Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Делата на Дичо Зограф беа инспирација за боенка за деца за да им се приближи дел од нашето културно наследство

Анета Георгиевска – Шајн е историчар на уметност и особен поборник за зачувување на културното наследство. Ја фасцинираат средновековните уметници и преку создавање на боенка за Дичо Зограф се надева дека ќе ги заинтересира и најмладите малку повеќе за културното наследство што го имаме. Таа е ѝ креатор на веб страницата за Дичо Зограф, https://www.dichozograf.org/, каде се претставени делата што таа ги има собирано низ годините како и биографија за овој уметник.

„Се надевам дека со самиот чин на боење, децата ќе се заинтересираат да посетат места каде што можат да ги видат некои од овие или слични фрески. Се надевам дека преку читање на воведниот дел на боенката, кадешто ги репродуцирам страниците на таканаречената „автобиографија„ на Дичо (веројатно напишана од синот Аврам), ќе дознаат малку повеќе за тоа како сликарите во тој период го учеле и совладувале занаетот, како оделе од едно до друго место да осликуваат цркви, во колку и незавидни услови живееле…

На едно место во „автобиографијата“ што му се припишува на Дичо, тој вели дека за да го спознаеме светот, треба најпрвин себеси да се научиме – тоа е и основната порака на оваа боенка“, изјави Анета Георгиевска Шајн за читателите на Трн.

Трн: Можете ли да ни кажете малку за вашето потекло и за вашиот интерес за уметност и иконографија што ве натера да создадете боенка инспирирана од Дичо Зограф?

Анета: Уште како дете имам дознаено за Дичо Зографот, пред се преку повремени летни патувања до неговото родно село, Тресонче – од каде што потекнува и семејството на мајка ми. Таму има две доста важни цркви. Едната е Свети Петар и Павле, каде што иконите и повеќето фрески ги сликал Дичо, а другата е Свети Никола, каде што главниот автор на фрескописот бил неговиот син Аврам. Како и сите наши цркви во села коишто се веќе речиси целосно напуштени и се посетуват само летно време, и овие две зданија беа доста често непристапни и недоволно чувани.

При една летна посета, се сеќавам дека организирав неколку деца и тинејџери да ја исчистиме внатрешноста на Свети Никола бидејќи беше неверојатно запуштена…  Таа епизода ми остана во сеќавање со години. Минатово лето помислив дека сум се вратила повторно на истото место, во истиот тој миг, при посетата на црквата Свети Илија во Селце – страотна запуштеност, направив целосна фото документација, иако ми е непријатно дури и сликите да ги споделувам. А да не зборуваме за сите оние инциденти од периодот околу 2012-2014, кога многу од овие цркви во западниот дел на земјава беа целосно ограбени. Стотици, ако не и илјадници икони и други вредни ритуални предмети, се исчезнати. Црквата Свети Петар и Павле сега има фото репродукции на иконостасот наместо иконите. Сега црковниот одбор прави кампања за собирање средства за да се насликаат реплики, бидејќи оригиналите се наводно пронајдени но се чуваат во Манастирот Свети Јован Бигорски и нема изгледи да се вратат. Ова се барем информациите што ги имам во моментов.

Наместо да се собираат средства за правење реплики, би било далеку поцелисходно да се соберат средства за целосно обезбедување на црквата (конзервација на она што е преостанато).

Ме водеше желбата да им се предочи на најмладите малку повеќе за културното наследство што го имаме но и што континуирано го губиме.

Трн: Што ве привлече кон делото на Дичо Зограф и зошто избравте да се фокусирате на неговата уметност за вашата боенка?

Анета: Дичо е еден од најважните зографи на овие простори од 19тиот век. Покрај неговите активности како иконописец и фрескописец на територијата на тогашна отоманска Македонија, има работено и во соседните земји, вклучувајчи ги Србија и Бугарија. Пред да ја дизајнирам боенката, направив една веб страна за него на англиски јазик: https://www.dichozograf.org/ . Мотивација  за тоа беше фактот што во тоа време таква веб страна не постоеше. Единствената солидна страница на википедија (зборувам за периодот до кај 2022) беше на бугарски јазик каде што, како што може и да се претпостави, Дичо беше опишан како бугарски зограф. Во 2023, по мојата веб страна на англиски, се појави конечно и посериозна страница на википедија за него на англиски, веројатно преку Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ (ИЦКН) при МАНУ. Искрено ме радува тоа, но истовремено се прашувам зошто ни било потребно толку време да се појави таков онјалн извор на податоци за Дичо?

