Тимот на серијалот „Имаме неколку прашања за вас“ овој пат пристигна во Дојран како резултат на договорот тука да се најдеме и да го снимиме интервјуто со Игор Џамбазов.
Се разбира, за да се претстави Игор Џамбазов нема никаква потреба, но овој пат средбата и ова интервју со него е повразно со неговите активности на полето на заштитата на животната средина и екологијата.
Не поврза и Денот на планетата земја којшто светот го одбележува на 22 април, а темите посветени на овој ден се дел и од емисијата Агенда 21, во којашто Игор Џамбазов има свој придонес заедно со Весна Петрушевска, Тони Михајловски и целиот тим на деца актери и луѓето од продукцијата кои заеднички ја прават оваа единствена ТВ емисија посвтена на темите на заштитата на животната средина.
Со Игор не можеа да се избегнат ниту темите поврзани за неговиот ангажман на социјалните мрежи за овие и за други прашања од општествен интерес со што тој покажува дека тој простор може да биде сериозно место за позитивен ангажман, а не само за говор на омраза.
Со Игор Џамбазов разговараше Зоран Бојаровски
Рацин.мк: Јас нема да кријам ако кажам и тоа ќе го кажам со задоволство, ;ест ми е и навистина се чувствувам привилегиран што имам можност да разговарам со Игор Џамбазов. Ти благодарам многу за тоа што ја прифати поканата…
Џамбазов: Добредојде во Дојран.
Добре најдов, да и Дојран посебно е битно тоа, затоа што успеавме тука да се сретнеме и да го отвориме овој разговор и да разговараме за прашањата што ти ги најавив во комуникацијата што ја, што ја имавме претходно за прашања за животната средина…
И токму се наоѓаме на такво место, прости што те прекинувам, кое покажува колку Дојран е убаво и чисто место.
И нели скопјаните патат од тоа дали е црвено загадувањето или е портокалово или е…, тука е секогаш зелено. Тука не сме загадени од ништо, освен од лоши и некултурни туристи.
И ова интервју е всушност зелено и е посветено на зеленото. На дваесет и втори април е Денот на планетата Земја и јас сакав и успеав, ти благодарам на тебе што го прифати, да го направиме ова интервју поврзано со екологијата, со животната средина, во пресрет на денот, а поврзано со твоите активности. Имено Агенда 21, ми се чини единствената телевизиска емисија, продукција, која редовно ги отвора прашањата за животната средина во која ти заедно со твојот колега Тони Михајловски и со уште со неколкумина ваши пријатели, колеги и така натаму, продукцијата, продукцискиот тим, го правите сето тоа, афирмирајќи ги тие прашања со пораките што им ги испраќате на младите за да сфатат колку се важни овие прашања.
И кога зборувам за тоа, сакам да почнам со тоа што јас кога ги гледав тие неколку емисии, заклучив дека тоа не го правите само заради некакво чувство на професионална одговорност. „Еве еден проект, па ние професионално ќе одговориме на тоа“. Гледам во тоа много љубов, многу ентузијазам, начинот на кој го правите тоа.
Да, за жал Бојаровски, тоа е единствената емисија која сериозно го третира проблемот на екологијата. И тоа не е само екологијата запишана во својата дефиниција, туку екологијата малку пошироко.
Ние ги вклучуваме и домашните миленици и бучавата која е дел од лошото живеење и така натаму. Јас не верувам дека во основните училишта постојат не знам какви предмети кои се посветени на тоа.
Ние во наше време имавме природа и општество. Сега тоа има сосема друго име, но, еве имам пријатели што имаат мали деца, внуци. Се обидувам да најдам нешто, нема ништо. Изгледа сè уште не сме ја направиле менталната екологија за да почнеме да се занимаваме со оваа другата.
Менталната екологија, па, тоа не можеш во гените да го добиеш, тоа се учи. Или ќе те научат дома, значи или е дел од домашното воспитување или е дел од образовниот систем. За жал кај нас ни мајките ни татковците го немале тоа во своите училишта, па како да очекуваме да им го пренесат на, на своите поколенија.
