Во интервјуто за Рацин.мк, Дијана Имери Илкоска, диригент и композитор вели дека кај нас сѐ уште преовладува мислењето дека жената не е родена да биде лидер и на тоа одговара дека е тука за да се кршат стереотипите.
Се сеќава на еден разговор со нејзиниот професор Саша Николовски Ѓумар кој ѝ рекол: Ќе ти простат сѐ, ама успехот и талентот нема никогаш да ти го простат
Како еден од авторите на мултимедијалниот проект „Дон Кихот во Скопје“, таа вели дека г повикала Дон Кихот во Скопје за да се бори против трите ветерници: лицемерието, неправдата и рамнодушноста.
Во интервјуто Имери Илкоска зборува и за дискриминацијата што и била вршена од страна на претходниот директот на Македонската филхармонија за што добила потврдено стручно мислење од Комисијата за спречување и заштита од диксриминација. Вели: „Ќе се издигнам над сè што ми е приредено и ќе ми биде приредено од ситните злобни мали луѓе. Тука сум да им пркосам со убавина и со креација“.
Со Дијана Имери Илкоска разговараше Зоран Бојаровски.
Во редакцијата на порталот Рацин МК денеска ја имаме Дијана Имери Илкоска, диригент, композитор, аранжер, позната уметница во нашата земја и во светот.
Благодарам што ги прифативте поканата и што дојдовте во редакцијата на Рацин.мк, еден ден после праизведбата, светската премиера на мултимедијалниот проект „Дон Кихот во Скопје“.
Дон Кихот е името кое најчесто се врзува за некој романтичен јунак кој се бори против ветерниците за да ги оствари своите цели. Но вие го преточивте тоа во мултимедијален проект и го повикавте Дон Кихот да ви помогне во борбата против трите ветерници: лицемерието, неправдата и рамнодушноста.
Да почнеме со пораката што сакавте да ја испратите преку овој мултимедијален проект и за самото доживување после светската премиера што вчера се одржа во Националната опера и балет.
Беше тоа навистина многу емотивен, импресивен настан, којшто резултираше со огромно задоволство, пред сѐ кај мене, кај колегите со коишто имав чест да музицирам, кај мојот сопруг, којшто исто така e композитор на ова дело. Ние двајца заедно го напишавме за овој настан. Фоајето на Македонската опера и балет беше исполнето до последното столче и имаше уште толку луѓе кои што стоја на нозе во текот на целата изведба. Не испратија со овации, стоечки овации. Значи сѐ на сѐ едно прекрасно, прекрасно претставување на Дон Кихот во Скопје, на самото дело како мултимедијален проект.
Текстот кој го напиша специјално за оваа прилика и го читаше Тина Иванова, допринесе кон целокупното доживување да биде уште поубаво, уште поемотивно. И сето тоа резултираше со емоции и со убаво прифаќање на публиката.
Како што кажавте, да, во делото се споменуваат ветерниците со коишто се бори Дон Кихот и во оригиналното дело на Сервантес. Едно од делата коишто се класици, без разлика дали во литературата, во музиката или во ликовната уметност, класика напишана безвремеански.
Тоа што го опишуваат авторите пред четрсто, петстотини и повеќе години, некако истото го доживуваме и денес. Само амбиентот се менува. Така и нашево дело некако како да се бори со она што нас не опкружува, затоа што уметникот којшто го создава уметничкото дело, не можете да го одвоите од делото.
Тоа е една симбиоза. Така што, она што му се случува на уметникот во приватниот живот, секако дека влегува и во уметничкото дело коешто го создава. Па така и во овој случај. Дон Кихот беше некаква рефлексија на сето она што нас ни се случува во личниот и во професионалниот живот, но и на она што не опкружува во секојдневието.
Значи, трите ветерници, како што кажавте, лицемерието, неправедноста и рамнодушноста се секаде меѓу нас, за жал, во секоја сфера од нашето живеење, од нашето општество, од систем во системот во којшто живееме и работиме и твориме.
