Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Џејмс Хипи за МИА: Луѓето сакаат да бидат на евроатлантската траекторија бидејќи веруваат во слобода и демократија

Земјите го избираат својот пат. НАТО и ЕУ не се експанзионистички организации. Русија сака да претстави дека желбата на луѓето да се приклучат на НАТО или ЕУ е некој вид на западна експанзионистичка агенда, што не е вистина. Луѓето сакаат да бидат на евроатлантската траекторија бидејќи веруваат во слобода, суверенитет, територијален интегритет, демократија, сите работи што се вградени во западните организации како ЕУ и НАТО.

Ова во интервју за МИА го порача британскиот министер за вооружени сили, Џејмс Хипи, со кого разговаравме на маргините на 30. Министерски совет на ОБСЕ, кој се одржа вчера и завчера во Скопје.

На прашањето дали одложувањето на интеграцијата во ЕУ на земјите од регионот на Западен Балкан може да отвори простор за дестабилизација и влијанија од трети страни, Хипи вели дека иако Обединетото Кралство по Брегзит повеќе не е дел од ЕУ, целосно ги поддржува земјите, кои ја имаат таа амбиција.

Тој во интервјуто за МИА говори и за учеството на првиот руски дипломат, Сергеј Лавров на Самитот, кое предизвика бојкот на министрите за надворешни работи на Украина, Полска и балтичките држави, нагласувајќи дека со неговото присуство во Скопје тој можел да ја чуе од прва рака осудата за делувањето на Русија во Украина и начинот на кој Москва се однесува со оваа организација.

Хипи изјави дека тој не планирал средба со Лавров, а исто така изрази и разбирање за земјите, кои ја изразиле својата загриженост поради неговото присуство.

-Ставот на Владата на Обединетото Кралство е дека ова е форум што останува единствена можност за ангажман и затоа сме тука. Останатите земји си носат сопствени проценки околу фактот што Русите се овде, нагласува Хипи во интервјуто за МИА.

Британскиот министер за вооружени сили се осврна и на одбележувањето на 30 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Велика Британија, нагласувајќи ја британската поддршка за Армијата на Северна Макеоднија во насока на исполнувањето на НАТО стандардите.

-Целото искуство што го има британската армија во работата со вашата војска е навистина позитивно и охрабрувачко и постои голема почит за активностите на македонските вооружени сили, рече Хипи.

Г-дине Хипи, овде сме на самитот на ОБСЕ во Скопје, за кој се вели дека е историски, имајќи ја во предвид руската блокада на функционирањето на организацијата поради војната во Украина. Какво е вашето мислење за досегашните дискусии?

Прво би сакал да ѝ честитам на Владата за претседавањето оваа година и организацијата на успешен самит. Не е лесно со оглед на геополитичките тензии што неизбежно ќе влијаат врз организацијата и кореографијата на конференцијата. Но ОБСЕ е веројатно една од последните организации во рамките на Европа каде дискутираме за безбедноста, а каде Русија е сѐ уште поканета. Големиот срам е што иако ова претставува единствениот преостанат форум каде можеме да се обидеме да разговараме заради поширокиот интерес на безбедносната соработка во Европа, се чини дека Русија останува на својата намера да уценува и да ја поткопува организацијата. Сепак, треба да се нагласи успехот на вашата влада што овозможи работите да профункционираат.

Дали на присуството на рускиот министер за надворешни работи гледате како на можност или спротивно, имајќи предвид дека земјите од Балтикот, Украина и Полска го бојкотираа Самитот поради неговото присуство?

-Ниту е можност, ниту нешто друго. Јас немам намера да разговарам со него и претпоставувам дека најголем дел од моите колеги од земјите сојузници и партнери од пошироката европска заедница го мислат истото. Реалноста е дека со неговото доаѓање, тој може да ја слушне од прва рака осудата за делувањето на Русија во Украина и начинот на кој Русија се однесува со оваа организација, и толку. Во врска со оние земји што ја искажаа својата загриженост околу неговото присуство, сметам дека тоа е разбирливо. Ставот на Владата на Обединетото Кралство е дека ова е форум што останува единствена можност за ангажман и затоа сме тука. Останатите земји си носат сопствени проценки околу фактот што Русите се овде.

Следното претседателство во ОБСЕ претставуваше проблем се додека не се најде консензус за Малта да биде претседавач. Дали очекувате дека Москва ќе постави други блокади поврзани со буџетот на организацијата или изборот на ново раководство?

-Токму тие прашања беа заеднички во сите говори на министрите и амбасадорите во текот на конференцијата. Јасно е дека постои голема нервоза бидејќи Русија се обидува да ја поткопа оваа организација и тоа не смее да ѝ се дозволи. Некои сметаат дека е некаков успех што се дојде до договор Малта да го предводи ОБСЕ следната година. Тие ќе бидат одлични, тоа е прекрасен народ, ја презедоа обврската со кратка најава и ја имаат целата наша поддршка. Но тоа не значи дека не бевме еднакво возбудени и за претседателството на Естонија и сметаме дека е жално оти тоа претседателство беше блокирано и што мораше да се најде алтернатива.