Споредувајќи ја Македонија со другите, еве овие што ни се блиски, ние сме на дното. На дното. А претендираме да бидеме туристичка земја, еколошки освестена, нели, сè уште сме далеку од тоа.
Но, еве Агенда 21, првата сезона можеби малку по скромно. Втората сезона малку по самоуверено. Третата сезона веќе со свој став, а во четвртата сезона, малку со присуството на Тони покрај мене, на Александар, неговиот син, кој исто така ни е колега од Македонскиот народен театар, децата од актерската школа, се потрудивме и мислам дека успеавме во тоа да ја најдеме таа формула, нај, најлесниот начин тоа да се спакува во еден пакет кој ќе биде интересен и за децата и за родителите.
Односно за оние што не се еколошки освестени и оние што би требало да ги освестуваат овие еколошки неосвестените, па и себеси да се образуваат малку на таа тема. И во еден неврзан разговор ти спомнав дека, во првата сезона, еве да речеме дека скоро да немаше никакви реакции од засегнатите страни или од тие што се одговорни за тоа, иако поканувавме и министри и активисти и така натаму.
Во втората сезона веќе почнавме да добиваме пораки од типот „ве молиме да внимавате што зборувате, да ги проверувате фактите“. Весна Петрушевска ги правеше сценаријата за првите три сезони и тоа навистина е жена што знае колку е доволно, каде е црвената линија.
За да во третата сезона, активистите што ни беа гости, почнаа да ни покажуваат чудни СМС пораки кои ги добиваат од големите концерни кои градат, отварваат нови рудници и расфрлаат околу себе арсен, цијанид и сè друго и се прават мутави.
И мислам дека дојде време кога треба да се прекине со тоа дека секоја иницијатива што се однесува на здравјето на луѓето е платена од странство. Некои ги собрал. Не е баш така. Така испаѓа дека ние имаме неосвестени граѓани, дека нашите граѓани за пари себи направиле.
Не е баш така. Јас познам активисти кои баш ништо немаат од тоа, освен некоја лична сатисфакција и се трудат да направат нешто за оваа земја, за општеството воопшто. Правејќи за себе, правиш за своите деца, ама правиш и за општеството. Јас сум познат инфлуенсер, имам една објавено дека менувајќи се себе си на подобро, ти не се менуваш само себе си, ти го менуваш светот на подобро.

Отвори многу прашања што сакам да ги разговараме и да ги развиеме понатаму. Еве да почнеме со менталната екологија што ја спомна ти. Велиме во училиштата или нема или тие образовни програми не се соодветни на времето, на потребите, на она што е актуелно прашање и актуелен момент кога станува збор за животната средина.
Но, дали е доволно само да се учи за животната средина? Ми се чини има, има едно правило кое вели за некои други дисциплини, ама може да се примени и тука. Ти можеш да научиш нешто за животната средина, но потребен ти е постојан тренинг, постојано да бидеш во духот, во ритамот на тоа да ги усовршваш тоа свое знаење и да го применуваш.
Како со законите. Ние имаме супер закони, препишани од најдобрите устави на светот, ама не се спроведуваат. Си постои и закони за екологија и за заштита на животната средина, но не се спроведува. Имаш апсурдни ситуации, да речеме, луѓето што истовремено се борат за еколошките принципи, се членови на управни одбори на рудници, за кои не е баш сигурно дека не ја загадуваат околината.
Знаеш ли колку има такви? Сеќавам на една епизода од првата сезона кога уште тогаш со дрон ги снимавме сите диви депонии. Откривме дека само на потегот од Струмица до Ново Село има сто.
После првата сезона се намали бројот, а на третата сезона на Агенда изјавите беа дека скоро и да нема веќе. Јас не велам дека тоа го направила Агенда, но доволно би било само едно полуминистерче да го чуе тоа, па да го предложи, па дај да видиме што е со тие диви депонии.