Но, Дон Кихот сепак се изборува, и тоа е пораката што ја носи ова дело. Дека Дон Кихот успева да се избори на крај со ветерниците и практично да пренесе порака дека љубовта и добрината и милоста ќе го спасат светот.
Се гледа уште емоцијата од вас кога, кога зборувавте, уште се силни импресиите от премиерата. Во исто време тоа вели дека, како што кажувате и вие, дека тоа дело некако произлезе од вас, од самите вас, од тоа што ви се случуваше во изминатиот период.
И ако можам да кажам, имаше причина зошто ви се случуваше сето тоа… Во најмала рака за да произлезе делото „Дон Кихот во Скопје“. Она што го доживеавте во вашата битка со ветерниците во Македонската филхармонија.
Така е, јас ја имав битката и сè уште ја имам.Свесно одбирам да ја насочам мислата дека сѐ што се случи и што се случува оди во моја корист и позитивно ми влијае.
Да не се случеше тоа, можеби ова дело немаше да излезе како што излезе. Така што она што го доживеав на почетокот на годинава, Рацин.мк го пренесе моето отворено писмо, до јавноста за отказот којшто го добив во филхармонијата. На еден начин тоа е некоја моја животна борба, во којашто морам да признам дека нема победник. Сите сме губитници, јас барем така мислам.
Да се дозволи една институција, раководител на институција и цел сектор на раководство, да изгубите во денешно време работник, да го оставите на улица работник, уметник, самостоен уметник, кој што сака пред сѐ да напредува во кариерата. Односно, би рекла не во кариерата, туку во музиката, во музичкиот свет, да напредува самостојно, а со тоа и допринесува и самата институција да напредува заедно со него. Затоа што јас додека бев таму вработена, ја обогатив филхармонија Духовно, можеби не финансиски, не материјално. Тие степени на обогатување и тие сегменти на обогатување се широк поим.
Меѓутоа, како уметник што работел таму, можам со гордост да кажам дека сум ги полнела салите на филхармонијата до последното место. Сум напишала дузина аранжмани коишто се останати во архивата на филхармонијата.
Така што да си дозволите како институција да изгубите таков работник, мислам дека е од огромна загуба. А секако губам и јас и како уметник и како некој што остана без егзистенција, останав на улица.
Го повикав Дон Кихот во Скопје за да се бориме против трите ветерници: лицемерието, неправдата и рамнодушноста

Тоа е навистина важно прашање, личната егзистенција. Меѓутоа јас ќе тргнам од тоа дека сте скромна и се воздржувате да кажете што вие правите всушност и за филхармонијата тука во Македонија и за музичката уметност во Македонија, но и за она што го правите и по што ве препознава светот.
Вам ви беа затворени вратите од заради една банална причина заради непродолжување на договорот за времено вработување, односно кој требаше да се трансформира во трајно вработување. Ви ги затворија вратите вам, на уметницата на која светот ѝ ги отвори широко вратите на било кој меридијан во светот. Од Грузија до Франција до не знам каде, да не ги наредиме сите концертни сали земји каде што вие имате отворени врати и каде што настапувате.
Какво е тоа чувство со кое вие се соочувате во една таква ситуација? Рековте дека со љубов и со истрајност ќе го совладате сето тоа.
Да се разбира дека се трудам да најдам максимално разбирање и емпатија за сето тоа што се случува.
Но, моментот што го споменувате со забраната за влез, како и за бришењето на мојот уметнички профил од официјалната веб страна на филхармонијата. На таа веб-страна сè уште стојат профилите на починати диригенти и уметници, а мојот профил беше избришан како жив, здрав млад уметник којшто дал допринос во таа институција.
Не ми беше воопшто пријатно да си го најдете вашето име и презиме осамнато на едно жолто бедно ливче на кое што пишува дека забранет е влезот, освен со специјална дозвола, на специјално лице. Таму каде што до вчера работев и соработував и имав убава соработка со сите колеги.
