Герасимовски: Граѓаните во Центар се бунтовни, но активни и знаат што е вредно, а што лажно

Герасимовски

Овојпат во серијалот интервјуа „Имаме неколку прашања за вас“ го имаме градоначалникот на општина Центар, господинот Горан Герасимовски. Тој се врати на своето работно место, односно ја продолжи својата работа и во ова интервју вели „изборите завршија и сега треба да ја правиме општината подобро место за живеење за сите, без разлика на партиската припадност.

За граѓаните во Центар вели дека отсекогаш се бунтовни и проактивни, но дека препознаваат што е вредно, а што лажно, и затоа за него е предизвик да ги исполни сите ветувања што ги испорача.

Герасимовски говори и за „политичката пресметка“ во Центар и е горд на фактот што во споредба со парламентарните и претседателските избори, кога СДСМ во Центар имаше, 6000 гласови, а ВМРО ДПМНЕ имаше 12.000, а сега ситуацијата е обратна.

Сепак, тој најавува дека е отворен за соработка и со Советот на општината и со Град Скопје во интерес на граѓаните, зашто, како што вели тој, кога не функционира градот, проблемите се слеваат во општините и кај граѓаните.

Со Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар, разговараше Зоран Бојаровски.

Помина еуфоријата. Веројатно се изморивте доста, прилично активни и интензивни се тие предизборни кампањи, но во исто од нив може да се научи многу, бидејќи тоа е период кога сте во контакт со граѓаните, со вашите гласачи. Тоа е добра прилика да се провери дали сте на вистинскиот пат, дали проектите што ги спроведувавте добиваат вистински одзив. Граѓаните во тој период се прилично активни за да прашаат, да помогнат, да критикуваат. Дали нешто се промени во приоритетите  во вашата програма, во вашата работа и имајќи го тој период предвид, кога бевте во тој директен контакт со граѓаните?

Нашата кампања траеше малку подолго од сите останати кандидати и интересно беше. Јас сум искрено среќен за сето тоа што дел од моите колеги градоначалници, кои што трчаа за да седнат во градоначалничката фотија, дури ги преземаа нашите и програми, но и ја следаа нашата кампања.

Нашата кампања почна од мај месец. Имавме огромен штаб, луѓе кои што беа вклучени во целиот процес, почнувајќи од ПИ-АР агенција, вклучувајќи луѓе со големо искуство за локална самоуправа, поранешни политичари, дел од луѓето кои што се од општината, но и од политичката со коишто заедно го водевме овој пат од шест месеци ја водевме самата кампања, почнувајќи од малски средби во сите урбанизирани заедници во општината, каде што непосредно разговаравме со граѓаните, собиравме предлози и идеи, како ја гледаат општината и како заедно ќе ја развиеме.

Како што работевме изминатите четири години, така планираме да продолжиме и наредните четири години, а тоа е заедно со граѓаните и целосно во нивниот интерес. Во делот на кампањата и големиот број на средби коишто ги имавме со граѓаните, имаше интересни предлози и интересни идеи за секое маало, за секој улица, за секоја урбана заедница, во делот на културата, во делот на образование, во делот на како зеленилото, како да се урбанизира самата општина. Сите тие интересни предложи и идеи ги преточивме во програма којашто заедно со нив ја напишавме и ја браневме.

Имаше и интересни предлози од програмите на противкандидатите коишто беа тројца, односно со мене четворица. И јас, како и во дваесет и прва, така и сега, ги повикав по завршувањето на изборите моите противкандидати заедно со раководителите на нашите сектори, за да поразговараме за дел од проектите коишто они ги имаа во нивните програми, и да ја увидивме можноста да истите ги преточиме во нашата нова програма на општината, заедно со моите проекти за 2026 година.

И како беше, се согласија ли, прифатија ли да соработуваат?

Да, дел од проектите беа слични и ќе бидат ставени во самата програма. Станува збор за дел од проекти за спорт, дел од проекти за зеленило, поголема безбедност на пешаците и за нашите дечиња при однење во училиште, во градинка, проекти во делот на загадувањето и така натаму.

Истите проекти ги имаме и ние во нашата програма. Истите се во интерес на граѓаните и поголем дел од нив ќе гледаме да бидат веќе вметнати во следната програма за, и во буџетот за 2026 година.

Граѓаните во Центар се активни и бунтовни, но препознаваат добра работа и чесен однос.

Општина Центар има посебно значење, посебна симболика во поширокиот политички контекст кај нас. Колку тоа за време на изборите беше предност, а колку ви создаваше товар? Колку беше предизвик?