И сега сакам во петтата сезона повторно да го направиме истиот лет на дронот и да видиме дали сме успеале во нешто. И ти повторувам, не го сметам тоа за успех на Агенда, нити наш личен успех, туку ете, тие дваесет, триесет минути од некоја епизода ги видел некој што треба да ги види.
И затоа не се лутам кога ќе ми ја репрезираат Агенда пет пати. Нека репрезираат секој ден. Можеби некој што треба ќе чуе. Ако ја испушти во вторник, ќе ја фати во петок. Агенда нема лоша намера, ниту па сака да се прави важна, ниту па сака да заработи пари од тоа. Но, за среќа ова морам да ти го признам. Еве четири сезони имаме среќа, две а, навистина општествено одговорни фирми, Пакомак и Нула отпад, да ни бидат, не само спонзори и донатори, мецени да бидат на целиот проект.
Се најдоа и тие себеси и морам да ти кажам дека Агенда беше прва што ги промовираше машините за рециклирање на отпад, за конзерви, за хартија, пластика и така натаму. Агенда беше прва што го посочи проблемот со електронскиот отпад.
Не знам дали си запознат ти со бројките. Па, еве кажи сега дома колку каблови имаш што не ги користиш?
Којзнае… полна фиока…
Од стариот мобилен, па тоа малото пинче во лаптоп што влегува, па тоа што ти останало од стариот телевизор. Направивме зелен број.
На тој зелен број луѓето сериозно се јавуваа и Агенда беше прва што им викаше, вие само подгответе го отпадот, ние ќе поминеме, дома ќе ви го земеме. И јас сум горд што учествував во таков проект што навистина помрдна некои граници. Тргнавме од нула и тоа е најбитно.
Ова уште еднаш ми потврдува дека она што го реков на почетокот, не се работи само за професионална одговорност да се спроведе, ако можем така да го наречем проектот, но ова е очигледно повеќе од проектот, начинот на кој ти се вклучуваш во тоа и во кои се даваш. И тоа може да биде пример и сега сакам да разговараме и за твоето влијание во јавноста.
Ти си позната личност, селебрити, популарна личност. Твојот збор може да направи промени и гледаме дека прави и од ова што го сведочиш…
Дај Боже да е така, се радувам ако е така.
Колку си задоволен од вклучувањето на другите во ваков тип на активност?
Е па ние направивме еден добар потег во Агенда, секогаш имавме по еден селебрити гостин и така успеавме младата генерација да ја натераме да ја гледа Агенда. Тинејџерите кои го обожуваат Таско раперот ги привлековме за овие теми.
Со Пере Нокаут ја привлековме средната генерација, со, не знам, Тошо Малерот, ја привлековме возрасната генерација, но никој не нѐ одби и сите своето гостување „немилосрдно“ го споделуваа на социјалните мрежи, па и ние се приклучувавме на тоа.
И навистина, сега ќе ти се пофалам дека деловите од Агенда што ги имаме Тони Михаилски и јас имаат милионски прегледи на YouTube, ама на YouTube. Милионски прегледи. Повеќе од многу спотови познати македонски и така натаму.
Што ти вели тоа? Сме успеале, барем младата генерација која кисне на YouTube, која сака музика и така натаму, дека сме ги натерале да влезат и тие во нашето убаво друштво кое има добра намера.
И не само тоа. Кога зборуваме за социјалните мрежи, обично се споменуваат во негативен контекст.
Да, за жал.
Го имам во предвид тука говорот на омраза што се шири таму, но вие покажувате дека, еве, имаме пример каде што социјалните мрежи можат еден друг говор да афирмираат, да промовираат, да поттикнуваат.
Да го заборавиме говорот на омраза и мразачите, едноставно, можеби нема да ги тргнеме засекогаш настрана. Ќе постојат, но гледаме преку твоите активности дека има алтернатива, дека може и нешто друго.
