Основачот на компанија Протон, Енди Јен, која е една од водечките во светот во доменот на заштитата на приватноста во интернет комуникациите, смета дека интернетот го олесни нашиот живот, но дека тој самиот по себе не е виновен за обидите за негова злоупотреба. За потсетување некои од пораките со закани за бомби во македонските училишта беа испраќани преку производите на Протон.
Во ексклузивно интервју за Цивил медиа Енди Јен говори дека овие закани се присутни секаде во светот и дека се предизвик за секоја полиција. Оттаму, дециден е Јен, неоправдани се обвинувањата кон македонската полиција дека нема капацитет да се справи со овие предизвици.
„Не сметам дека се оправдани овие обвинувања, затоа што како компанија сме присутни сме насекаде низ светот и работиме со агенции за заштита во земјите како што се САД, Швајцарија или Велика Британија. И таму полицијата има проблеми со овие случаи. Точно е дека интернетот го олесни нашиот живот, но полицијата не секогаш има доволно опрема или обука или пак довлен број луѓе што ќе се прилагодат на новите видови на закана или новите актери во оваа операција. Значи не е виновен интернетот за постоењето на заканите, но не ефер да се каже дека македонската полиција не успева да се справи или дека не е компетенстна да ги реши овие закани. Тоа се случува низ целиот свет и тоа е огромен предизвик за сите земји.
Еден од начините да помогнеме да се решаваат вакви случаи е да имаме поголема дискусија и комуникација меѓу давателите на услуги и агенциите за спроведување на законот за им помогнеме подобро да се опремат за да се справуваат со овие закани и да разберат како овие ситеми функционираат затоа што многу често недостига знаење кај полицијата и не знаат како да ги бркаат и гонат сајбер криминалците во време на развиен интернет што е различно од времето пред него“, вели Енди Јен.
Цивил: Која е законската рамка за Протон да помогне во справувањето со овие предизвици?
Енди Јен: „Во Македонија на пример ако има злоупотреба на некој технолошки продукт кој може да припаѓа на Гугл, Фејсбук, или Протон, овие случаи обично спаѓаат во рамката на меѓународна правна соработка. Нештата се регулирани со меѓународни спогодби и договори, на пример меѓу Македонија и САД или Македонија и Швајцарија. Тоа се добро регулирани системи со јасни правила и закони. Мислам дека соработката со САД е тешка за многу држави затоа што е голема земја и поразлична од многу во Европа. Но, Швајцарија ги почитува сите закони и е одговорен играч на меѓународната сцена. Швајцарија има голема волја за исполнување на меѓународните обврски. За ова прашање во Македонија на пример, швајцарските власти ќе имаат волја за соработка со македонската полиција за решавање на проблемите, па со соодветен налог и Протон ќе биде правно обврзан да соработува со швајцарските власти. Не е вистина дека не сакаме да соработуваме со агенциите за спроведување на законот, но тоа треба да оди преку соодветната рамка која ги почитува меѓународните договори“.
Камера: Александар Ризински
Монтажа: Ариан Мехмети