Општина Центар отсекогаш била поспецифична за разлика од останатите. Граѓаните се бунтовни, знаат да го препознаат тоа што е вредно и искрено, знаат да препознаат добра работа, чесен однос и ни ја дадоа довербата којашто за нас е од големо значење. Довербата мора да ја оправдаме со многу работа, со добар тим на луѓе, но и да ги реализираме сите оние проекти коишто заедно ги пишувавме во нашата програма. Интересни се ако ги гледате резултатите како, како се менуваат од година во година и во делот на расположението на граѓаните.

Но, многу различни се сите избори сами за себе. Во делот на локалните избори повеќе се гласа за личност, за човек во којшто луѓето имаат доверба, имаат близок контакт, достапност и така натаму, но и гледаат дека се реализира тоа што се договорва заедно со нив.

Пред сѐ општината е транспарентна, достапни сме до граѓаните секојдневно и не само овие шест месеци додека траеше кампањата, туку и во претходните три и пол години, а така ќе биде и наредните четири години. Имаме отворени денови секој вторник и четврток од девет до единнаесет, кога што сите жители на општината може да дојдат и се обратат по сектори и поразговараат, дадат одреден предлог, критика, прашање, да решат некој нивни приватен проблем и слично. И таа транспарентност, одговорност, но и работливост вроди со плод. Таа доверба, којашто ни е дадена, ќе ја оправдаме во новиот мандат.

Интересно е што, ако ги анализираме резултатите од минатите избори, коишто беа пред година и пол, говорам за парламентарните и претседателските избори, кога резултатите беа драстично поразлични него сега.

Во која смисла?

Ние имавме, СДСМ имаше, шест илјади гласови, а ВМРО ДПМНЕ имаше дванаесет илјади гласови, а сега имаме обратна ситуација. Дури и победивме на советничката листа, каде што имаме еден советник плус и гласовите се намалени на пола. Кога станува збор за локална политика, за локални избори, граѓаните ја гледаат личноста и ги гледаат личностите кои што се на советничката листа и така избираат.

Тука треба да го имаме предвид и тоа што во овој ваш пристап граѓаните препознаа дека можат да учествуваат, можат да се активираат, можат да партиципираат со учество во форумите што ги организирате и тоа создава едно активно граѓанство, што е основната цел во политикат. Така станувате поблиски до граѓаните, тоа е  карактеристика на локалните избори, кога треба да се препознат и да се работи на остварувањето на најнепосредните интереси на граѓаните. И тоа е една за општина Центар мислам дека е карактеристика што може да биде добар пример и да се преслика и пошироко.

Токму така и тоа ни е целта. Од општината, од најниското ниво, од секое мало почнува онаа транспарентност почнува онаа отчетност, но и блискост со граѓаните. Во општината ништо не се политизира. Советот ни е мешан, дури во минатиот состав имавме претседател на совет којашто е од редовите на ВМРО ДПМНЕ и одлично и транспарентно функциониравме. Поголем број од предлозите коишто доаѓаа од различни советнички групи беа прифаќани и заедно ги реализиравме со службите.

Бараме кадри коишто не се политички. Имаме одлични контакти и со факултетите, градежен, архитектонски. Мојот план е да сега склучам меморандуми со останатите факултети, за да побараме најдобрите студенти да ни се приклучат и да бидат дел од тимот во општината. Така треба да се работи и на државни ниво, ако сакаме да имаме успех и напредок и на општинско, но и на државно ниво.

На парламентарните и претседателските избори СДСМ во Центар имаше, 6000 гласови, а ВМРО ДПМНЕ имаше 12.000, а сега имаме обратна ситуација.

Кога веќе го спомнавте советот, очекувате ли таму соработка? Очекувате ли поддршка на програмата? Дали евентуално препознавате места каде што може да има опструкции и да не се препознае ова за кое зборуваме досега, дека и тие во советот треба да ја гледаат општината во целина и да ги помагаат проектите заради интересот на граѓаните.

Јас верувам, да не речем сигурен сум дека, дека како и во изминатиот мандат и во овој ќе имаме одлична соработка со советничките групи. Политиката ќе ја тргнеме настрана. Јас тоа го напоменав и кога ги земавме самите уверенија со советниците. Се обратив до самите советници со неколку пораки дека од денеска завршија изборите. Ние ги земавме уверенијата и треба да работиме во интерес на граѓаните, не на политичките партии. Граѓаните ни ја дале довербата за да ја правиме општината што подобро место за живеење за сите, без разлика кој за каква идеологија се стреми или зад која политичка партија застанува. Нас тоа не треба да нe интересира, да го тргнеме настрана и да се посветиме целосно на проектите и решавање на проблемите на граѓаните.

