во самите преговарачки поглавја, освен политиката, важно е да се има експерти, професионалци, кои можат да дојдат од Академијата, во нашиот случај многумина дојдоа од Академијата или од приватниот сектор, во зависност од експертизата во одделно подрачје.

Хрватска од Нова година стана членка на еврозоната и го воведе еврото како платежна валута. Каков бенефит од тоа имаат досега граѓаните, дали тоа предизвика зголемување на малопродажните цени?

-Апсолутно еврото е многу корисно за Хрватска, значи користа од еврото ги надминува сите трошоци. Воведувањето на еврото првенствено е начин за отстранување на валутниот ризик, нема веќе сопствена валута, Централната банка веќе не мора да се грижи за стабилноста на валутата, валутниот ризик со влезот во еврозоната се отстранува. Што значи тоа? Можеби е најдобро во овој момент да се види, ако се спореди да речеме трошокот на задолжување на каматната стапка во Хрватска, или во земјите од Европската Унија кои не се во еврозоната. Во последните две години ако го споредиме тоа, ќе видиме дека трошоците на задолжување, било на државата, било на претпријатијата или на домаќинствата, во земји како Унгарија, Полска, Чешка, значително повеќе се зголемија, отколку што беше тоа случајот со Хрватска. И тука се види користа за сите сектори, и за државата и за претпријатијата, граѓаните, од влезот во еврозоната. Ние дури дојдовме во ситуација од почетокот на оваа година, бидејќи тогаш го воведовме еврото, бидејќи трошоците на задолжување, на пример за станбени кредити, беа пониски отколку во Германија. Тоа, секако не би бил случај доколку не го воведовме еврото.

Хрватска е позната дестинација на Македонците за сезонска работа. Голем дел од вработените од јавната администрација во земјава земаат неплатен одмор за да заминат во Хрватска на сезонска работа. Дали бројката на граѓани од поранешните југословенски републики кои доаѓаат на времена работа во Хрватска, го пополнува недостигот на работници?

-Да, тоа е, јас би рекол, традицонално главен извор на дополнителна работна сила во целиот регион. Меѓутоа, Хрватска во последните пет до шест години направи важни промени, во смисла дека сега имаме миграциски текови, токму поради работниците кои доаѓаат од странство. И тоа во почетокот беше за работници од регионот, вклучително и од Македонија, меѓутоа денес потребата за работна сила е многу поголема, и ние дојдовме во ситуација кога во 2017 година отприлика еден отсто работници доаѓаа од други земји. Меѓутоа, сега имаме бројка која достигна до осум можеби и до десет отсто работници, според некои проценки, сега доаѓаат работници од многу подалечни дестинации, првенствено од Азија.

Неда Димова Прокиќ (МИА)

Зачлени се на нашиот е-билтен