Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Холцнер: Планот за раст не е само за пари, туку многу повеќе за да ги реформира институциите

Во интервју за Рацин.мк, извршениот директор на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, Марио Холцнер вели дека условеноста за реформи од Планот за раст на Западниот Балкан е добра бидејќи земјите ќе треба да спроведат реформи за да ги подобрат институциите и владеењето на правото, истовремено поттикнувајќи и регионална соработка и влез во Заедничкиот пазар на ЕУ.

„Добро е што земјите ќе треба да ги подобрат институциите, да го унапредат владеењето на правото. Не сум негативен за суштината на пакетот, бидејќи е добро да имаме повеќе соработка на регионално ниво и да ги внесеме земјите и во заедничкиот Европски пазар. Тоа е всушност најважната работа“, рече Холцнер за Рацин.мк.

Тој додаде дека овој План олеснува некои работи, како вклученоста во Едиснтвениот систем за плаќања на ЕУ, иако Холцнер е критичен кон сумата на средства кои ЕУ ги намени за шестте земји од Западен Балкан со овој пакет.

„Морам да кажам дека сум критичен за големината, номинално околу шест милијарди евра. Ако погледнете подлабоко, четири милијарди се во заеми и само две милијарди во грантови. Ако го поделиме ова во четири години, тогаш доаѓаме до нешто околу 0,3 отсто од БДП, што е речиси занемарлива сума на пари, што нема да направат голема разлика од аспект на економски ефекти. Ако го споредиме со претходните пакети, како тој од 2020 година, кога имаше 30 милијарди евра пакет, овие шест милијарди се на некој начин само компензација за 20те отсто инфлација последната година. Во таа смисла реалната сума на пари достапна за регионот од ЕУ не се промени“, вели во инервјуто за Рацин.мк Холцнер.

Сепак, осврнувајќи се на реформите Холцнер рече дека предложените реформи се добри, бидејќи е добро да имаме вистинско владеење на правото, да имаме судови кои пресудуваат фер и брзо, но го постави прашањето за капацитетите на администрациите за спроведување на реформите.

„Гледаме како се менуваат владите, гледаме дека и цели администрации и јавни службеници како се менуваат заедно со владите. Има малку институционално знаење кое останува во овие процеси. Па затоа мислам дека ЕУ може да помогне повеќе во обезбедување капацитети за владите, за тие да може да добијат повеќе во смисла на знаења и искуства“, посочува Холцнер и вели дека при пристапувањето на Романија во ЕУ, германски експерти помагале на романската администрација поефикасно да го пренесе европското законодавство.

Холцнер за Рацин.мк рече дека владите од регионот треба да лобираат важните земји членки на ЕУ да им помогнат на подиректен начин и да ги убедат дека постои моментум што не треба да биде изгубен, бидејќи тогаш трети сили ќе почне да се мешаат во политиката на Западниот Балкан. Според него, доколку земјите-членки на ЕУ не го внесат Западниот Балкан во ЕУ што е можно поскоро, работите ќе може да се придвижат во погрешна насока.

„Добро е да се унапредат институциите, бидејќи тогаш и економскиот раст ќе биде подобар. