Бучковски: Македонија да се охрабри и да рехабилитира битни личности што ги делиме со Бугарија

Македонија да рехабилитира битни личности што ги делиме со Бугарија

Следува интервјуто со Владо Бучковски, професор и поранешен премиер и министер, со кој разговараме за повеќе прашања со фокус на македонско-бугарските односи со оглед на фактот дека тој, заради неговите академски врски со бугарските научни и општествени кругови одлично ја познава тамошната политичка ситуација.

Бучковски смета дека со резолуцијата за црвените линии, Филипче им понуди на ВМРО-ДПМНЕ излезно решение и да се соочат со реалноста дека деболкирањето на евроинтегративниот процес мора да оди преку Софија и дека самоблокадата во ЕУ процесот само ни нанесува сериозни штети.

Времето како поминува, смета Бучковски, решенијата ќе бидат се понеповолни за нас и дека иако ЕУ има симпатии кон нас, гласањето во Европската Унија нема да се промени.

Поранешниот премиер го отвора и прашањето за потребата од голема коалиција со единствена задача да ги заврши успешно преговорите со ЕУ затоа што, смета тој, просечниот македонски граѓанин е „отруен“ со негативна кампања за ЕУ.

Бучковски во ова интервју отвора едно храбро прашање дека Македонија треба спроведе политичко-правна рехабилитација на битни личности што ги делиме со Бугарија, како чекор на нашата земја да покаже дека искрено влегува во процесот на помирување и пријателство. Тој смета дека по Втората светска војна имало повеќе политички монтирани процеси во кои „ванчомихајловистите“ беа драконски казнувани.

Бучковски открива и зошто на одбележувањето 30 години од дипломатските односи со САД едвај се воздржал да не викне: Уа, шнајдери!

Со Владо Бучковски разговараше Зоран Бојаровски

Рацин.мк: Господине Бучковски, пред сѐ Ви благодарам за тоа што ја прифативте поканата да земете учество во овој серијал кој го водиме на порталот Рацин.мк „Имаме неколку прашања за Вас“.

Бучковски: Ви благодарам на можноста да разговараме на теми кои мислам дека заслужуваат да се чуе и моето мислење како поранешен претседател на Владата, како поранешен специјален претставник, кој се обидуваше да ги затопли односите во еден критичен период со Бугарија.

Така што, во овие моменти, кога се навестува дека можно е да дојде до некое придвижување, мислам дека сите треба да бидеме добронамерни да кажеме оно што мислиме дека е од интерес на нашата држава.


Да, токму за тоа придвижување во односите со меѓу Македонија и Бугарија ќе разговараме, ќе бидат во фокусот на нашите прашања.

Ова интервју го правиме еден ден пред најавата на претседателот на Социјалдемократскиот дека во четврток на 25 септември, ќе го објави документот, резолуцијата, предлогот за заедничките црвени линии, кои тие ги предлагаат до владата во однос на тоа да се помести процесот за членството на Македонија во Европската Унија.

Тоа го отвора прашањето и за потребата од национален консензус околу некои важни прашања од интерес за Македонија и нејзините граѓани.

Светот се менува многу брзо, има сериозни геополитички процеси во тој контекст и ми се чини дека е важно прашањето за тоа каде во оваа ситуација е Република Северна Македонија и каде сака да се најде во некој нареден период. Дали мислите дека ова прашање за национален консензус околу овие прашања и околу други прашања од стратешки интерес за Македонија треба да бидат решавани на ваков начин?

Треба и мораше и досега да бидат решавани. За жал, ние не паметиме успех во изнаоѓањето на заеднички јазик меѓу двете најголеми партии од македонскиот блок, ВМРО ДПМНЕ и СДСМ.

Паметиме само една успешна заедничка голема коалиција за време на воениот конфликт во 2001, која од денешен аспект, ако на помладите генерации треба да пренесеме дел од тоа, од искуството кое јас го имав како дел од таа голема коалиција, според мене, никогаш немаше да дојдеме до политичко решение на кризата која започна како конфликт испровоциран да се освојат територии, а не да се говори за човекови права или малцински права, ако не беше големата коалиција, ако не беше поддршката од меѓународната заедница.