Верувам дека нема да се политизираат седниците, дека нема да доминира политиката, туку ќе доминираат проектите и потребите на граѓаните.

Сега да прејдеме на она што значи соработка со Град Скопје во рамките и остварување на проектите. Ингеренциите меѓу општините и град Скопје се разјаснети, но има области каде што се вкрстуваат ингеренциите, каде што се вкрстуваат интересите. Проектите можат да бидат поврзани на одреден начин. Градот Скопје го доби ривалот, ривалската партија на СДСМ, ВМРО ДПМНЕ. Дали очекувате оттаму соработка и или можеби опструкции во соработката во спроведувањето на проектите?

Во интерес на сите е да имаме што подобра соработка. Изминатите години за жал соработката беше на многу ниско ниво. Дури немавме ни средби на Скопски плански регион, со скопските градоначалници за да поразговараме за проблемите и бараме решенија за нив. На почетокот на мандатот, првата година имаше некаква соработка каде што седнувавме можевме да си кажеме свои предлози, да ги кажеме проблемите со кои се соочуваме за заеднички да бараме решенија

За жал, од сето тоа ништо, не се најде решение, туку наредните три години немавме воопшто ни средби на кои што можеме да поразговараме. Сето тоа се правеше со дописи и преписки од општината до одредени јавни претпријатии во градот за да бараме решение за граѓаните.

Ингеренциите, за жал се многу измешани, а граѓаните не ги знаат целосно и не треба да ги знаат. Поради тоа што секој кој излегол од дома сака да има чиста околина. Сака да има зелени површини, сака да има дрвја коишто не паѓаат на секој ветер или дожд. Сака да има слободно паркинг место. Тие измешани ингеренции прават проблем на општините. Доколку не функционира и не работи градот и јавните претпријатија, проблемите се слеваат во општините и кај граѓаните. Верувам дека сè ова ќе се подобри. Верувам дека свеста ќе биде на повисоко ниво од страна на градската власт, дека ќе направат реконструкција во сите јавни претпријатија поради тоа што се во жалосна, тешка и критична состојба, дел или целосно нефункционални.

Хигиената, видовте на какво ниво ни е. Со што сè се соочуваме. Колку енергија, време и финансиски средства дополнителни трошиме ние како општини и не можеме да го постигнеме тоа што треба. Не е на задоволително ниво.

Гледаме дека зелените површини не се одржуваат од страна на ЈП Паркови и зеленило. Гледаме дека немаме јавен превоз во градот, којшто ни стварат дополнителен проблем и со загадување и со паркирање, и со хаос во сообраќајот и така натаму. Верувам дека сите овие проблеми коишто изминатите години ги имаше градот, дека ќе почнат да се решават.

Кога не функционира градот, проблемите се слеваат во општините и кај граѓаните.

Ако треба да покажете вие први гест на добра волја, што би му понудиле на градоначалникот на Скопје како прва иницијатива?

Ние покажавме гест на добра волја што се приклучивме во акцијата којашто ја правеше градот. Не политизиравме. Можевме да речеме не учествуваме. Ама интересот на граѓаните е пред сѐ и пред политиката. И затоа се вклучивме не за да помогнеме некому, туку да си ја одржиме општината што почиста. И така ќе продолжиме во наредниот период.

Скопје во 2028-ма година треба да биде Европска престолнина на културата. Почна нешто да се прави, имаше некоја иницијатива, па се повлече, па имаше нова иницијатива и сето тоа остана некако зад она што треба да значи елементарна транспарентност за тоа докаде се подготовките.

Тоа е во ингеренција на градот, но општина Центар е местото, како локација и  инфраструктура, со луѓе, каде што главно ќе се одржуваат проектите кои би требало да бидат опфатени во програмата Скопје Европска престолнина на културата.

Како гледа Општина Центар на ова прашање, дали тоа може да биде уште една понудена рака за соработка за добра реализација на таа програма?

Доколку сакаме да го организираме сè ова треба многу време. Ние видовме имаше некои Олимписки игри коишто се организираа пред пар месеци коишто не поминаа на највисоко или на добро ниво. За сето тоа треба време, добра организација. Имаме што да покажеме.

