Интервјуто со Румена Бужаровска го направивме меѓу две патувања на писателката којашто веќе подолго време е една од најпосакуваните авторки на европските книжевни настави. Разбирливо најголемо внимание привлече нејзиниот настап Саемот во книгата во Солун, по повод промоцијата на збирката раскази „Мојот маж“ што објави издавачката куќа „Гутенберг“, во превод на реномираната преведувачка Александра Јоаниду, професорка на Универзитетот Аристотелис во Солун, која на грчки ги има преведено и други европски автори, меѓу кои и Олга Токарчук и Георги Господинов.
Како историски чин е тоа што првпат името на јазикот официјално стои во книга во оваа земја како „превод од македонски јазик“.
Според грчките медиуми „Мојот маж“ е една од најчитаните книги во Грција, а на тамошната културна јавност наското, на есен, ќе биде претставен и преводот на другите две книги на Бужаровска – „Не одам никаде“, и другата година „Осмица“. Бужаровска во јуни ќе има читање во Атина, а има покана и за настап на книжевниот фестивал во Хања на Крит.
„Мојот маж“ е четврта збирка на Бужаровска. Досега е преведена на над 13 јазици, а минатата година се најде на листата на 100 највпечатливи книги за 2022 во Франција, која ја објави француското книжевно списание „Лир“ (Lire), а на француски јазик расказите на Бужаровска ги издаде легендарната издавачка куќа „Галимар“.
На кратко во Скопје или во Маврово, меѓу две патувања, до следната промоција на „Мојот маж“ на шпански јазик чинам. Дали очекувавте ваков меѓународен успех? Што ви шепна „Мојот маж“ додека ја пишувавте? Како сега ви изгледа „Мојот маж“ од времето кога се создаваше во компјутерот?
„Мојот маж“ е моја трета збирка раскази која ја објавив првично со „Блесок“ во 2014 година, а оваа година деветтото издание го објави издавачката куќа „Три“. Тоа значи дека книгата сум ја пишувала пред десет години, а објавила пред девет. Фактот што на меѓународниот успех му треба толку време не е чуден, зашто странските издавачи во принцип не се заинтересирани за писателки на раскази од земји како нашата – едноставно на пазарот многу подобро котираат автори од западни земји што пишуваат романи, и тоа од јазици со повеќе достапни преведувачи (англиски, германски, француски, шпански). Како и да е, се разбира дека во тој миг, пред десет години, пишувајќи, не очекував ниту пак мислев на некаков успех. Пишував бидејќи имав потреба да пишувам, а тоа е поради тоа што отсекогаш ме восхитувала книжевноста, па сум сакала и јас да создадам нешто слично. По речиси десет години, книгата сум морала да ја препрочитам триесетина пати, што поради преводи, што поради реобјавувања, и тој процес е навистина непријатен, зашто постојано носи преиспитување кој во овој миг е беспредметно. Книгата е објавена и си живее свој живот. Не сакам ништо да менувам во неа, зашто знам дека би можела да ја расипам. Секој писател мора во извесен миг да престане да го ревидира или поправа своето книжевно дело и да го остави само да си живее.
Професорот Милан Ѓурчинов за книжевните дела велеше дека се како повеќестрани призми кои се движат низ времето и просторот и колку повеќе од „страните“ или слоевите на призмата се рефлектираат и воспоставуваат комуникација со реалноста, со луѓето во различно време и димензии, толку се подобри. Може ли оваа особина на книжевните дела да ја примениме во вреднувањето на „Мојот маж“?
Навистина не би можела да проценам такво нешто за мое дело, иако верувам дека како и сите писатели, и јас би сакала моите книги да може да комуницираат со луѓето во други идни времиња, со луѓето на различни места и различни јазици. Но бидејќи никогаш нема да дознаам дали тоа ќе биде така или не, не се оптеретувам со тоа прашање. Доволно ми е што ме читаат дома и на Балканот. Ми значи што сум дел од тоа што Дубравка Угрешиќ го нарекува „југосфера“ и сакам да придонесам кон македонската култура.
Наидовме на неверојатна поддршка од публиката. Покрај тоа што да, читав на македонски на јавен настан, јазик којшто со децении беше забрануван и потиснуван, од публиката се јави младо момче од Егејска Македонија кој зборуваше на дијалектален македонски, што беше исклучително трогателно за сите. Би рекла дека дури беше катарзична атмосферата.