Добро си го забележал тоа и нешто друго, јас што го забележав, дека скоро да немаше негативни коментари.
Мислам, да сме на чисто. Овде во Реформ кога е полно, има двеста луѓе. Петмина не ги бива. Имаат друг поглед на свет, друго ги интересира. Нивните комплекси преоѓаат во агресија и така натаму.
Знаеш кога си необразован, кога си неинформиран, кога си во мрак тотален, тебе ти останува да бидеш негативен за да дојдеш до израз. Оти позитивно не можеш да влијаеш, очигледно. И го забележав тоа дека луѓето, нѐ послушаа во смисла на тоа дека сè почнува од дома.
Сè почнува од децата, од семејниот ручек, од родителскиот состанок во училиште и тоа. Кога се луѓето организирани, полесно врват работите нанапред. Е ние успеавме да ги собереме сите овие општествено одговорни фирми, да ги убедиме дека мисијата е голема.
Навистина е голема мисија да освестуваш еден народ кој до вчера плукаа низ своите автомобили. Сè уште плукат, но верувај ми, бројот е помал.
Сега ќе ти кажам една анегдота. Сестра ми која живее триесет години во Америка, да. Кога ќе дојде во Македонија се нервира. Третиот ден она, јас ќе ѝ речев, сестро, ама ти заборави зашто си отиде од оваа земја сега. Тука не се менуваат работите како во Холивуд преку ноќ. Тука е еволуција, нема револуција.
И се сеќавам стоиме на едни семафори кај новата железничка станица. Чекаме на црвено на семафор, пред нас автомобил убав модерен автомобил. Се отвори прозорот од десната страна на со возачкото место и едно пластично канче од јогурт „пљаас“.
Да, да. Додека траеше црвеното, сестра ми излезе од автомобилот, го зема канчето јогурт и само им го врати назад. Сега во нормални околности мажов кој ќе излезе или јадеш ќотек или ќе му се случи нешто на твојот автомобил.
За среќа, тоа што кажа ти, ние селебритис различно реагираат луѓето. Излезе човекот и кога ме виде мене, без збор само се врати наназад, се вклучи зеленото светло, почнавме да свириме, а тој се расправаше со неговата жена.
Значи што се случи? Добија двојна лекција. Ова повеќе жено да не го правиш. Глеај сега Игор Џамбазов тука може да не снимаше, за резил сме. Така. Самото овој народ мора да го казниш за да научиш. За жал, казните, не знам дали си видел колкави се еколошките казни?
Да речеме ако те фатат да фрлиш ова опушок од цигара беше модерно до пред десет години, педесет евра. Како бе педесет евра? Па некој намерно ќе фрла само за да се направи фраер, имам ја пари, уште една, еве уште една, уште една. Закони, закони, закони, закони кои се спроведуваат и закони кои се нормални.

Но не се само закони. Еве и овој пример говори за тоа дека кога те видел човекот, запрел…
И ја искара жената му…
Сакам да кажам, не е само дека ти ја правиш таа емисија и ги емитираш твоите пораки кон некој друг. Прашањето е во тоа дали ти го живееш тоа.
И сега, да продолжуваме понатаму. Ти дојде и го избра Дојран да живееш. Беласица е зад нас, тука е езерото. Мирот и тишината не можат да се опишат тука на камера или со тонот.
Само луѓе кога ќе дојдат може да го почувствуваат тоа…
Но твојот избор вели дека, да, јас си афирмирам здравата животна средина, но јас и ја живеам и сакам да ја живеам. И уште едно прашање е, пак ќе се навратам на многу карактеристичен случај што е приказната со твојата сестра, а практично твојата постапка поттикнала промена на свеста кај човекот. И сега не е доволно ти да си свесен самиот себеси. Дека така треба да се однесеш.
Не сум направил ништо ако сам себе се освестам.