Имајќи го тоа позитивно искуство, јас мислам дека и денес треба таа да биде формулата. Прво да се постигне консензус внатре, помеѓу двете најголеми политички партии, да има поддршка и од другите партии кои се застапени во парламентот, па потоа да се бара поддршка од меѓународната заедница.

Јас внимание го, го проследив тоа што го пренесоа медиумите, дека на еден брифинг пред неколку дена за прв пат после шеснаест, седумнаесет месеци, колку што е премиер на владата, премиерот Мицковски проговорил дека очекува по Нова година поддршка од дел од водечките лидери во Европската Унија.

Почнаа шпекулации дали тоа италијанската премиерка Мелони, дали тоа ќе биде германскиот канцелар Мерц или ќе биде францускиот претседател Макрон. Тие се лидерите во, во Европската Унија и се надевам дека кога е кажано тоа на еден брифинг, дека очигледно е дека нешто според мене ќе се случува по изборите.

Затоа што досега очигледно многу беше битно на премиерот на владеечката коалиција да се има добар резултат на локалните избори и ова прашање кое е непопуларно, кое им донесе според мене и многу поени на последните парламентарни избори, бидејќи има една агресивна кампања со сериозни манипулации од ПР аспект, веројатно, проценката беше дека треба до крај така да истераат, притоа нанесувајќи штета на евроинтегративниот процес, бидејќи, предалеку отидовме, за да може сега сам да се врати Мицкоски.

Филипче им понуди на ВМРО-ДПМНЕ излезно решение и да се соочат со реалноста.

Затоа, за поздравување е овој чекор што го прави сега опозицијата. Мене ова ми изгледа, намерата на Венко Филипче, како да понуди излезно решение и на ВМРО ДПМНЕ да се соочи со реалноста. Реалноста е, за жал, сурова.

Кога ќе ви каже комесарот за проширување дека Македонија асоциира на тажна приказна и кога ќе видите со која брзина напредува Албанија, каде стигна Црна Гора. Навестувањето дека ќе се отвори простор за проширување и за Молдавија, и за Украина.

Молдавија веројатно ако го прегрми сериозниот тест кој го има оваа недела на парламентарните избори, ако победат проевропските сили, мислам дека ќе биде третиот сериозен кандидат. Украина, која има сериозни проблеми, но дел од мировниот пакет веројатно е и тоа што го договараат Соединетите Американски Држави и лидерите на Европската Унија, да членството во Европската Унија биде дел од оние елементи кои треба да доведат до некоја мирна разрешница која, според последните изјави што ги слушавме вчера и денес, оди па сега во сосема друг правец.

Наместо да дојде до, до смирување на ситуацијата, последните изјави на американскиот претседател Трамп, кој вели дека можеби треба да се има друга стратегија, каде што треба да тргне Украина да ги враќа окупирани територии, навeстува дека тој конфликт нема така брзо да заврши.

Во сите овие околности, очигледно е дека, ааа, проширувањето ќе се случи. Геополитички е сега дојден моментот каде што на многумина кои беа скептични, кои тврдеа дека нема да има проширување никогаш повеќе и дека заврши проширувањето со влезот на Хрватска во Европската Унија, сега реални се можностите и Република Северна Македонија, според мене, го нема тој луксуз да остане во групата на држави од Западен Балкан кои се реално многу подалеку отколку овие две водечки држави, а тоа е Албанија и Црна Гора.

Гледајќи го капацитетот на нашата држава, што се направи веќе со ова екстремно долго кандидатско, статус на кандидат за членство во Европската Унија од 2005 до денес, јас мислам дека ако биде постигнат консензус помеѓу власта и опозицијата, помеѓу сите парламентарни партии, ние имаме сериозно добри шанси да го фатиме чекорот со Албанија и Црна Гора.

Таквите очекувања, секако се добредојдени, но што ако не се случи тоа? Со што се соочуваат државата и граѓаните во тој случај?

Ако тоа не се стори по локалните избори, јас се плашам дека Република Северна Македонија, за жал, од лидер во регионот, со која се гордееше меѓународната седница во 2005, кога ги собиравме сите пофалби и ние бевме реално лидер во целиот овој регион, да се доведеме во позиција да бидеме на дното без никакви шанси, од страв дека евентуално следат нови барања од страна на Бугарија.

Така што, оваа самоблокада мислам дека нанесува сериозни штети кои ќе ги почувствуваме многу брзо ако не го фатиме овој бран на проширување, бидејќи очигледно е дека ќе продолжи трендот на земање на бугарски пасоши од економски причини.