Не ми беше воопшто пријатно. Се почувствував бедно, мизерно. Целата ситуација Долно! Многу непријатно, баш бедно.
Да, но тоа не ве совлада. Вие продолживте, создавате дела, работите.
Се разбира. Знаете како е. Од друга страна, па колку и во моментот да се почувствував неубаво, недостоинствено, од друга страна па ми олесна.
Од кој аспект? Додека не излезе тоа жолто ливче, додека сè уште беше свежо, јас веќе разбрав дека не ми е продолжен договорот и дека останувам на улица. Но, сè уште имаше еден во мене сомнеж дека сепак можеби станува збор за грешка, не е ничија вина, не е директорот виновен, ова е некоја грешка, некој превид направен.
Сепак, во моментот кога го видов тоа ливче дека ми е забранет влез, веќе ми стана мене јасно и се покажа јасната интенција и намера.
Ми се покажа дека се работи за еден изблик на злоба и на љубомора, којашто во сиот свој раскош се покажа со таа лицемерност. Овие ветерници, во сиот свој раскош излегоа на едно жолто ливче.
„Еве сега ќе ти го забраниме влезот“. Тој наратив ми е мене многу, многу познат на одреден дел од колегите од филхармонијата. Јасен ми е тој наратив. Тоа што не ми се допаѓа, чистка, не постои.
Да, за жал. Но, вие поведовте постапка и пред Комисијата за заштита од дискриминација и таму го добивте случајот. Комисијата потврди дека против вас е вршена системска дискриминација.
После сето ова. Инаку, јас долго време ја чувствував таа дискриминација, уште пред да го изгубам работното место, но сето она што го зборував не се земаше за сериозно.
Дури и дел од раководството и од колегите по социјални мрежи и онака кулоарски да кажам, го претставуваа тоа како јас да измислувам нешто, како тоа да е некоја фикција, дека не е реално.
Дури во таа мера што почнував и јас самата да се сомневам дали она што го чувствувам е некоја моја претенциозност или осетливост, преголема осетливост на доживување на работите. Но, по консултација со стручни лица од областа, на луѓе коишто го работат дискриминирањето и спречување на на дискриминација, решив да поведам постапка. Главната причина за тоа беше непродолжувањето на мојот договор, односно нетрансформирањето на мојот работен однос од определено во неопределено, коешто беше законски издржано.
Значи директорот не сакаше, тогашниот директор, не сакаше да ја направи таа трансформација и тоа јасно си го покажа. Субјективно. Кога не сакате некому да му продолжите договор, нема да му го продолжите договорот
Потоа следуваше забраната за влез, бришењето од веб-страната и ред други работи коишто ги почувствував како неправда, неправда на лична основа, но и во повеќекратните обиди за валкање на моето име, за валкање на мојот интегритет и идентитет.
Сакав на овој начин да ги одбранам и да докажам дека сето она што го зборувам е вистина. Дека не е моја фикција. И тоа се докажа, на мое огромно, огромно задоволство. Шестчлена комисија од Државната комисија за спречување и заштита од дискриминација, по шестмесечен мониторинг и сослушување подеднакво на двете страни, утврди дискриминација по основ во областа на работата и на работните односи.
Ќе се издигнам над сè што ми е приредено и ќе ми биде приредено од ситните злобни мали луѓе.

Практично вие ја добивате битката против овој систем. Се кренавте против системот за да ја докажете вашата правична позиција и да докажете дека правдата е на ваша страна.
Сега останува, како што ми кажавте предходно, тој процес да заврши и на суд. Таму ве очекува исто така докажување.
Така е, на институционално ниво битката продолжува. Ова беше некоја, ајде да ја кажеме битка.
Не сакам таква именка да и ставам на оваа работа, но ајде, еве да ја наречеме битка. Ова беше битка за лична сатисфакција и докажување на вистината. Затоа што имаше обид да се стави, што би рекле народски под тепих.
