„Според мене Националното советодавно тело за млади ќе биде вистински претставник на младите. Да, ние како НМСМ претставуваме одредено ниво на претставување на младите, но тоа ќе биде ниво погоре и едно повисоко тело каде младите ќе бидат претставени во склоп на Владата. Кога тоа тело ќе биде формирано ќе може подолгорочно да се размислува и процесите да се тераат до крај и онака како што смета невладиниот сектор, младинскиот сектор и посебно неформални групи на млади и самите млади како индивидуалци“ изјави потпретседателот на НМСМ, Сотир Габелоски во изјава за Трн.
Тој додаде дека формирањето на Националното советодавно тело е цел на НМСМ и дека активно се работи на неговото екипирање, со цел да се подигне работата на младите на едно повисоко ниво со коешто ќе можат да се туркаат уште поголеми процеси.
„Телото е веќе во законот предвидено. Навистина младите ќе имаат глас и ќе седат на иста маса со носителите на одлуките. Ние и сега го имаме во одредена форма. Клубот на млади пратеници нѐ комуницира особено за законот, но тоа тело би нѐ факторизирало повеќе како младински сектор за да можеме да реализираме повеќе проекти за младите“ рече Габелоски.
Тој исто така ја пофали и иницијативата Отворен Балкан и според него, од процесите од оваа иницијатива може да излезат само позитивни работи, проекти, процеси и бенефити за младите.
„Мислам дека вредностите околу кои се залага проектот Отворен Балкан се пресликуваат и во голем дел на активностите на организациите и институциите. Ние како невладин сектор сме консултирани во однос на важните процеси за нас“ рече Габелоски.
Зголеменото влијание на невладините младински организации, измената на Законот за млади и младински политики и активното учество во Иницијативата „Отворен Балкан“ сигнализира посветеност за подигање и негување на младата популација во земјата. Со обезбедување рамка за поддршка која поттикнува активно учество и граѓански ангажман, Македонија го отвора патот на нејзината младина да стане катализатор за позитивни промени и придонесувачи за поживо и попросперитетно општество.
Александра Тодоровиќ (Трн)