Овде како некој да се плаши да ја дефинира културата како политична, критичка, и нешто што ќе го поддржи демократскиот и еманципаторски простор, вели во серијалот интервјуа на Рацин.мк „Имаме неколку прашања за вас“ Искра Гешоска, директорка и програмски уредник на КРИК – Фестивал за критичка култура и на Контрапункт, организација посветена на развивање алтернативни урбани културни политики и на зајакнување на културата на поврзување, локално, во регионот на Југоисточна Европа и на меѓународно ниво.
Со Искра Гешоска разговараше Зоран БОЈАРОВСКИ
Минатата година Искра Гешоска го доби големото признание, Медалот Гете, што го доделуваат Институтот Гете и Министерството за надворешни работи на Германија. Ова значајно признание Гешоска го доби за нејзината долгогодишна работа за создавање нови платформи за независната културна сцена во Македонија и за нивното поврзување со таквите платформи во регионот, Европа и светот.
Оттаму и првото прашање во интервјуто со неа е за нејзината цврста верба во каузата за која се застапува и за тоа дали нејзиниот концепт и пристап за критичен пристап за неопходноста од критичка мисла во театарот, визуелните уметности, во културата воопшто остануваат и денеска нејзино кредо.
За нејзината верба во независното културно дејствување и активизам, таа го наоѓа поттикот во филозофијата на аргентинскиот писател Хорхе Луис Борхес и од неговата поетско анархистичка позиција.
„Борхес вели дека не верува веќе во државата, не верува во структурни револуционерни промени, во долгорочни стратешки промени, туку верува во малите заедници и во малите релации и групи каде што може да ги воспоставиме тие мали општества на емпатија на солидарност, на заедништвио, на она за што се бориме. Од таа позиција јас сѐ уште верувам дека може да се случуваат промени коишто, во мојот свет, нема тотално да го девастираат она е иманентно на човешттвото, а тоа е да биде во една праведна заедница“, вели Искра Гешоска во интервјуто за Рацин.мк.
Таа истакнува дека не се откажува од дејствувањето на микро рамниште.
„Не е едноставно, особено во општествата на едни кршливи демократии какво што е нашата да се дејствува на тој начи и да се верува сѐ уште дека треба да се дејствува, не е едноставно. Сите аргументи одат против таковото дејствување. Велат дека треба да се ставиме во една исихастичка, ескапистичка позиција, иако исихазмот не ескапизам, но јас сѐ уште би сакала да верувам дека може, чекор по чекор. Помладите генерации не се толку убедени и јас ги разбирам“, вели Гешоска.

Треба да се артикулира гневот
Ја прашавме дали критичката мисла во пристапот на култрурата и уметноста е едноставно неопходна како одговор на поличките процеси во светот, па и кај нас, кој се свртеа кон авторитаризмот, екстремно десните идеологии, кон исклучување на другиот.
Во тој контекст Искра Гешоска ги посочува и моделите на отпор наспроти она што го навестуваат хоризонти на тоталитарни системи.
„Кои се моделите на отпор и, би рекла, на артикулација и концетрација на гневот? Бидејќи ние, со сета љубов, имаме гнев во нас затоа што гледаме како се распаѓа планетата Земја и луѓето во неа. Луѓето се, за жал, виновни заа распаѓањето на планетата Земја. Така што јас и понамату ја барам силата во луѓето овдека, но и во луѓето ширум светот коишто ни се сродни, бидејќи јас верувам во такви поврзувања. Не во национални идентитети, туку во културни идентитети, во друг тип на вредности коишто не поврзуваат, дека ќе го бараме заеднички моделот барем малку да се ублажи ова страдање кое што му се случува заради малкумина на светот“, посочува Искра Гешоска, директорка и програмски уредник на КРИК – Фестивал за критичка култура и на Контрапункт .
Следното логично прашање за Гешоска е дали оваа ситуација повторно на големо ја враќа димензијата на активизам меѓу уметниците и културните работници, дали го има кај нас и каде да го препознаеме.
„Јас сакам да верувам длабоко дека од моментот на резигнација и од моментот на апатичен конформизам, би рекла, ќе се случи и полека чувствувам како да се случува, трошка, по трошка се случува повторно враќањето на таа артикулација на незадоволството или гневот. Има поединци, но сега е работата како да се организираме одново, бидејќи ние во ова општество, во изминатите 33 години постојано се организираме и реорганизираме и претпоставувам дека постои и мал замор, а ја немаме таа сила сето тоа од имплозија да се случи експлозија“, нагласува Гешоска.