И не само што да се стави под тепих, туку и да се исмее, да седевалвира она што јас го зборував. Така што оваа битка беше повеќе за моја лична сатисфакција. А понатака продолжува битката за, на институционално ниво, којашто во најмала рака би требала да се заврши со мое враќање на работното место и финансиска одштета, се разбира.
Тоа е вашата лична битка, да се истера правдата и да го добиете тоа што го го заслужувате. Но, во исто време оваа ваша битка е и пример за сите останати, особено за жените и девојките кои се соочуваат со овој тип на дискриминација. Да видат, да препознаат пример дека сепак може да се изборат и да му се спротивстават на системот кога е во прашање загрозеноста на нивниот интегритет, на нивната личност и така натаму. Што им порачувате на младите жени и девојки?
Ова исто така е една порака за сите уметници, независно дали се женски или машки род, за секој еден уметник, а особено со посебен акцент на младите уметници. Пораката е кон младите уметници и младата генерација коишто се идината на културната сцена и живот во Македонија. Младите уметници апсолутно немаат место, немаат простор каде да го изразат она што го учат, она што го чувствуваат, она што го поседуваат во себе.
Додека се млади, сè уште си млад, неискусен, немаш искуство, не сега. После тоа, над триесет години, веќе си стар, а немаш искуство, и така. Битка со ветерниците. А ние постојано, како некои алхемичари сакаме да се издигнеме над тоа и да извлечеме некоја поука.
Пораката пред сѐ што сакам да ја упатам на младите диригентки, но и композиторки и младите уметници е: Видете јас ова го започнав и решив да го терам до крај лично. Ова е моја борба. Но, ако некој успее да извлече поука од сè тоа, тогаш јас сум повеќе од среќна.
Но, исто така е порака и за оние кои што ќе решат да застанат на функција да знаат дека функцијата носи пред сѐ морална и човечка одговорност. Вие си играте со човекови права. Ова мене што ми се случи е дека некој си поигра со моите човекови права, со моето достоинство. Мене човековите права ми беа одземени и нарушени. Тоа е многу голем грев.
Го посветив мој прв дел од интервјуто со вас на овие прашања, бидејќи се битни и бидејќи се пример за тоа низ што поминува една жена, девојка, веројатно и дел од машките. Но, во нашата средина тоа е понагласено кон жените и девојките во професиите и особено во овој дел на некакви високи уметнички сфери.
Понатаму би сакал да ве прашам во врска со вашата кариера. За да ја остварите вашата кариера се боревте и на овој начин. Кога станува збор за вас лично, може да се каже, дека во вашиот живот подеднакво е посветен на приватност и на уметноста и музиката. Како го балансирате сето тоа во услови за кои досега зборевме, во една постојана битка за да се докажете?
Многу опширно прашање и бара опширен одговор. Се разбира дека, како што кажавте и самиот, дека таа неравноправност во однос на жени и мажи, не до толкав степен изразена во денешно време, како што била да речеме пред триесет, четириесет години.
Показател е тоа што многу млади девојки се охрабрија да се занимаваат со такви професии кои што барават на еден начин лидерство. Да, постои тоа меѓу нас како народ сѐ уште, дека жена не е родена да биде лидер, но тука сме за да ги кршиме стереотипите.
Целата моја животна приказна во поглед на професијата се движеше со тој некој лајтмотив да се кршат стереотипи. Во поглед на кариера, ајде да не го наречеме кариера, зашто кариерата е сепак својствено за луѓе кои што, уметници кои што, имаат сто, двеста концерти годишно.
Не сакам да сум нескромна, но сепак, да бидеме реални, јас сум уметник кој што, да, настапува и тука и во странство, но сепак тоа е се далеку помалку настапи од оние уметници кои што се, нели, светски докажани. Но она што ме води, мислата водилка, е музиката и уметноста која што работи во мене. Тоа е како крвта што тече во моите вени, така музиката тече во моите вени.