Ќе продолжи сега и тренд нашите сонародници Албанци да ги земаат и албанските пасоши, бидејќи е известно дека Албанија е идната членка на Европската Унија и ќе се доведеме во една крајно деликатна позиција, која мислам дека нити премиерот Мицкоски, нити лидерот на опозицијата, кој сега покажува храброст и доблест, иако е свесен дека многу изгуби на последните избори околу темата Бугарија.

Јас го сметам ова за храбар чекор и затоа го поздравувам. Верувам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе даде сериозен придонес во обликувањето на таа резолуција, бидејќи, иако дава различни изјави премиерот Мицкоски, јас ги ги земам во овој во оваа моја анализа позитивните пораки. Тој вели, да, ние сакаме да го видиме тој документ, нема со акламација да го прифатиме, ќе дадеме свои забелешки, бидејќи за нас е битно да не се гледа само првиот чекор, а тоа е промената на Уставот и преамбулата и вметнувањето на бугарското малцинство како дел од народите кои се наброени во преамбулата на Уставот, туку да видиме како да стигнеме до крајот.

Самоблокадата во ЕУ процесот ни нанесува сериозни штети.

Да, добри се овие укажувањата. Гледате со одреден оптимизам во однос на тоа како би можеле понатаму да се да се развиваат овие процеси и јас само се плашам да не се случи нешто акое не ги прифатиме поуките од минатото, кога овие горливи прашиња постојано ги туркавме под тепих за да, за да се бркаат некои други процеси или заради тоа што се немаше доволно храброст за да се впуштат лидерите, политичките лидери во тие процеси, кога можеа тоа да го прават.

Дали во таква ситуација можеме да се поучиме од тие негативни искуства и да препознаеме што е тоа што ни треба понатаму за едни вакви храбри чекори?

Бојароски, паметиме и јас и ти и затоа во моите јавни настапи, кои се ретки, се бидувам да испратам некоја порака до помладите и до оние кои се сега дел од власта и кои се активни на политичката сцена.

Требаше да ја научимe лекцијата која цена плативме со калкулациите и со погрешната стратегија дека времето работи за нас и дека спорот со Грција на крајот ќе заврши во наша полза. Ќе се зголемува бројот на држави членки на на Обединетите Нации кои не признаа под уставното име и дека на крајот ќе имаме решение кога ние толкувавме дека двојната формула ќе значи решение само за Република Грција, а ние ќе користиме име за кое ќе се договориме.

На крајот, имавме златни шанси кои ги пропуштивме и заради тоа не станавме членка на НАТО на самитот во Букурешт во 2008. Го изгубивме чекорот со Хрватска и не станавме членка на на Европската Унија заедно со Хрватска, заради тоа што имавме вето и блокада од Грција.

За жал, овие помлади генерации на политичари не извлекоа поука дека времето како ќе поминува, решенијата ќе бидат сѐ понеповолни за нас.

Тоа е искуството што го имавме со постигнувањето Преспански договор, кој според мене е договор кој јас го бранев, иако јавноста беше поделена заради тоа што и тогаш, иако правеше сериозни обиди поранешниот премиер Заев, ВМРО-ДПМНЕ не го поддржа тој договор. И знаеме веќе приказната како се влезе во уставните измени со поддршката на осум партијници кои беа прогласени за предавници од страна ВМРО ДПМНЕ и помина ни се еден исклучително тежок период на дискредитација.

За жал,имајќи го сето тоа како искуство, јас не гледам дека во меѓувреме се обиде власта и опозицијата, и власт кога беше СДСМ и денеска со СДСМ опозиција или тогаш ВМРО-ДПМНЕ, кога беше најпотребно, за време на преговорите околу Францускиот компромис, компромисот кој ни даде можност со еден чекор да затвориме повеќе прашања.

Треба заеднички да се истера и кампањата што значи евентуалната промена на Уставот и вметувањето на Бугарите, бугарското малцинство кое живее кај нас, во решенијата кои се нудат како компромис.

