Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ексклузивно интервју со турскиот и светски пијанист Фазил Сај: Зборувам со мојот инструмент

Секој концерт е различен, а ние сме истата личност. Тоа е чудно, нели? Но, токму затоа, јас размислувам на овој начин: на пример, оваа река Вардар, таа е истата река, но, водата е секогаш различна. Па, и секое пијано е ново искуство, секој концерт е поинаков, секој ден ние имаме различни проблеми, поинаква концентрација

ТИНА ИВАНОВА

Чувството коешто нè држеше долго по концертот на турскиот и светскиот пијанист Фазил Сај, со чиј настап како солист официјално заврши концертната сезона на Македонската филхармонија минатиот четврток, не се опишува лесно со зборови. Како да немаше всушност, ниту еден човек присутен во салата, а да не спомене дека морници лазеа по кожата од неговата уникатна, волшебна изведба на Бетовеновиот трет Концерт за пијано и оркестар, како и од двата биса изведувајќи негови моќно инспиративни дела. Иако, за многумина сме се изразиле со таков сличен опис, ама ова беше нешто навистина посебно, поинакво, нешто што на овој свет се доживува многу, многу ретко. Без претерување. Некоја чудна мешавина од тегоба, привиден безизлез кој сепак, на крајот, води кон рајска радост и катарза.

Фазил Сај како да не е од оваа планета. Како да е испратен на мисија да патува на различни места за да донесе нестварно убав сон во ова тмурно јаве, за да го потврди човековото страдање преку неговата животна тага натопена со солзи кои се леат меѓу клавишите, и да „каже“ дека е во ред да бидеме допирани и со темни звучни бои од крикови. За конечно да разбереме дека музиката може да нè однесе отаде нештата, некаде каде што само умот и срцето знаат, без да бидат ниту местото, ниту пак, емоциите опишани со јазикот на човекот, туку со јазикот на непознатото, ама она убавото мистично.

Фото: Маја Аргакијева

Во оваа неизговорлива концертна вечер, кога занеменоста од нестварната реалност што се случуваше пред нас, присуството на Фазил Сај го донесе неопходното затишје, индивидуално и колективно. Поетично, но не може поинаку да се раскаже појавата на ова прекрасно „суштество“. Во взаемна прегратка со оркестарот на Македонската филхармонија и маестро Јерухам Шаровски зад диригентскиот пулт, тој ја исцели личната душевна болка и нѝ ја даде спакувана во најубавиот заштитнички пакет без ронка себичност. Се предаде целосно. Му зборуваше на пијаното како на свое мало дете да му раскажува приказна за добра ноќ. Со впечатливи гестикулации, уникатни педалирања, погледи навидум насочени кон оркестарот или кон публиката, но стрелани кон, за нас обичните луѓе, „невидлива точка“, филигрантски извезени пасажи кои звучеа како кристална музичка кутија на која танцува балерина во некоја езотерична ноќ, тој ги потпевнуваше Бетовеновите музички реченици во кои се крие филозофијата на живеењето – длабока страдалност која на крајот здогледува надеж.

Целата сала стана на нозе, овациите и аплаузите беа подарокот за неговиот Бетовен. Бидејќи, беше само негов, други пијанисти не го свират така. Верувам дека и на Бетовен многу ќе му се допаднеше овој начин на изведба, видена од строго лична позиција. Сај нè почeсти и со два биса, две негови композиции од богатото мултижанровско творештво, кои беа уште едно магично доживување – неговиот клавир на моменти се претвораше во саз, во други моменти стануваше ут, на моменти заменуваше и цел оркестар, со западно-ориентални звучни примеси, со ритмичка креативност и амбиент со боја на европски филм од 70-тите.

Тина Иванова и Фазил Сај

Интервјуто го правевме во четвртокот веднаш по генералната проба, на клупа пред зградата на Филхармонијата. Рече дека сака да биде на сонце и да пуши цигара, па испивме и по едно кратко еспресо. Имаше музички уметници кои дојдоа специјално да се запознаат со него, да се фотографираат. Беше љубезен, културен, не одбиваше ништо, но очигледна беше неговата интровертност и потреба за осамување, па сè што правеше, го правеше набрзина, гледајќи да побегне од гужвата. Така беше и со ова интервју. Прифати безрезервно, но, веќе по неколку прашања се почувствува дека нема желба за понатамошен разговор. Генералната проба, за волја на вистината, беше исцрпувачка, а и самиот ми кажа дека е многу уморен. Потоа повтори: „Всушност, уморен сум генерално, длабоко уморен. Постојано патувам и концертирам. Потребен ми е одмор.“

Фазил Сај живее во Истанбул, но долги, навистина долги години не е стациониран на едно место. Тој всушност, концертира од само 4 години, кога е препознаен како исклучително надарено дете, како „чудо од дете“ по примерот на Моцарт. Дете коешто уште од тогаш свири на свој посебен, „импровизаторски“ начин, што е всушност и најава за неговата професија и како композитор. Но, огромната потреба да компонира е уште едно негово патување, уште едно бегство од реалноста. Го прашав какво е чувството да се биде постојано надвор од домот, рече дека сега веќе, на овие години, е исцрпувачко. Додаде и дека ретко се гледа со неговата ќерка којашто работи како тренер на коњи за Олимпијада и живее во Франкфурт. Додека зборуваше за неа, лицето му се озари.

Рече дека се чувствува прекрасно што е овде во Скопје, и се присети дека веќе бил еднаш во 1979 година со неговиот татко којшто е музиколог и познат писател во Турција.

