Само што беше комплетирано, на канонада од критики беше изложено помошното стручно тело на Министерството за правда, кое од наредната недела треба да почне да работи на уставните измени. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе бара кривична одговорност за оние кои ќе земат хонорари за беспредметна работа, со оглед дека нема двотретинско мнозинство за уставни измени. За обврските на ова тело и за атмосферата во која стартува неговата работа, Катерина Блажевска , за Дојче Веле на македонски, разговараше со Ана Чупеска, член на експертскиот тим во помошното стручно тело. Таа е вонредна професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, раководителка на мастер студии по политички науки, а по научно звање е магистер на науки по меѓународни односи и доктор по политички науки.
ДВ: Од опозициски редови стигнаа критики и за формирањето, и за составот на работната група. Како вие го оценувате стручниот капацитет на нејзиниот состав или барем на експертскиот дел?
– За жал имам впечаток дека критиките упатени од опозицијата имаат друга цел, а тоа е – да го оневозможат патот кон ЕУ. Во спротивно, ќе номинираа претставници и експерти кои тие ги сметаат за најкомпететни. Но тоа не го сторија, со цел да нема стручна дебата, во стручен форум. Намерата е да се сее магла, а со тоа, наместо стручна дебата да добиеме дневнополитичка димензија на оваа особено важна работа, со што ќе се разводни суштината.
Критиките упатени од опозицијата имаат друга цел, а тоа е – да го оневозможат патот кон ЕУ. Во спротивно, ќе номинираа претставници и експерти кои тие ги сметаат за најкомпететни.
За себе можам да кажам дека имам долгогодишно искуство во научната област за заштита на пооделни културни права и идентити, мултикултурализмот, демократијата, што во нашиот актуелен момент е референтен сегмент. Сите мои ставови се јавно објавени. Впрочем, јас сум професорка на јавен универзитет, не на некој илегален камп, и сѐ во врска со мене и моето творештво и компетенции е јавно достапно. За другите колеги уверена сум дека се стручни, иако голем дел не ги познавам лично. Во тој контекст можам да истакнам дека за Елена Михајлова (членка на ЕКРИ) и Цаца Николовска (меѓународен уставен судија) со кои сум имала прилика да соработувам – одговорно тврдам дека се особено професионални.
ДВ: Вашите стручни компетенции се неспорни, иако не изостанаа обиди да бидете претставени со поредуцирани референци од оние кои реално ги имате. Ве демотивира тоа или обратно?
– Оценка на нечија научна стручност може да даде само некој кој е во повисоко научно звање од областа за која е избран, така што, воопшто не ги земам за сериозни дневнополитичките тролања и ботирања по медиумите – едноставно, тие немаат релевантност. Жалам што тоа е одраз на една кусогледост, наспроти ургентноста од акција и делување во правец на нашата интеграција. Тие, да ги наречам дисквалификации, ми се чини дека имаат единствена цел -оневозможување на процесите за интеграцијата во ЕУ. Гледам дека се желни за дискусија на темата, но не знам зошто тоа се пласира на погрешен терен, кога еве има стручен форум на кој се поканети да учествуваат. Да изберат најстручни, најкомпетентни нивни претставници, да се приклучат, и да ги соочиме аргументите како што доликува. Вака, се чини дека се прави само врева, деструктивна, и со нагласен популистички наратив, без желба и идеја за прогрес и конструктивно дејствување.
ДВ: Што сѐ ќе биде обврска на помошното стручно тело?
– Уште не сме се состанале, немам детали, но она што би била наша елементарна обрска е да разговараме и да ги разгледаме сугерираните измени во Преамбулата од нашиот Устав, со цел да бидат соодветно содржани препораките од преговарачката рамка што ја добивме од ЕУ. И тоа да биде во интерес на државата и граѓаните, согласно со копенхашките критериуми.
ДВ: Ќе се заложите ли за механизми кои ќе гарантираат дека работата на телото нема да овозможи пропустливост на сугестии однадвор, кои би значеле мешање во внатрешните работи и процеси?
– Секако дека тоа е внатрешно прашање, и принципот за немешање во внатрешните работи за мене е неспорен. Нема простор за таква интервенција, и немам сомнеж за тоа, групата ја разбирам како стручен форум кој може да предложи најповолно решение за нашата држава. Како и досега, така и во иднина, максимално сум била и ќе останам посветена на демократскиот прогрес на земјава. Тоа подразбира и бранење на принципелни ставови со аргументи низ систем на вредности кои ја одразуваат демократијата.
Она што се бара од нас е да постапиме соодветно по копенхашките критериуми и тоа не е опасно. Поопасно е да останеме на ветрометината и соочени со интервенциите од трети страни.
ДВ: Очекувате ли работата на оваа работна група да поттикне поширока стручна дебата и да ја зголеми поддршката за уставни измени?
– Поентата на работната група беше токму тоа – да имаме стручна дебата во транспарентен процес. А не популистички медиумски препукувања, а сега по најново и закани од опозицијата! Јавната расправа, секако ќе уследи во самиот процес низ Собранието, по сила на закон. Тоа е неминовост и така треба да биде.
ДВ: Според вас, што е најважното во овој процес?
– Најважно е да не ја блокираме сами европската перспектива, особено по укажувањето на Борел, (а претходно и на други високи функционери на ЕУ), дека подобра зделка од оваа нема да имаме. Она што се бара од нас е да постапиме соодветно по копенхашките критериуми и тоа не е опасно. Поопасно е да останеме на ветрометината и соочени со интервенциите од трети страни. Нашата континентална и вредносна припадност е европска, и други аранжмани би биле погубни. Наша одговорност е да го заокружиме овој процес успешно и совесно. Најлесно е да се откажеме, но тоа не е одговорно и ќе има неповолни последици, долгорочни. Сега повеќе од кога било потребна е одговорност, од сите чинители.
Преземено од Дојче Веле на македонски