Тоа значи конечно затварање на едно од прашањата кои долго ги оптоваруваат македонско-бугарските односи, а тоа е тенденцијата на бугарските националисти да тврдат дека ние сме еден народ во две држави. Со оваа уставна измена ние конечно го затвораме тоа прашање и тргнуваме во градење на една поинаква, заедничка иднина со партнерите кои сме вистински партнери во НАТО. Тоа се Бугарите, но и со сите оние добронамерни кои тврдат дека можат да помогнат ова барање да биде последното. Желбата на нашата нова власт на почетокот беше да го репреговара и да понуди повеќе аргументи зошто оваа преговарачка рамка не е прифатлива.

Нудеа варијанти со одложено дејство на уставните измени, па бараа дополнителни гаранции од Европската Унија дека ова ќе биде последно барање. И на крајот се соочивме со реалноста. Иако има симпатии код нас, принципот на гласање во Европската Унија нема да се промени  за нашата држава.

Затоа мора да собере храброст и мислам дека овие придвижувања, ви велите оптимизам, да, јас се обидувам да гледам низ призмата на оптимизам, бидејќи потребен е оптимизам во ова време кога доминантно во нашата држава не гледам многу луѓе кои веруваат дека може нешто да се придвижи.

Ако ова се случи, овој национален консензус, како што го почнавме овој разговор, мислам дека тоа ќе биде дополнителен мотив и кај просечниот македонски граѓанин кој е „отруен“ во изминатите две три години со негативна кампања, со постојано повторување дека нешто ни се диктира од Софија и дека ако тоа го направиме, ќе го изгубиме својот идентитет и ќе ќе биде крај за постоењето на македонската нација и македонската држава, што е сосема погрешно.

Еден фаталистички пристап кој реално нанесе сериозни штети на на нашиот евроинтегративен процес.

Времето како поминува, решенијата ќе бидат се понеповолни за нас.

Дали ќе успееме сега да се вратиме? Ово интервју го почнавме со надеж дека тоа е можно, но за да дојде до такво едно решение, мислам дека дали е избран вистинскиот тајминг пред почнувањето на официјалната кампања на локалните избори?

Кога мене некој би ме прашал, би рекол не. Се плашам да не биде злоупотребена таа тема и во локалните избори, но од друга страна, бидејќи премногу долго никој не ја спомнуваше варијантата може ли да се постигне национален консензус?

Може ли да тргнеме напред заеднички сите? Дури, за мене не е табу тема, кога ќе завршат изборите, ако биде потребно ова да се заврши заеднички.

Мислам дека ова прашање влезот на Македонија во Европската Унија треба да го врати на маса и предлогот кој егзистираше последните неколку години, а тоа е за голема коалиција која би имала единствено задача да го заврши успешно овој процес на преговори со Европската Унија и Македонија да стане членка на Европската Унија.

Ни треба голема коалиција со единствена задача да ги заврши успешно преговорите со ЕУ.

Во ред, но има и друга страна. И сега ќе ве замолам за ваше мислење за другата страна. Како ова во Бугарија ќе биде дочекано? Дали можеме таму да очекуваме дека бугарската страна ќе ги прифати овие сигнали што доаѓаат од Македонија, од Скопје или од меѓународната заедница и дека ќе бидат отворени за изнаоѓање решенија?

Мислам дека на политичката сцена во Република Бугарија постои консензус меѓу власта и опозицијата, дури и меѓу најрадикалните, а тоа е, да речеме, во овој момент „Преродба“ на Костадинов, дека македонското прашање треба тие да го решаваат со консензус и го решија со консензус.

Побара од нас првиот значаен чекор во одблокирањето на процесот да биде промената на Уставот. И тука гласаа едногласно сите во Бугарскиот парламент. Како ќе биде прифатена нашата заедничка резолуција ако дојдеме до таму, е отворено прашање.

Јас го слушав внимателно интервјуто на поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, кој вели дека тоа може да предизвика кај нив потреба да одговорат со некоја нова резолуција.

Но, и ако одговорат со нова резолуција, јас не мислам дека таа би била контра она што ние би го направиле. Добро е да ги почнеме да ги придвижуваме работите, затоа што јас, да речеме, верувам на јавно дадените изјави на европратеникот Андреј Ковачев, кој вчера и завчера изјави за Бугарското национално радио да не се плаши премиерот Мицкоски, кој го ословува со приjaтeле, бидејќи тие се дел од истата групација во Европската народна партија.