Промоцијата на „Мојот маж“ на грчки јазик на Саемот на книгата во Солун ја прогласија за најважен настан на манифестацијата. Од големо значење е што за прв пат во една книга од македонски автор во Грција пишува „превод од македонски јазик“, а вие читавте делови од книгата на вашиот мајчин, македонски јазик. Тоа е исклучително важно како уште една афирмација на македонскиот јазик во време кога тој е изложен на напади, главно од политички причини. Но од друга страна уверени сме дека голем број од публиката дојде да ја види, да се дружи и да добие потпис од авторката која што „ја освои Европа“ и да ја купи книгата за која зборува европската културна јавност.
Може ли да ве замолам за мислење за овие два аспекти на преводот на „Мојот маж“ на грчки?
Несомнено дека тоа што на „Мојот маж“ за првпат во историјата стои „превод од македонски“ е многу важен чекор во помирувањето на долгиот конфликт меѓу двете држави. Секако дека знаеме колку е понижувачко за нас да се бориме со неприфаќањето на нашиот идентитет и на нашиот јазик, но треба да сфатиме и колку и за еден обичен Грк, децениска жртва на негативна политичка пропаганда против Македонија, изговарањето на зборот „македонски“ претставува табу. Фактот што „Мојот маж“ таму е толку читана книга, како и тоа дека на саемот се распродадоа сите книги што беа на штандот и што потпишав 200 примерока на луѓе што лично доаѓаа со книга в рака, многу зборува за тоа колку национализмот е алатка која политичките партии ја користат против сопствениот народ.
И покрај Преспанскиот договор, воопшто не беше лесно да се испечати зборот „македонски“ на самата книга, а и да се заведе во официјалниот регистар на книги при грчкото Министерство за култура. Најмногу за тоа е заслужна мојата преведувачка, професорката Александра Јоаниду, неверојатно храбра жена со високи идеали која со години е мета на напади на националистите поради нејзината борба за македонскиот јазик и идентитет (ако се прашувате, не, нема македонско потекло, туку е Гркинка). Заслужни се и моите издавачи „Гутенберг“, кои беа свесни дека може да бидат изложени на напади поради тоа. Знаеме колку се силни екстремистите како „Златна Зора“ во Грција, а и поради тоа што му се случи на уметникот Сергеј Андреевски на неговата изложба во Солун, издавачите најмија приватно обезбедување за мене и за Јоаниду, додека и саемот имаше повикано полиција за заштита (иако полицијата не секогаш реагира). Но се воспостави дека од тоа немаше потреба. Наидовме на неверојатна поддршка од публиката. Покрај тоа што да, читав на македонски на јавен настан, јазик којшто со децении беше забрануван и потиснуван, од публиката се јави младо момче од Егејска Македонија кој зборуваше на дијалектален македонски, што беше исклучително трогателно за сите. Публиката јавно го осуди инцидентот со Сергеј Андреевски и ракоплескаше кога се зборуваше за развивање на добрососедство меѓу двете држави. Би рекла дека дури беше катарзична атмосферата.
Не беше лесно да се испечати зборот „македонски“ на самата книга, а и да се заведе во официјалниот регистар на книги при грчкото Министерство за култура.
Но еве, да се навратам и на вториот аспект што го спомнавте. Голем дел од моите читатели се млади жени кои не знаат ништо за македонско-грчкиот конфликт и ја читаат мојата книга од други причини. Колку што сфаќам од самите нив, се пронаоѓаат себеси и својата околина во книгата, и ја сметаат за современа. Ми велат дека текстот им е свеж и дека ги трогнува и смее истовремено. Истото ми го кажуваат и во други европски држави, така што по тоа, успехот на книгата во Грција има сличности со нејзиниот успех во Европа.
Вие сте несомнено ѕвезда на македонското, а еве и сѐ појасно, ѕвезда и на европското книжевно небо? Што носи со себе овој статус?