Од перспектива на историчар на уметност, неговата уметност ми е интересна на многу нивоа – поради иконографските иновации или отстапувања од византиските кодови, поради синтезата на византиските стилски карактеристики со натурализам и дефинитивни влијанија од запад, поради „наивноста„ што произлегува од неговата изолираност од академски центри каде што како човек со талент за визуелно изразување ќе можел да се развива во сосема друга насока…  Дури и кога за некои критичари зографската традиција во земји како тогашна Македонија изгледа како типичен продукт од маргините на „Културата„, тоа не мора само по себе да се гледа негативно. Конечно, тоа што е „периферно„ е сепак најважното во дадениот жанр што го имаме на овие простори – и треба да го сочуваме и разбереме што е можно повеќе.

Трн: Како истражувавте и собравте информации за Дичо Зограф и Дебарската школа за да создадете автентична претстава во вашата боенка?

Анета: Боенката беше релативно лесно да се концепира и направи. Главниот дел од мојата работа беше собирањето информации за веб страната. Интернетот секако многу ми ми помогна, посебно што работев во ковид периодот и на далечина, од САД. Има доста аматери што постираат добри фотографии со висока резолуција, па така, малку по малку, собрав и визуелни информации. Но сепак, при подготовката на таа веб страна станав уште посвесна колку нашите знаења за Дичо Зографот – а да не зборувам за неговит син и други зографи од тој период – се нецелосни, односно, уште колку има што сегашните и идните генерации на историчари на уметност треба да го сработат.

Трн: Кои елементи од уметноста на Дичо Зограф и балканската иконографија од 19 век ги вклучивте во вашата боенка и како ги приспособивте за формат на боенка?

Анета: Се обидов да најдам визуелни мотиви коишто би биле атрактивни за помлади читатели – од естетска гледна точка, но исто така и во поглед на симболите.  Како историчарка на уметност којашто се бави со уметноста на ренесансата и барокот во западна Еверопа, постојано зборувам со моите американски студенти за христијанска иконографија – со постојано потсетување дека колку и да ни е сето тоа туѓо (посебно бидејќи имам студенти со најразлични потекла) сепак има фундаментално значење за културата во којашто живееме.

Трн: Дали имаше некои посебни предизвици при креирањето на боенката?

Анета: Морам да признам дека имав одредена резерва кон овој проект бидејќи не сакав да се протолкува како некаков облик на „веронаука.„ Затоа и се обидов сите објаснувања околу религиозните аспекти на сликите/ мотивите да бидат минимални и неутрални, но сепак да се пренесат основните информации за тоа како сликите функционирале како јазик разбирлив и за оние што не можеле да читаат (повеќето од луѓето во тоа време).

Трн: Можете ли да споделите совети или предлози за поединци кои сакаат да ја користат вашата боенка како креативна и едукативна алатка за истражување на балканската иконографија и историја на уметност?

Анета: Има многу можности. На пример, посета на цркви каде што учениците коишто веќе се запознаени со делото на Дичо преку боенката би можеле да ги видат неговите икони или фрески. Една од тие цркви, на пример, е недалеку од Скопје – Свети Никита во Бањани.  Друга можност е да се почне со боенката на час по ликовно воспитување и да се продолжи со проучување на неговото дело преку отворени извори на интернет, па дури и да се организира ликовен конкурс при којшто учениците би зеле некоја слика од Дичо како појдовна точка за креативно толкување во различни медиуми.

Не треба да се превидат ни поконкретни акции – на пример, организирање на кампања за поголема свесност за културното наследство или негово посоодветно чување, со петиции до надлежните органи за поцелосно известување околу иконите коишто беа украдени и наводно пронајдени, но за коишто јавноста се уште не е доволно информирана…

Трн: Дали има некои идни проекти или уметнички потфати поврзани со вашата боенка или имате планови да истражувате други уметници и периоди во иднина?

Анета: Доколку увидам дека оваа боенка е интересна за читателите и нивните наставници, но и родители, тоа секако ќе биде голем поттик да продолжам. Веќе размислувам да ја преведам на англиски за да биде достапна и за деца коишто не го зборуваат македонскиот јазик – пред се, деца од семејствата на дипломатските претставници на други земји. Зошто и тие да не научат малку повеќе за македонското културно наследство и извесни елементи што го поврзуваат истото со она што го сметаат за нивна култура и нивни традиции?  

Трн: Дали планирате да го промовирате ова дело и во Америка?

Анета: Не ја исклучувам ни таа можност – посебно со оглед на големиот број наши иселеници, не само во САД туку и во многу други земји низ светот – Канада, речиси насекаде низ западна Европа, па и многу подалеку, до Австралија и Нов Зеланд. Ќе се обидам преку нашите дипломатски пртставници да организирам работилница или предавања за културното наследство со фокус на Дичо Зографот, наменета за деца на нашите иселеници, но патот од намера до реализација треба многу внимателно да се осмисли. Во заклучок би сакала да потсетам дека сите овие активности ги правам на целосно волонтерска основа – поттикната од вербата во позитивни промени коишто можат да се постигнат дури и со многу скромни гестови.

Александра Тодоровиќ/Трн.мк

Најново