Димитар Пандев, Иван Џепароски и Славе Ѓорѓо Димоски, како членови на комисијата за доделување на наградата „Живко Чинго“ го посочуваат расказот „Јоанес Даубманус“ на Дијана Петрова како „пример за постмодернистичка наративна постапка, проткаена со ироничен призвук и сместена во македонски книжевен контекст“.
Дијана Петрова е родена 1992 година во Делчево. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ Скопје, Катедра за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Објавувала есеи и раскази низ повеќе списанија за литература. Досега ги објавила книгите „Бдеењето над себе“, „Не правете им сенка на гробовите“ и „Излегувањето од сенка (Тајното женско училиште)“.
Во разговорот за Рацин.мк, меѓу другото, вели дека за неа книжевноста е трагање по одговори.
За Живко Чинго, еден од најголемите македонски писатели, чие име ја носи наградата што ти е доделена деновиве за расказот „Јоанес Даубманус“, се вели, меѓу другото се разбира, дека е е автор „кој си поигрува си мистиката и фолклорот, дека поседува специфична нарација во која се преплетувааат чудесното и реалното, симболичноста која некогаш преминува во алегорија, сликарскиот стил на изразување и гротеската…“. Можеби е рано да се каже, но што за тебе претставува наградата што го носи името „Живко Чинго“? Гордост или обврска?
Секоја награда прво сметам дека е обврска. Обврска да покажеш/докажеш дека навистина е заслужена. Кога станува збор за ваква важна награда, која го носи името на еден од моите омилени македонски автори е и огромна гордост. Горда сум на обврската која ми ја даде оваа награда – да продолжам да пишувам на македонски јазик.
Дали „Јоанес Даубманус“ е напишан специјално за конкурсот за расказ „Живко Чинго“ или го избра од тоето книжевно ковчеже како најблизок до естетските и книжевни вредности што ги обединува оваа награда?
Идејата беше да напишам расказ за овој конкурс, но замислата за расказот беше сосема поразлична. Кога почнав да го пишувам, приказната почна да се развива во друг правец и се случи во еден здив. Како некоја магија.
Кој беше повикот да ѝ се посветиш на книжевноста? На создавањето паралелни светови? Дали е тоа твојот избор да му се спротивставиш на реалниот, секојдневен свет? Дали „спротивставиш“ е соодветниот збор за твојата определба да ги бараш или да ги нудиш одговорите со создавање литература?
Не знам дали сакам да се спротиставам на реалноста и секојдневието. Напротив, тие ми се инспирација. Повеќе би рекла дека сакам да посочам работи од секојдневието. Книжевнoста ја сметам како нешто што ја зачувува реалноста од заборав за некои идни, многу поразлични времиња. И јас сум трагач по одговри. Исто како нараторот во приказната и јас „не знам што прави човек кога ќе ја пронајде својата смисла на постоење“. Односно, не знам што би правел човекот, ако не трага по одговори.
Ако твоите романи, раскази, твоето книжевно творештво создава светови, ликови и приказни што ги поврзуваат, како се тие поставени во однос на реалниот свет? Што му порачува твојот книжевен свет на реалниот, секојдневниот?
Да ги тргне границите. Во реалниот свет најголем проблем е ограничувањето на себеси и на своите моќи и можности. Да ги победи стереотiпите и предрасудите. Да не ги гледа и доживува нештата површно.
Во едно интервју велиш: „Како што спомнав погоре, трите книги меѓусебно се многу различни. Повеќе би рекла дека ми помагаат во барањето и пронаоѓањето на себеси во некој стил. Уште се барам во пишувањето и експериментирам со моите книги“. Дали ова експериментирање е потрага по нова книжевна форма, димензија, иновативен концепт?
Експериметирањето е на некој начин и борба против границите и ограничувањата, а мене тоа ми е целта. Светот брзо се менува и мораме да ги следиме тие промени. Да бараме нови форми кои ќе соодветствуваат на новиот свет. Да не беше „експиремнтирањето“ можеби уште ќе пишувавме на папируси.
Кои автори и кои книги се на прво место во твојата библиотека? Според тебе, кои се авторите и книгите што мора да ги прочита секој?
Мене книжевни идоли ми се Толстој и Достоевски и постојано ги препорачувам за „билдање“ и на моите ученици. На прво место во мојата библиотека се македонските автори: Петре М. Андревски, Славко Јаневски, Живко Чинго… па до Блаже Миневски, Петар Андоновски, Оливера Николова, Живко Гроздановски.