Носи невозможност за анонимност и голем број на пораки. Сакам да ги испочитувам сите мои читатели, но едноставно не можам да им го дадам на сите времето што некогаш приватно го бараат од мене. На пример, поради тонот кој го негувам во моите книги, а и мојата непосредност во јавните настапи, читателите често мислат дека ме познаваат лично и дека можеме да бидеме пријатели, што се разбира е невозможно. Често ми треба многу енергија за таа љубезност, во која верувам, оти навистина си ги почитувам и сакам читателите. Исто така, одзема време за пишување поради гостувањата, патувањата и интеракцијата со читателите. Многу потешко ми е да седнам сега и да завршам ракопис. Исто така, наметнати ми се и некои очекувања кои искрено и ме тиштат при пишувањето, иако се обидувам да се ослободам од нив. Севклупно, не уживам толку во статусот, колку во привилегијата да запознаам нови култури и исклучителни луѓе од различни земји. Исто така, интересно ми е да видам како се однесуваат различните култури како мене кога знаат дека сум писателка од мала земја за која никогаш не слушнале. Кај некои има предрасуди, но тие не ме вознемируваат, туку напротив, ме инспирираат, со оглед на тоа што ја сакам сатирата и ете, постојано имам нов материјал.
Освен во вашите книжевни дела, темите за кои се застапуваш ги афирмираш, се залагаш за нив и активно учествуваш и во конкретни активности и процеси како што е „ПичПрич“, на пример. Дали тоа те става во редот на писателки и писатели на „ангажираната книжевност“. Како ќе реагираш или реагираш ако некој ја класифицира вашата литература како таква? Можеме ли денес да зборуваме за „ангажирана книжевност“ и зошто таа се враќа на сцената?
Од една страна дефинитивно сум општествено ангажирана како феминистка, со проекти како „ПичПрич“ или со други иницијативи во кои ја поддржувам ЛГБТИ заедницата. Но едно е да се биде активистка, а друго е писателка. Моите дела не се памфлетски и поучни, туку се книжевни, и не би можела да речам дека се класично ангажирани. На пример, мојата последна збирка „Не одам никаде“ се занимава со имиграцијата кон Западот и со комплексот на инфериорност што го негуваме кон Западот, а и пост-колонијалниот комплекс на супериорност што Западот го има кон нас. Но се разбира дека и родовите улоги играат голема улога во секој од расказите, зашто едноставно не може да се одвојат родот, класата, бојата на кожата, сексуалната ориентација, етничката припадност и така натаму едно од друго. Во секоја приказна општествените прашања се меѓусебно поврзани и не се исклучуваат едни со други.
Мислам дека на сцената не се враќаат, туку доаѓаат писателките, што е резултат на вековната борба за родова еднаквост. Имам среќа што живеам во време во кое имам повеќе права од мајка ми и од моите баби и прабаби, па ете, можам да сум писателка и јавна личност. Треба да имаме предвид дека процентуално, жените многу повеќе читаат од мажите, така што е природно публиката да бара да чита нешто со кое може да се поистовети, за разлика од порано кога сме читале „машка“ книжевност, т.е. дела од мажи во кои се зборувало за мажи. Така што, не би рекла дека на сцена се враќа „ангажираната“ книжевност, туку дека на сцената доаѓаат гласови кои досега биле стишувани.
Во денешно време само почнавме повеќе да ги забележуваме авторките и делата со женски теми. Некои машки автори, поради тоа, се чувствуваат загрозени, зашто сцената не им припаѓа само ним, туку замислете, мора да ја делат со нивните колешки.
Вашиот ангажман, вашите книжевни дела, веќе се ставени во редот на писателките како што се Симон де Бовоар, Вирџинија Вулф, Жорж Санд, Маргарет Атвуд… Можеме ли да зборуваме за феминистичкта литертура како за посебен книжевен правец, како посебна естетика во книжевната историја? Зошто е тоа така?
Ви благодарам за комплиментот. Дел од тие жени се мои идоли и не можам да се замислам во иста категорија со нив. Инаку тешко ми е да одредам дали нешто е токму книжевен правец, но дефинитивно има нов тренд во кои авторките се поприсутни и уште поприсутни се читателките кои сакаат да читаат жени. Но, внимавајте. Тоа не значи дека се побројни од машките автори, ниту пак дека се понаградувани. Далеку е од тоа. Далеку сме дури и од еднаквост во тоа поле. Во денешно време само почнавме повеќе да ги забележуваме авторките и делата со женски теми. Некои машки автори, поради тоа, се чувствуваат загрозени, зашто сцената не им припаѓа само ним, туку замислете, мора да ја делат со нивните колешки.
Со Румена Бужаровска разговараше Зоран Бојаровски
Фотографии: Лилика Стрезоска