Андреј Ковачев, кој често беше споменуван во негативен контекст при, при последните дебати околу извештајот за напредокот на Република Македонија во Европскиот Парламент, вели, јас можам да го уверам премиерот Мицкоски дека ова ќе биде последното барање.

Ние знаеме дека имаме во преговарачката рамка и една, за нас, задача, да ги одржуваме добрососедските односи како еден од критериумите од Копенхаген кои се исклучително битни.

Ако гледаме во регионот, сите имале повеќе или помалку проблеми со добрососедските односи. Сме ги анализирале, никој не поминал мазно. Значи, ако го гледаме словенечкото искуство, хрватското искуство, ако гледаме што сè се случувало во односите меѓу Романија и Унгарија, со Грција и Албанија… Не е ова нешто од што ние треба да се плашиме дека не поминале и другите низ еден ваков тежок процес. Но, најважно е ние да покажеме, според мене, подготвеност со влечење на неколку потези.

Јас јавно сум говорел, не вака пред пошироката јавност, јавно сум говорел и додека беше премиер Заев и додека беше премиер Ковачевски, и сега во неформалните разговори што ги имам со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, говорам што, врз основа на моето искуство, треба ние во меѓувреме да правиме.

Едно е да ја тераме резолуцијата и дај Боже, да најдат консензус и заеднички да помине во парламентот и кај власта и опозицијата. Второ, мислам дека е многу важно да дадеме свој придонес да сфати и бугарското општество дека ние сериозно имаме намера да градиме добрососедство и пријателство, така како што пишува договорот што е потпишан.

Тоа што ние требаше досега да го направиме, веројатно требаше да почнеме процес, согласно нашите законски прописи, на правна рехабилитација на неколку битни личности од поновата историја, битни семејства и за она што го делат заеднички Македонија и Бугарија.

Да речеме, за мене би било исклучително важно да дојде до правна рехабилитација на семејството на Венко Марковски, да дојде до правна рехабилитација на семејството на Богдан Поп Ѓорчев, да дојде до правна рехабилитација на личностите и нивните семејства, на академикот Богомил Гјузел.

Ние мора да признаеме дека и во нашата понова историја во времето на револуционерната правда, по Втората светска војна, има повеќе политички монтирани процеси, каде што, „ванчомихајловистите“, биле драконски казнувани.

Со такви потези од наша страна, ние треба да ја исправиме неправдата, како што се обидовме во неколку други случаи. Да речеме се обидовме со семејството на Ченто тоа да го направиме. Има и други позитивни примери и мислам дека ќе испратиме еден сериозен сигнал и од бугарска страна да има многу повеќе разбирање за она што ние стравуваме дека може да се случи во иднина, а тоа е до каде ќе стигне заедничката историско-образовна комисија во нивната работа.

Македонија треба спроведе политичко-правна рехабилитација на битни личности што ги делиме со Бугарија.

Ова е прилично храбра изјава од ваша страна во смисла на тоа дали е подготвена македонската јавност за такво нешто?

Треба да разговараме. Јас мислам дека така многу полесно ќе дојдеме до една клима која имавме, да речеме, пред четири-пет години.

Сега е толку многу контаминирана атмосферата, што мислам дека треба да следат неколку чекори од наша страна, покрај овој, затоа што ова нема да заврши, ако биде промовирана утре (резолуцијата за црвените линии на СДСМ, н.з.), задутре веќе ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со свои коментари или со свои забелешки.

Мислам дека тој процес треба да потрае. Не треба да бидат вклучени само политичките партии. Минатата недела слушнав неколку исклучително добронамерни совети од академикот Камбовски при една дебата во, во МАНУ, каде што говореше дека едно е тоа што треба да го работи политиката, но многу повеќе треба просторот да го користи науката и културата, да даде дополнителен стимул на затоплување на односите.

Секогаш тоа било на ниво на желби, на декларации. Никогаш не се навлегло храбро и длабоко во тие процеси.

За жал, треба да признаеме дека и за љубов и за кавга треба двајца. Не можеме ние постојано да покажуваме со прстот дека проблемот е само во Софија.

Ова што јас го говорам, не е популарно. Ова не носи поени, но на државата, бидејќки сега говориме како државата да ја направиме европска и како побрзо да станеме членка на Европската Унија, мора да научиме дека и влогот од наша страна да биде искрен и да покажеме дека реално и ние сакаме да направиме многу повеќе отколку што сме правеле досега.