„Мојот татко има напишано голем број на книги и трудови посветени на музиката. Се сеќавам дека во 1979 година, кога јас имав девет години, ме донесе во Скопје. Патувавме во тоа време на Југославија, во времето на Тито, а бевме и во Приштина. Имаше некоја Конференција за литература, па ме зема да му правам друштво и патувавме од Истанбул до Скопје со автобус цел ден. Ми остана тоа патување во убаво сеќавање. Од тогаш, јас реализирав многу концерти во поранешна Југославија – Белград, Љубљана, Дубровник, но, недостигаше Скопје. Така што, сега сум овде и сакам да го повторам патувањето. Пред околу десетина години имав рецитал во Охрид, на фестивалот ‘Охридско лето’, и тоа е едно навистина волшебно место“.

Можеби десетина пати во тие два дена колку што беше во Скопје, со искрена надеж повтори дека сака да дојде пак и да свири негова музика.

Беше мошне задоволен од работата со оркестарот на Македонската филхармонија и од маестро Шаровски.

„Прекрасно е што сум тука. Сега сфаќам дека сакам да доаѓам почесто. Би сакал да дојдам и како композитор, не само како пијанист. Сигурен сум дека ќе соработувам повторно со Македонската филхармонија онолку колку што сите ќе можеме. Сакам да ги свирам моите дела. Ние од балканските земји сме едноставни луѓе, па лесна е и комуникацијата. Турција е исто, на некој начин балканска земја, така што, имаме сличности. Нивото на оркестарот е навистина високо, а маестро Шаровски работеше многу добро. Третиот концерт за пијано на Бетовен е едно возвишено дело, па заедничката работа одеше прекрасно“.

Рече дека Скопје, онолку колку што успеал да го разгледа градот, има добри места и добра храна. Но, најмногу го истакна просторот околу Филхармонијата.

„Сега како што се сместени објектите на Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Музичкото училиште и Факултетот за музика на едно место, е добро поставен систем и тоа е одлично за прогресот на Скопје, особено на оној уметничкиот растеж. Би сакал да бидам дел од оваа култура“.

Секоја проба всушност, беше сосема различно патување со маестро Фазил Сај. Концертот на Бетовен во неговите раце звучеше како да постојат тројца пијанисти, секој од нив задолжен за засебна проба. Неговата комуникација со пијаното е интригантна и длабоко филозофска. Наметнува прашања со милион одговори или, без одговор. И како што самиот кажа, музиката за него е начин, средство за индивидуална експресија.

„Таа е нешто низ коешто јас се изразувам. Јас зборувам со мојот инструмент. Ние сме заедно како еден ум и едно тело. Ги изразувам моите емоции за она што сум денес – за светот, за хуманоста, за луѓето, за природата. Музиката е целиот мој живот. Таа не е само моја работа, таа е мој живот“.

Токму таа комуникација со пијаното, раритетна, мистериозна, ме натера да го прашам дали постои нешто друго додека тој свири и со кого разговара. Се насмеа и рече:

„Не знам кој е тоа. Можеби некоја друга душа. Многу сакам да го свирам Бетовен, па можеби тој се јавува хаха…“

Се шегуваше, се разбира, додавајќи дека на убав, прекрасен начин е поврзан со делата на Бах, Моцарт, Бетовен…

„И секогаш учам нови нешта од овие композитори. Секој ден учам, всушност“.

Рече дека музичарите секој ден пронаоѓаат различна приказна, во едно исто дело.

„Тоа е приказна којашто не завршува. Секој концерт е различен, а ние сме истата личност. Тоа е чудно, нели? Но, токму затоа, јас размислувам на овој начин: на пример, оваа река Вардар, таа е истата река, но, водата е секогаш различна. Па, и секое пијано е ново искуство, секој концерт е поинаков, секој ден ние имаме различни проблеми, поинаква концентрација. Таков е животот, а музиката доаѓа од животот“.

Со истата мисла се надоврза и за неговите композиции. Рече дека твори за да можат луѓето да ја слушнат неговата музика. Затоа, рече дека не компонира на апстрактен начин

„Да ја слушаат и да ја разберат. Да ја слушаат по втор, трет пат, не само еднаш. Мојата музика содржи хармонија, мелодија, ритам и секако, ги содржи моите емоции. И се разбира, содржи елементи од мојата земја, од турската музика, ритамот, мелодиите, орнаментиката…“

Пред крајот од нашиот кус разговор, го прашав во што верува. Рече дека за тоа никогаш не размислува.

„Не размислувам за Бог, за религијата. Размислувам и мислам на она што го живееме овде на Земјата, а особено за нашата врска – човек со човек“.

И сосема на крајот, инспирирана од Бетовеновата музика и неговиот постојан јаз помеѓу животот и смртта сликовито преточен во делата, го прашав како гледа на тоа. Рече дека смртта не го плаши. И додаде:

„Не е проблемот во тоа што нашето тело ќе умре; проблемот е во тоа доколку нашата душа умре додека сме сè уште живи“.

Го испративме Фазил Сај кон новата концертна дестинација и кон следните промоции на неговите дела. Особено на последното врвно издание „Фазил Сај го свири Сај“. Со надеж дека повторно ќе го видиме во Скопје во ново и тотално „откачено“ уметничко одело. За повторно да нè измести од столчињата и да нè вивне во некои негови поинакви димензии, во коишто само тој стапнал. (Фронтлајн)

Треба да знаете
Moже да ве интересира