Така што, тоа што го носам во себе нема никогаш да дозволам и не сум ни дозволувала и студентка кога сум била некој да ме вкалапи во некое малечко кибритче, кутивчето од кибрит. Ти си тука затоа што си жена или затоа што си ниска, или затоа што си ваква, или затоа што си, не знам каква, личноста ти е ваква или…
Не сум дозволувала и нема да дозволам сè што било препрека на ваков или онаков начин во поголема или помала мера да влијае. Јас сум тука, верувам во своите потенцијали, во љубовта која што ја чувствувам за музиката и тоа најдлабоко, до најмала, најситна клетка во телото, ми го кажува да се борам за да го остварам тоа.
Си го должам тоа на себе. Го должам на талентот којшто го носам во себе. Го должам тоа на образованието за коешто потрошив годими. Не потрошив. Не е тоа трошење, туку е влог. Години вложив за да се образувам, да бидам она што сум.
Така што, тука сум да ги кршам стереотипите и јас и секој еден кој што ќе се најде во ваква некоја или приближно слична ситуација.
Тука сум да им пркосам со убавина и со креација.

Но, кога вие говорите за лидерство и за преземање на лидерство во сферата на музиката, тоа не е само резултат на вашата лична амбиција. Тоа е и резултат на признанијата што ви се упатуваат во однос на вашето творештво, во однос на вашите капацитети и таленти како диригент, во однос на вашите композиторски дела, во однос на вашите аранжмани што ги правите. Вашиот инов-иновативен пристап во однос на овие работи. Тоа ли е тоа што ве движи – иновативноста. Да откривате, да истражувате, да ги поместувате границите?
Секогаш, секогаш. За да се оди напред, секако мора да се гледа напред. Што е она што е атрактивно, што, што е тоа што во моментот буди интерес кај луѓето, кај пошироката јавност, не само кај вљубениците во класичната музика.
Музиката е за секого, на секому му припаѓа. Се разбира дека современите трендови треба да се, да се следат. Самата јас како личност сум таква да истражувам постојано. Не се задоволувам со нешто што она: Ова е базата и тука ќе стојам.
Секогаш сакам следниот пат еден чекор погоре да одам, така што, да, и тоа е некоја движечка сила која што, секако дека ќе вроди со плод…
За да го поткрепиме ова, овој ваш иновативен пристап го препознаа луѓето кои ве поканија да ја направите втората изведба на Дон Кихот во Франција.
Таа покана, како што јас го толкувам тоа, е заради иновативниот пристап во музичкото дело, во тој мултимедијален концепт.
Многу е интересно тоа што додека делото сè уште не беше изведено, го пративме на неколку фестивали ширум Европа, Шпанија, Франција, Германија. И веднаш, веднаш добивме одговор колку им се допаѓа делото.
Дека е нешто прекрасно, убава симбиоза. Делото е такво. Главната компонента којашто ја содржи „Дон Кихот во Скопје“ е фолклорот. Шпанскиот фолклор и македонскиот. Има прекрасна фузија на овие два многу важни сегменти.
Не само фузија, туку се испреплетуваат. Значи имаме, во третиот став, на пример, традиционалното македонско пајдушко, пет осмини, прераснува во малагења. Или пак хотата, којашто е шпански, многу познат ритам, прераснува во седумосминскиот македонски ритам што исто така најраспознатлив за македонскиот фолклор.
Така што им се допаѓа. Тоа е некој магнет којшто ги привлекува сите и баш тоа е коментарот на сите овие луѓе на коишто им го пративме делово да го слушнат. Позитивно изреагираа.
Првата покана што ја добивме беше од Франција. Од ансамбл којшто изведува современа, контемпорарна, музика. Јас им кажав дека ова не е контемпорарна музика. Ова е мелодично дело коешто се држи во тонален центар, не отстапува од тоналитетот, не е толку современо, да кажам.
Не, тие рекоа ако. Вака како што е, сакаме да ве поканиме да го изведете.