Затоа што, да не се лажеме и во бугарското и македонското општество има сили кои никако нема да дозволат овој процес сега што, ако почнува, нема тие да бидат мирни. Повторно ќе има тенденции да се измести фокусот и да се влезе во еден гол популизам, каде што националистичките структури од едната и од другата страна ќе бидат погласни од оние европски сили кои егзистираат и во Македонија и во Бугарија.

По Втората светска војна имаше повеќе политички монтирани процеси во кои „ванчомихајловистите“ беа драконски казнувани.

Да, како што велите, самите вие велите, резолуцијата не е доволна. Зад неа треба да има процес кој тоа ќе го поддржи. Прашањето ми е дали навистина верувате дека во Бугарија има сили кои ќе ги надвладеат националистичките?

Јас верувам дека постојат.Јас комуницирам на дневна основа со нив. Се гледам на секои две-три недели кога ги имам обврските на академско ниво. Обидите кои од наша страна био оделе во правец на испраќање на сигнали на пријателство, добрососедство, респект, од другата страна ќе бидат поздравени.

Предоминантни во изминатиот период, беа негативните примери. Од бугарска страна имавме позитивните примери во изминатиот период, во последните неколку години. Солидарноста од бугарска страна, на едно исклучително високо ниво. Дали е тоа несреќата со Дурмо Турс, дали е последната трагедија во Кочани, дали е проблемите со пожарите… Бугарија покажа искрено пријателство и покажа дека реално, кај нив, предоминантна е атмосферата дека треба да се градат мостови, дека треба да помогнат сега на Македонија.

Мислам дека ако ние дадеме можност, тоа е само еден мој предлог кој сум го говорел и претходно на поинаков начин, од поинаква позиција, а сега слободно овде, во мојот кабинет на факултетот можам да споделам мое искуство што мислам дека ќе биде исто така добар чекор напред.

Не само резолуцијата. Резолуцијата, да, дај Боже да се стигне до таков консензус, но треба и многу други чекори, многу посилна соработка. Не треба да имаме комплекси. Одат напред младите, треба само да им се даде шанса да не бидат тие ограничени со една атмосфера која беше создадена последните три-четири години, и мора да се соочиме со тоа дека имаме за почеток не е трасиран патот, ќе има многу препреки, но треба да се биде решителен во  пробивањето на патот напред.

Не може постојано да покажуваме со прстот дека само Бугарија е проблем.

Ќе се обидам да го свртам вашето внимание кон некои поактуелни политички прашања што се случуваат во земјата. Дали при првите проблеми, опструкции, искушенија во однос на ова прашање, очекувате, е тоа го поставувам и како провокација, ако сакате и така прифатете го, премиерот да се повика на странските центри на моќ кои ќе го блокираат тој процес?

Што мислите кога еден премиер постојано за различни теми од општествено-политичкиот живот кои се многу битни, секогаш во прв план ги вади центри на моќ во странство, потпомогнати од домашни сили кои ги блокираат некакви политички процеси во земјата?

Кога ги прави анализите и премиерот, гледам и дел од министрите кога се обидуваат да прикажат дека Македонија е жртва на еден билатерален спор, Но, едно е само да констатираш дека имаш проблем и дека билатерализацијата на процесите во Европската Унија го кочат проширувањето, тоа е факт. Но, од друга страна, кога ќе додадеш дека тоа го користат други центри на моќ, пенетрира руското влијание, кинеското влијание, јас така го сфаќам премиерот.

Што не е тајна. Не е тајна дека дестабилизацијата на Западент Балкан е посакувана варијанта на оние кои не мислат добро, не само на Македонија, туку воопшто на регионот. Значи регионот е уште во фаза ние велиме, ја гледаме најпозитивната варијанта дека влегуваат Албанија и Црна Гора во и тоа го прави посилен регионот, но има и друга варијанта.

Што ако дојде до дестабилизација во Србија, што е актуелно прашање? Што ако кулминира ова што се случува во Република Српска? Што ако после локалните избори, на Косово би морало да се прават нови парламентарни избори? Што значи прекинувањето на стратешкиот дијалог меѓу Соединетите Американски Држави и Косово?

Ние немаме таков луксуз кога ја правиме сега анализата да мислиме дека нема други центри на моќ кои не сакаат стабилизација на регионот, затоа што Европа е сочена со војна на својата територија.