Таа своја свест ја пренесуваш на другите. Живееш со таа свест. Тоа е многу специјален момент и секоја чест
Да, иако да ти кажам, не знам дали се сеќаваш на Ерин Брокович и прекрасната Џулија Робертс.
Се сеќаваш каков проблем имаа они? Колку траеше сето тоа? Колку се измачија? Какви пораки добиваат? Животите им беа во прашање. Но, луѓе со мисла, со цел, со идеја го спроведуваа тоа. И знам често на снимањата на Агенда да ја спомнам Ерин Брокович како еден посебен пример за тоа. Како да се реши неправдата, како овие луѓе кои со години биле зрачени и труени да добијат барем некаква надокнада за маките што ги преживеале.
Тоа се случува и кај нас во помала мерка. Но, ете, ти спомнав еден активист кој ни се жалеше во околината на Струмица, се прави таму, не знам што се прави, отишле, измериле недозволена количина на тоа, недозволена количина на тоа, недозволена количина на тоа, на три убиствени работи и кога излезе во јавност, он беше предавник, шпиун, платеник од запад, американски војник… Мајката. Не оди тоа така. Не се сите со лоша намера. А ние сме со добра, навистина сме со добра. И екологијата има пет шест сегменти и многу е тешко да се издржи четири сезони. Се знае кои се проблемите на екологијата и затоа ние сега да не ги повторуваме истите се обидуваме во склоп на агендата да го прошириме тоа.
Значи, еве да го прошириме на домашните миленици и тие се дел од еколошкиот систем.
Необразовани, неталентирани полусветови одлучуваат за клучните работи
Нашиот однос кон домашните миленици кои се дел од животната средина…
Вдоменото куче не прави беља надвор, вдоменото куче или куче однесено во стационар, стерилизирано, обележано и вратено во природата, не е агресивно куче.
А не и штети на природата. Нему штети на еко балансот на езерото. Само те прави… Тоа ја прави Македонија нормална земја, кога сите кучиња се вдомени.
Интервјуто го правиме неколку дена откако се вративме од турнејата со МНТ во Црна Гора и Босна и Херцеговина, бев во Сараево.
Во Сараево станало европски град прекрасен. И сега јас кучкар, мачкар, што забележав после неколку часа шетање во Сараево, дека нема ни едно куче скитник. Мачка не видовме, куче, не видовме. Деца многу, мачка, куче, не видов.
И се шегувавме со екипата, имам наградна играа, викам секој што ќе сними куче видео или фотка и ми ја прати на Инстаграм добива сто евра. (смеејќи се) Наградна игра. Не најдовме куче скитник и вечерта на дванаесетка дојде една од замениците на градоначалникот, една фина госпоѓа, љубеничка во театарот и во неврзан муабет ја прашав.
Она ми рече, а ние тој проблем го решивме уште на почетокот на овој век. Еј, град што 1995 та беше под опсада три години, кој беше нај небезбедното место на планетата за живеење, го решил проблемот со кучињата само шест седум години после таа опсада.
А ние, ние сме под опсада, самите себе се, сме под опсада. (смеејќи се) Ме сфаќаш, не можеме да излеземе од некоја, од некоја зачмаена, некој балон зачмаен, некое стаклено ѕвоно под кое ние седиме и чекаме друг да ни ги реши проблемите.
И токму затоа ентузијазмот на Тони, на неговата сопруга Александра Јолева, на Вики Дамевска продуцентката, на малиот Михајловски, на Александар, на сите ние… Драго ми е дека се собра една таква екипа. На почетокот служевме за постмев. Абе што екологија, кој ти слуша тоа? Но, кога си упорен, кога си… И еве мене па ми е посебно драго што човек како тебе, што е двеста години во новинарството го препознал тоа и ми е многу драго што дојде и што го правиме овој муабет. Да знам дека сум во право и јас.