Имаме и артисти, имаме уметници коишто може да се претстават и да ја претстават државата и градот во најдобро светло, но потребна е голема организација. Ние како општина стоиме на располагање да му помогнеме на градот сè што можеме како општина да допринесеме за да се претставиме како држава, како град пред останатите во најдобра симболика.

Како општина инвестираме многу во делот на културата. Јас кога дојдов имавме буџет околу два, два милиони и нешто. Сега имаме тринаесет милиони.

Само за култура?

Да, за култура и за одредени невладини организации, сектори и така натаму. И истиот буџет планирам да го зголемиме оваа година за некаде повеќе од дваесет посто. Голем број на културни настани коишто ги организираме самоиницијативно, заедно со, утре имаме по 13-ти ноември заедно со нашите пензионери одредени хуманитарни настани коишто парични средства ќе се донираат повторно во Кочани, каде што неколку пати донираме и ќе донираме како општина. Инвестираме во голем број на манифестации, културни настани. Под капата на општината е и „Јадро“, институција којашто има голем број на културни настани во интерес на граѓаните и заедно ги реализира со општината.

Имавме голем број на концерти во општината изминатите години. Планираме истите да ги направиме и до крајот на годината, а тоа е предновогодишен концерт, џез под ламби, интересни настани коишто од година во година имаат многу поголемо присуство и интерес од страна на жителите.

Буџетот за култура и граѓански прганизации од два милиони порасна на тринаесет милиони и ќе го зголемиме за уште 20%.

Во програмата најавивте нешто што го нарековте Аквариум на културата. Од она што го читаме во програмата, делува интересно визуелно таа стаклена конструкција која како што велите вие во програмата треба да симболизира транспарентност, но може ли малце повеќе детали? Интересно е таа најавена, таква стаклена конструкција која во ова, јас ќе го речам сивилото на градот, ќе внесе некоја свежина. Што точно ќе биде тоа?

Тоа во програмата е ставено за новата граѓанско-административна зграда. Значи не говорам за општинска зграда, туку говорам за граѓанско-административна зграда каде што ќе биде токму на овој дел каде што во моментов седиме, а тоа е парцелата и бараките коишто треба да се отстранат. Парцелата на општината, којашто после долга битка со неколку владини институции и владата ја добивме во владение на општината.

Направивме идејно решение и сакаме да направиме стаклена граѓанско-административна зграда, којашто ќе биде отворена транспарентна, каде што граѓаните ќе имаат учество и увид во сето тоа што го работиме заедно. Но, и ќе има простори коишто ќе може да ги користат невладините организации, секако бесплатно за одредени настани, културни настани коишто се организираат на територијата на општина Центар, којашто ќе има три нива подземно паркирање и ќе го решиме и делот со паркирањето во Дебар Маало. Тоа е идеjата на таа стаклена граѓанско-административна зграда.

Тоа практично ќе биде новата општинска зграда во која ќе се всели администрацијата, ќе се дигитализираат услугите…

Почнато е уште од сега, но и ќе продолжиме, поради тоа што дигитализацијата нема запирање. Секогаш има новини коишто ќе ги следиме во чекор.

Рокот за изградба на таа зграда ми се чини прилично амбициозен, до крајот на 2029 година? Ова го прашувам зашто…

Некои општини се градат со години.

Со години. Дванаесет, тринаесет години се градеше и општинската зграда во Карпош.

Да, јас сум оптимист. Ние ги имаме завршено идејните решенија. Имаме откупено три најдобри трудови коишто ги одбра комисијата, којашто беше внатрешна и надворешна со експерти, професори од градежниот, архитектонскиот факултет, но и наши стручни вработени колеги.

Во моментов се подготвува проектот. Планираме до месец февруари-март да биде завршен. Три месеци за да се заврши и да се отпочне со распишување на јавна набавка за изградба на граѓанско-административната зграда.

Додека се прави проектот ги разгледуваме опциите и можностите, дали сами да ја финансираме целосно со одреден кредит или да одиме на јавно приватно партнерство каде што би влегла одредена фирма којашто би ја изградила.

Во самата парцела има можност за градба на две згради, за разлика од минатото кога се цртале десеткатници и се правеле идејни решенија и проекти за цртање, за реализација на десеткатници. Мојата идеја и идеjата на граѓаните е да таа биде многу пониска. Да биде во рамки на околните згради, да не биде повеќе од пет ката и така натаму, но да ги задоволува потребите и на вработените и подобри услови, но и да има простор и за граѓаните и невладиниот сектор.

Изборите завршија и сега треба да ја правиме општината подобро место за живеење за сите, без разлика на партиската припадност.