Ја препознаа токму таа иновативност, тоа поместување…
Понатака, истото, исто ова дело следната година го носиме и во Шпанија. Значи Дон Кихот дојде во Скопје, па се враќа повторно во Шпанија, и така, на, на огромно задоволство.
Мојот професор Ѓумар ми рече: Ќе ти простат сѐ, ама успехот и талентот нема никогаш да ти го простат

Сега малку за вашата улога како диригент. Вие велите, еден диригент, покрај своjата уметничка работа, која му е примарна, исто така има и значајна општествена улога.
Природата на професијата остава простор за едно позитивно влијание, не само врз културниот живот, туку и јавниот, бидејќи личноста на диригентот треба да ги содржи овие вредности кои служат како компас за многу луѓе. Сакате ли малку да ни го објасните поподробно ова?
Иако само по себе доволно зборува, сепак ја претставува вашата позиција во однос на вашата улога како диригент, како некој што ги обединува, што го ускладува, што го хармонизира оркестарот заедно со делото што го изведува, и сега тоа кога ќе го преточиме во сферата на јавниот живот, препознаваме лик на диригент кој се обидува да ги хармонизира односите во општеството.
Така е, апсолутно. Апсолутно е така. Тоа е идејата на, на овој одговор. Многу ми е интересно дека баш од неколкуте мои интервјуа што сум ги дала изминатите години, баш ова сте го пронашле, многу ми е драго.
Како што кажавте, диригентот е нитка којашто ги поврзува оркестарот, музичкотo дело, заедно со публиката. Публиката е исто така голем сегмент од една изведба на, на музичко дело.
Ако не е публиката, без разлика дали е тоа публиката којашто стои позади мене, или зад малите екрани, ако не е публиката, тогаш ние ќе свириме вака во една просторија сами за себе, и тука ќе заврши, нели, целиот процес.
Но, не е така. Публиката е дел од, од целиот тој изведувачки процес. Диригентот како една фигура којашто ги поврзува сите сите компоненти и во јавниот живот во општеството е истата таа фигура, којашто треба на тој начин да пренесе својата работа, она што си го носи во себе.
Она што го работи со оркестарот во неговата професија да го пренесе и во општеството. Диригентот носи и одговорност да го пренесе она што може на помладата генерација. На дечиња коишто за кои мусиката е сè уште еден доста ограничен круг во којшто растат. Зошто да не им го пренесе на начин на којшто би им бил забавен за децата. Попат на некоја работилница, да ги оплемени, да им го пренесе животот, да речеме на некој композитор којшто пред двеста, триста години и тој бил дете како нив.
Можеби ќе побуди кај некое детенце силна емоција и ќе го охрабри токму тоа детенце да се најде во музичкиот свет. Можеби од него ќе излезе некој генијален Моцарт, генијален Бетовен, којшто ќе пишува музика, којшто ќе биде изведувач.
Значи тоа е еден од аспектите кои вие ги носите во себе и сакате да ги пренесете како диригент во однос на вашата професија. Дали во вашата, ќе ја наречам мисија, си имате поставено задача да ја ширите популарноста кон жените и девојките да ја прифатат професијата диригент?
Да бидам искрена, не. Не, не сум го сфатила тоа како мисија некоја. Јас одлучив да се занимавам со оваа професија затоа што мене ми беше тоа огромна љубов.
Започнав на студии како теоретичар. Ја изучував музиката теоретски. Како се пишува едно дело, што значи форма, што значи хармонија, што значи полифонија.
Но, со самото тоа ми се разбуди желба, жар во мене, да му пристапам на тоа и од една друга позиција, а тоа е изведувачката.
Така, некако влегов во диригентските води. Изучувајќи ги сите тие партитури, почувствував потреба да се остварам и на тој начин…
Открите во вас порив да да им дадете на тие дела свое читање, свое прочитување и да го пренесете тоа натаму. Да привршиме со овој разговор што го правам на исклучително мое задоволство. Освен оваа лична битка што ја имате со претходното раководство на Филхармонија, што можеме да очекуваме на музички план понатаму?