Ги спомна Црна Гора, Босна и Херцеговина, нам, постарите генерации, ама и тоа и сега е пример, Словенија ни беше отсекогаш земја која се грижи за животната средина. Луѓето кога ќе отидат таму не можат да видат отпад…
– Аптека.
Да, буквално аптека и сега прашањето ми е, отсекогаш ми било, што е тоа што Словенците ги прави Словенци? Зошто ние не можеме Македонците да станеме Словенци…
Можам да ти одговорам наjiскрено?
Најискрено, те молам.
Турците стигнале само до Карловац и била Австро-Унгарија. Тоа била империја. Австро Унгарија има закони што ден денес важат. Значи, имало некој умен човек, умни луѓе кои тоа го правеле. Словенците во време на Југославија беа Европа за нас, па и Хрватите тука некаде, сè додека не се случи таа глупост што му се случи на Балканот воопшто.
Но, она што сакав исто така да го кажам, за нив, да вдомиш куче, има голема акција на глобално нивое, не купувајте кучиња, вдомувајте кучиња. Не можат луѓето да сфатат, аа, што ќе добиеме ние ако сите вдовиме по едно куче.
Нема да има веќе инциденти по улиците, ме нападна чопор кучиња. Нема да има болести, мачкини куги од кои умираат. Знаеш дека се уште постојат луѓе што сакаат да ги трујат кучињата? Па тоа…, кој век е тоа?
Сеga сме во дваесет и први, тоа не e дваесетti, тоа е деветнаесетти век. Да, да го труеш кучето?!? Та, кој си бе ти да го отруеш кучето? Ами, тоa е на оваа планета исто како тебе. И тоa сака љубов, и тоaј сака некој да се грижи за него, и он да се грижи за своите поколенија. Кучињата како повеќе да го разбираат овој проблем?
Сериозен сум. Овде кога понекогаш кога ќе се повлече езерото gi набљудувам кучињата, ги снимам и тие забележуваат дека нешто не е во ред. Дека водата во која се бањавме веќе ја нема. И онака со зачудени погледи, сум ги анализирал, оти шетаме со Ферхунде, сакаме да видиме, многу сме сme]ni, ќе земеме една ќеса, во десната рака ми е Ферхунде, во левата ќеса збираме ѓубренца по плажата.
Мислам, за да не испадне дека се фолирам јас, дека толку сум… Не, само се сметам за еколошки освестена личност. Не ми се случи на дваесет години.Мене ми се случи на четириесет и кусур, ама веројатно сè во животот си доаѓа со време.

Ајде едно прашање за да го оправдаме амбиентот во кој се наоѓаме. Зошто Дојран?
Зошто Дојран? Се обидував на разни места да живеам. Во планина, во Маврово бев еден извесен период, па живеев во едно демирхисарско село Слепчево, во подножјето на Илинска планина, но имав некакви здравствени проблеми и на крај се испостави дека мене големи надморски висини не ми одговараат.
Едноставно не се чувствувам добро кога ќе поседам два три месеца во Маврово, почнуваат некакви проблеми и не ми се допадна тоа. Овде сме на стоитриесет, сточетириесет метри надморска висина. Солунското пристаниште е на шеесет километри оттука.
Медитеранска клима.
Понекогаш се случува овде вака да седиме како сега, а да ми пратат видео од Нов Дојран дека паѓа снег. Ама сериозен сум. (смеејќи се) Или обратно, овде невреме, таму си играат пинг понг во дворот.
Точно средината на езерото, помеѓу двата Дојрана, како да е границата на климатската зона. Неверојатно. Кога ќе дојде мај, јуни, тогаш најмногу можеш да го почувствуваш тоа. Овде седиш и ја чувствуваш солта од морето. Некои ветришта такви и точно знаеш во која клима се наоѓаш.