Во вашата комуникација со јавна комуникација со, во општина Центар секогаш водевте, јас имам таков впечаток, водевте сметка за директна непосредна комуникација практично со сите категории граѓани, од младите до пензионерите, возрасните и така натаму.

Претпоставувам дека тоа дава резултати. Изборот тоа го докажа и претпоставувам дека ќе продолжите понатаму. Но, ајде на краjот од ова интервју две прашања кои се однесуваат директно за нив. Во програмата рековте дека младите се посебно интерес, во вашиот интерес и особено, а тоа е особено важно од аспект на, нели знаеме дека ни заминуваат младите.

Но, она што може да го направи било која општина е она што младите го препознаваат во нивната прва локална средина, каде што живеат, каде што треба да препознаат мотивација дека може да останат во оваа земја, во своето место на живеење, да не бараат излез или решенија во странство. Што во таа смисла ќе направи општина Центар?

Она што го правиме изминатите четири години и ќе го подобриме во наредните четири години. Нашата грижа почнувајќи од најмладите жители, субвенцирање на новороденчиња, еднократна парична помош којашто планираме да ја зголемиме во наредниот период.

Најдобри услови во делот на градинките, за да и младите имаат, односно нашите најмали жители имаат што подобри услови за самите градинки и што подобар персонал во нив. Реконструкција на дел од школите коишто останаа за реконструкција, нивните спортски сали, надворешни, надворешни, инвестирање во што подобар училиштен кадар во самите училишта, коешто ни е потребно.

Ќе продолжам со редовните средби во четврто одделение. Сега и баш и мојот син учи за локална самоуправа, учи што е тоа општина, како функционира истата, а и јас секоја година ги примам четвртооделенците од сите училишта.

Разговараме во делот на локалната самоуправа за да им дадеме знаење уште од мали нозе за локалната самоуправа, кои се ингеренциите, но и како треба сите заедно да се грижиме за општината и за јавното добро. Продолжуваме со родителите за коишто им нудиме подобри услови за школување, финансиска помош за оброк, здрав оброк за децата, којшто ќе го покрива општината. Како општина одвојуваме финансиски средства за прводеленците, нови ранци што ги донира и набавува самата општина, прибори, нови униформи кои што имаат дечињата во сите осум основни училишта. Бесплатна екскурзија којашто е ветивме ја планираме. Ќе ја отпочнеме од следната година да ја реализираме центарската картичка со попусти за одредени спортски, културни настани, но и попусти во одредени општински локали.

Голем број на проекти во интерес на сите категории на граѓани, вклучувајќи ги и нашите највозрасни, коишто ги напоменав, за коишто водиме голема грижа, но и имаме и одлични средби и одлично функционираме.

Ако не нѐ блокираат државните институции, пензионерите ќе го добијат домот до крајот на 2028 година.

Планирате за нив да направите нов пензионерски дом…

Во општината имаме над триесет посто, триесет и два-три посто пензионери за коишто водиме огромна грижа со голем број на проекти. Имаме одлична соработка со Црвениот крст, имаме неколку проекти со нив, „итно копче“,  бесплатен превоз на лица коишто не се подвижни до болниците. Дополнително преку хуманост имаме проект каде што ги посетуваме оние постари жители коишто нема кој да ги посети, иселени се нивните деца во странство и така натаму, каде што неколку пати стручни лица ги посетуваат во текот на неделата, им помагаат во делот на плаќање на сметки, за набавка на прехранбени продукти, во делот на физикални вежби, помагање низ домот. Нивна потреба беше и оној пензионерски дом којшто е ветен во програмата. Најдена е локација којашто со години стои запуштена. Во моментов се разработува самиот проект.

Каде е таа локација?

Таа е на падините на Водно, каде што повеќе од дваесетина години е запуштена. Ќе отпочнеме состаноци со Министерството за здравство и побараме  да ја преземеме, поради тоа што земјиштето е на државата, односно општинско, а бараките коишто се запуштени се запишани во здравство. Верувам дека ќе најдеме заеднички интерес и овој поголем проект да го реализираме.

 И, за тој проект ќе ве прашам за рокот. Пишува до крајот на 2028 година. Ќе го успеете ли?

Јас сум сигурен дека доколку не нѐ закочат одредени институции, во текот на 2026-та, до јуни месец, ќе имаме завршено со процедурите и постапките за добивање на земјиштето во владение. Јас сум сигурен дека тој рок ќе го запазиме.

Ви благодарам за разговорот.

Ви благодарам и вас. Ми беше чест.

Зачлени се на нашиот е-билтен