На музички план? Интересно е тоа што во Македонија, во Скопје, во Македонија општо, на агендата немам ништо. И се чини дека нема ни да имам во скоро време. Веројатно од истиве овие побуди.
Секогаш сакам следниот чекор да биде подобар, тоа е мојата движечка сила

Сакав да прашам дали причините се исти? Немате можност да творите музички, да ве поканат да работите?
Да. Јас и оваа соработка што беше за Дон Кихот беше со мојот камерен оркестар со којшто веќе соработувам повеќе од десетина, единаесет години. Но, тоа е оркестар којшто се собира еднаш до два пати годишно поради тоа што нема финансии. Ние сме независно тело, уметничко тело, независно, независни од институција, од здружение, од менаџерска куќа.
Се пробиваме буквално на секаков можен начин, колку што можеме и не можеме на музичката сцена, поради немање финансии. А кога станува збор за музичките куќи, коишто се само две, за жал, во Македонија, тоа се Македонската филхармонија и Македонската опера балет.
За мене, нема место. И се чини нема да има уште долго време, од истите побуди. Мојот професор, еве, убава мисла и би сакала да направам едно поврзување со тоа дали имам некоја порака за жените. Мене најголемите пораки и поуки ми ги даде мојот професор којшто е маж и беше на сцената малтене од дете. Тој од дваесет и дваесет две години беше на сцена активен диригент. Саша Николовски Ѓумар.
На мојот прв настап со Македонската филхармонија, јас тогаш бев студент во втора година, ништо не знаев. Диригирав увертира од Бетовен, Кориолан. И после концертот честитки сите, прекрасно беше, фантастична рака, супер, супер, супер сè.
А мојот професор застана во едно ќоше гледа и… Јас одам кај него, викам, професоре, што е? Не беше нешто во ред. Кажете ми забелешка. Неее, супер беше, срце мое, сѐ беше одлично. Браво!
Ме направи многу горд вечерва, ама и многу тажен. Викам, зошто? Па затоа што вечер ќе ти го кажам она што мојот таткоми го кажа кога првпат излегов на сцена. Вечерва си ги заработи првите непријатели, коишто ќе ти простат сѐ, ама успехот и талентот нема никогаш да ти го простат.
Ја во моментот не знаев што да одговорам, само се прегрнавме и тоа беше сè. Од денешна перспектива сè е јасно. Најголемата порака ми ја пренесе тој. Но, знаете што? Јас, како алхимичар, како што кажав и претходно, вистинскиот уметник, каков што сум јас, не го кажувам тоа затоа што сум нескромна, туку затоа што знам што носам во себе. Не само како квалитет, туку затоа што знам колку е силна музиката што во мене вреска на моменти.
Ќе се издигнам над сè што ми е приредено и ќе ми биде приредено. Затоа што тоа се, како да кажам, ситни некои изблици на злоба на мали луѓе.
А ги има, тоа се една, така, групација и точно знаат кои се, ако го гледаат ова интервју. А верувам дека ќе го гледаат, зашто ме следат, и сите сториња на Инстаграм и на Фејсбук што ќе ги ставам, ги гледаат. Будно следат, така што верувам дека и ова ќе го следат.
Точно ќе се препознаат, знаат они кои се. Тоа се една групација на луѓе коишто, за жал не се допрени од Господ онака како што треба да се допрени и сакаат на некој начин да спречат еден уметник којшто сака да рашири крила и да полета.
Салиери и Моцарт синдромот?
Апсолутно. Секогаш. Секогаш. И мене ми е жал за тие луѓе искрено. Но, тука сум да им пркосам со убавина и со креација.
Ви благодарам многу за разговорот. Многу ми е жал што моравме да го завршиме.
Ви благодарам за поканата. Ми беше чест да разговарам со вас како исклучителен новинар. Ја следам вашата работа од малечка. Ми беше чест да разговарам со вас и благодарам што ме поканивте да бидам дел од сето ова.