Најмногу заради климата, а и тоа што од дете со дедо ми (Петре Прличко) сме доаѓале тука во легендарниот Ачикот кампот. Тој ловеше риби, знаеш каков беше он театрален целиот…
Одевме цела фамилија. Подоцна почнав да доаѓам, се здобив со многу добри пријатели овде, со Истатови и Јаневи. Почнав Дојран да си го сфаќам како мое место. Искрено, Охрид ми е преку глава затоа што цел живот, младоста ја поминав таму, но таму е хаос.
Ми требаше помирно едно место и мислам дека го најдов вистинското место. Мирот што сега го чувствувам во својата душа, последен пат сум го почувствувал на шеснаесет години.
Тоа сакав да прашам сега, „бегството“ во Дојран, претпоставувам дека е и заради, заради бегството од бучавата на градот, од нехуманите димензии што градот денеска ги има?
Од што попрво да бегаш од Скопје? Дали од загаденоста, дали од гужвата, дали од бучавата? Тоа се трите, веројатно, работи заради кои луѓето бегаат од Скопје. Мислам, еве имам јас едно станче кое го користам кога одам во, во Скопје се наоѓа во Козле.
Козле е средено. Има паркче, има пешачки патеки, сето тоа убаво изгледа. Меѓутоа, музика до еден, клуб, огномети ненајавени над нас. Мислиш Трета светска војна се случува. Мотори кои брмчат во еден часот наутро.
Млади со БМВ-ња кои дрифтаат тука на Партизанска, на Илинденска. Хаос, хаос. Овде, понекогаш е толку мирно, што на лаптопот пуштам до даска некој Дип Парпл чисто да ме потсети дека има цивилизација на дофат до мене.
Бучавата и загаденоста, веројатно тоа се работите кои генерациите подоцна ќе ги почувствуваат. Не е здраво тоа што се дише во Скопје.
Едно не ми било јасно мене. Еве тебе ќе те прашам јавно. Овие што ги спроведуваат законите и што треба да ги донесат, поготово закони за екологија, за заштита на животната средина, имаат свои поколенија? Синови ќерки кои имаат синови и ќерки, значи внуци, тие кој воздух го дишат?
Увезен од Бугарија некој? Некој донесен од Али експрес? Купен преку Тему? Истиот воздух го дишат? Или нивните деца се отпорни затоа што нивните татковци ги донеле или не ги донеле законите? Сите го дишеме тој воздух. Значи, ако веќе си на позиција да одлучуваш, прво на твоето дете помисли кога го носиш законот, на твоето дете помисли, што ќе дише моето дете.
Необразовани, неталентирани полусветови кои одлучуваат за клучните работи на човечкото постоење воопшто. И токму за тоа Агенда е како една, како еден изблик, како една, како што викаше покојниот Зеко, контра на контрата.
Бунтовник со причина, е тоа е Агенда 21, бунтовник со причина, тоа со голема причина. И многу ми е драго кога продуцентката Вики ќе ми пушти скриншот од тоа колку денеска не гледале.
Викам гледај денеска, ова го гледале десет илјади луѓе, само денеска. Значи, од тие десет илјади луѓе, деведесет посто фрли ги. Тие десет посто се илјада луѓе. Илјада луѓе го гледале тоа. Од тие илјада, петсто ништо не разбрале. А од овие петсто што разбрале, двестапедесет го разбрале и ќе го спроведуваат.
Другите двестапедесет можеби ќе го знаат, ќе го имаат на ум, па ќе го спроведат како ќе биде густо. Така, тоа се тие чекори што… Одеме напред и затоа реков тоа е бавно, но сигурно одење напред. Нема револуција во оваа работа, има само еволуција. Полека, сега си доаѓаме на своето.
Ти благодарам многу. На крај сакам да те замолам порака една ако имаш во врска со овие прашања. Некој сублимат.
Фрлајте го ѓубрто на место за фрлање. Рециклирајте ги вашите отпадоци во машините. Вдомете едно куче, бидете насмеани и дојдете во Дојран. (смеејќи се) Тоа е тоа.
Ти благодарам многу.
Чест ми беше. Вистина. Чао.