Војната во Украина сѐ уште трае, изби нов конфликт на Блискиот Исток. Дали има шанса конфликтите да се прелеат на други делови од светот, посебно во Европа и Западниот Балкан?

-Постои една максима во надворешната безбедносна и одбранбена политика дека го тргнуваш погледот од Западниот Балкан на свој ризик. Во време на високи геополитички тензии можете да видите како може да се катализираат ривалства и несогласувања што постојат во овој регион. Мојот инстинкт ми кажува дека ниту војната во Украина, ниту тоа што се случува во Газа преставуваат директен катализатор на тензиите што ги видовме и во Босна и Херцеговина и во Косово во последните месеци, туку дека ова е производ на други работи. Секако, Обединетото Кралство и другите сојузници и партнери веднаш ја искажаа нивната поддршка за пријателите и партнерите во регионот и истата ќе продолжи и во иднина.

НАТО служи како заштита на регионот, особено на земјите што се членки како Северна Македонија, која сепак не е членка на ЕУ. Дали одложената ЕУ интеграција на земјите од Западен Балкан може да отвори простор за можна дестабилизација и влијанија од трети страни?

-Овде има една многу важна работа. Земјите го избираат својот пат. НАТО и ЕУ не се експанзионистички организации. Русија сака да претстави дека желбата на луѓето да се приклучат на НАТО или ЕУ е некој вид на западна експанзионистичка агенда, што не е вистина. Луѓето сакаат да бидат на евроатлантската траекторија бидејќи веруваат во слобода, суверенитет, територијален интегритет, демократија, сите работи што се вградени во западните организации како ЕУ и НАТО. Затоа сметам дека е многу важно оние кои сакаат да бидат на евроатлантскиот пат да бидат поддржани во тоа. Кога станува збор за ЕУ, Обединетото Кралство го изгуби зборот околу тоа пред неколку години, но целосно разбирам зошто земјите сакаат да се приклучат на Европската унија. И покрај тоа што веќе немаме столче на масата и можност за глас на оваа тема, целосно ги поддржуваме земјите што ја имаат таа амбиција.

Обединетото Кралство и Северна Македонија набрзо ќе прослават 30 години од воспоставување на билатералните односи. Британската поддршка за македонската армија во исполнувањето на НАТО стандардите е добро позната. Какви се вашите планови за јакнење на таа соработка?

-Прво би сакал да им оддадам почит на македонските вооружени сили и улогата на Северна Македонија како дел од донаторската заедница за поддршка на Украина. Постојат земји со огромни воени залихи и високи БДП, и ние ги ставивме рацете во џебовите и земавме работи од нашите залихи и воени складови за да испратиме работи во Украина. Тие најчесто се наоѓаат на насловните страни бидејќи претставуваат големи донации. Но кога помали војски исто така земаат од своите залихи и складови и испраќаат работи, тоа е би рекол уште позначајно. Сметам дека вашата земја треба да е особено горда за начинот на кој стои рамо до рамо со останатиот дел од донаторската заедница во поддршката за Украина. Ова не ме изненадува. Целото искуство што го има британската армија во работата со вашата војска е навистина позитивно и охрабрувачко, и постои голема почит за активностите на македонските вооружени сили. Неодамна, македонски војници беа слушатели на британската школа за пешадија, минатата недела вашиот началник на Генералштабот беше во посета на Обединетото Кралство. Постојано разговараме со што можеме да ве поддржиме за да ги развиете способностите декларирани во НАТО, како да станете стабилна и силна земја, со морален компас поставен онаму каде треба да биде, подготвени да дадете поддршка на пријатели и сојузници. Вие сте дел од регион што е под одреден притисок и каде има тензии, па така колку повеќе ве поддржуваме, толку тоа повеќе може да има стабилизирачки ефект во целиот регион. Ова е многу важна насока за Обединетото Кралство и нејзината работа со Северна Македонија во следните неколку години.

Каква е вашата оценка за земјава во однос на нејзината усогласеност со НАТО стандардите, имајќи ја во предвид вашата поддршка во исполнувањето на овие критериуми?

-Сѐ што слушнав е навистина охрабрувачко. Вашата лесна борбена група добро напредува и ќе претставува многу значителна придобивка за силите на НАТО, за да немате само симболично место во Алијансата, туку како почитувана земја што дава значаен воен придонес. Тоа се должи на македонските вооружени сили кои напорно работат да се достигнат тие способности и нѝ претставува огромна чест што и ние сме дел од тоа патување.

Ана Цветковска/МИА

Фото: Дарко Попов

Видео и монтажа: Аслан Вишко и Срѓан Крстиќ

Зачлени се на нашиот е-билтен