Имајќи ги овие укажувања предвид, ја прашавме Гешоска дали во студентското движење во Србија може да се препознае еден од моделите за кои говори таа каде што енергијата од социјалните мрежи се префрли на улиците, на плоштадите.
„Тоа е клучната работа, како да ѝ се вратиме на агората, како да се убедиме дека агората е таа што е важна, дека агората менува. Социјалните мрежи можат да бидат мал поттик, а да не збориме дека соц мрежите, ќе бидам адвокат на ѓаволот, дека нив ги поседуваат оние против кои се бориме. Тоа никако не смееме да го заборавиме и да го имаме на ум и тоа да биде еден од моделите на оптор. Па низ вековите имало начини да се организираат луѓето и тоа посериозно револуции да прават без социјални мрежи. Тоа е клучната болка. Мора да рзбереме дека треба да излеземe повторно од тој комфорт, апатичен. А да не зборуваме за сите психо-социјални проблеми што ги создаваат во една личносна структура социјалните мрежи. Мора од таму да се излезе, таму се сите некако храбри“, потенцира Гешоска.

Идното културно наследство го создава независната културна сцена
Во „Имаме неколку прашања за вас“, неминовно беше да се префрлиме на културните политики на актуелното Министерство за култура (и туризам). Ја прашавме што ни кажува годинешната програма на одобрени дела од културата ако гледаме непропорционална распределбата на средствата на македонските културни институции во однос на останатите заедници и за поголем акцент и предност на програмите на националните установи за сметка на независната сцена.
„Овдека министрите за култура сѐ уште сметаат дека независниот куктурен сектор не треба да биде поддржуван од државата. Тоа е… не можам да објаснам, просто ми е непријатно, срам ми е, мене ми е срам во име на сите министри кои што го мислат тоа. Не треба да одат подалеку. Можат да прошетаат до Хрватска каде што нашите колеги од Хрватска или од Словенија веќе и не мора да конкурираат на некакви фондови, тие имаат инфраструктурни фондови затоа што општеството разбира, колку и да не им оди во прилог, колку и да е тоа критички глас, разбира дека без нив (без независната сцена), нема да може ниту институционалната култура. Тие, вонинституционалниот културен сектор е оној којшто го создава современото културно наследство“, истакнува Искра Гешоска, директорка и програмски уредник на КРИК – Фестивал за критичка култура и на Контрапункт.
Нема никава стратегија како да се поддржи независниот културен сектор, вели Гешоска, и како резултат на овој пристап, смета Гешоска, ние сме доведени во ситуација да ја ризикуваме и привилегијата и титулата Скопје, Европска престолнина на културата 2028.
Гешоска вели дека со внимание и колку што е можно поскоро, ако не е веќе сосема доцна, треба да се земат предвид предупредувањата дека многу се доцни со стартот на процесите за Скопј, ЕПК 2028.
Гешоска потенцира дека, со сета почит и внимание кон институциите и заедно со нив, актерите на независната културна сцена се тие што ја имаат енергијата, знаењето и предизвикот да бидат двигатели, организатори и реализатори на програмите што треба да бидат вклучени во Скопје, Европска престолнина на културата 2028.
„Ние нема што друго да извезуваме, единствено е нешто е културата. А, ако се повикуваме на искуствата од другите европски престолнини, доминантни се програмите кои се креирани од независната културна сцена“, укажува Гешоска.
Ја прашавме Гешоска како се чувствува кога нејзината работа за создавање нови платформи за независната културна сцена во светот се валоризира со високи признанија како што е медалот Гете, а во земјата единствено што ѝ останува е само постојаната борба и дали тоа е, вусшност, суштината на независната сцена – постојаната борба.
„Мислам дека ние сме далеку од разбирањето на она што значат современи читања на културата. Затворени сме сѐ уште во концептот на култура како нешто што ќе не воздигне, ќе не расположи. Слушам некои по интервјуа кажуваат културата, уметноста служат за да не расположат, да ни ги оттргнат мислите од лошото мрачно секојдневие. Јас апсолутно не мислам така, а оваа награда (Медалот Гете) е, всушност, поздрав на ново читање на културата. Дека културата е политична. Овде како некој да се плаши да ја дефинира културата како политична, критичка, и нешто што ќе го поддржи демократскиот и еманципаторски простор“, рече во завршницата на интервјуа на Рацин.мк „Имаме неколку прашања за вас“ Искра Гешоска, директорка и програмски уредник на КРИК – Фестивал за критичка култура и на Контрапункт, организација посветена на развивање алтернативни урбани културни политики и на зајакнување на културата на поврзување, локално, во регионот на Југоисточна Европа и на меѓународно ниво.