Прашање на ден е кога ќе биде вклучена не само Украина, туку можеби и членка на НАТО во војната со Русија. Затоа мислам дека е повисоко нивото на свеста. И кај премиерот и кај Филипче и кај другите лидери во опозицијата.

Тие немаат луксуз да мислат само на локалните избори кој ќе освои колку. Локалните избори ќе бидат веројатно крај на политичката кариера на еден или двајца лидери на политички партии. Нема да настрада сигурно премиерот Мицкоски, бидејќи, иако сите велат ќе биде со намален бројот на гласови, веројатно поддршката дали седумдесет осумдесет, некој вели две стотици гласови, но тој го посвои најголем број градоначалници и советници.

Јасно е дека тоа ќе го искористи за рекомпонирање веројатно на, на својот владин кабинет, на, на партиските структури, бидејќи најави еден таков голем потег. Што ќе прават другите е небитно од овој аспект ние што правиме. Да, ќе постојат такви центри на моќ кои не сакаат Македонија да, да, да влезе во ЕУ.

Дали има сојузници тука? Да, имала и ќе има. Би го цитирал во оваа пригода поранешниот премиер Љупчо Гериски кој вели „ние уште си трпим од длабоката држава“.

Да, структурите, инсталациите, во медиумите, на факултетите, во бизнис заедницата ги има. Не можеме да кажеме дека сите сакаат Македонија да биде дел од Европската Унија.

На одбележувањето 30 години од дипломатските односи со САД едвај се воздржав да не викнам: Уа, шнајдери!

На крајот сакам да ве прашам нешто друго. Неодамна беше одржан еден настан со кој се одбележа триесет години од воспоставувањето на дипломатски односи со Соединетите Американски Држави и на тој настан беше пуштен еден филм за контактите и средбите на високи македонски лидери, политичари во разни периоди кои имале средби со високи истакнати претседатели и потпретседатели на Соединетите Американски Држави.

На тоа видео ги немаше снимките од вашата средба со претседателот Буш, ја немаше средбата на премиерот Заев со потпретседателот Пенс. Што мислите за едно такво, ќе го наречеме кроење на поновата, современа историја?

Јас бев присутен во Клубот на пратениците. И заради присуството и на поголем дел од дипломатскиот кор, не беа само претставници од власта или од нашата бизнис заедница, се воздржав гласно да коментирам и да не викнам: Уа шнајдери.

Но, ја потоа искористив можноста и реагирав кај министерот за надворешни работи. Верувам дека мојата реакција ја слушна премиерот и претседателката Сиљановска-Давкова кои беа во неговото опкружување. Реагирав дека нема битни настани на филмот. Не само мојата средба, како единствена средба на премиер кој бил во Белата куќа за овие триесет години. Ја немаше средбата на Груевски, кој како премиер имаше средба со тогашниот потпретседател Бајден. Ја немаше средбата на Заев со потпретседателот Пенс. Го немаше за мене големиот настан отворањето на македонската амбасада во Вашингтон, каде што имавме специјален гостин, министерот за одбрана во тоа време, секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд. Ја немаше и посетата на истиот тој Рамсфелд, кој во рамките на неговата посета делеше ордени на македонски војници заради учеството на нашите војници во операцијата Слобода за Ирак.

Не е тајна дека професионално јас и Тимчо Муцунски сме многу блиски, бидејќи тој беше мој асистент, сега е вонреден професор кај нас на факултетот. Тој е дел од моето поблиско опкружување овде, еден од тројцата мои соработници на факултетот. Разговаравме пријателски за тоа, за скандалозното прикажување на видео кое нема одраз на реалната состојба во изминатите триесет години.

Констатираше министерот на крајот дека е направен пропуст заради тоа што дел во архивата во Македонската радио телевизија, во архивата во Владата и во Министерството за надворешни работи ги нема овие материјали. Направив јас обид дел од приватната архива да ја ставам на располагање на Министерството за надворешни работи.

Ветија дека се подготвува нов спот каде што ќе ги има дополнително оние неколку настани кои се исклучително битни за македонско-американските односи во изминатите триесет години. Да се надеваме дека така ќе биде.

Ви благодарам за разговорот

Благодарам и на Вас.

Зачлени се на нашиот е-билтен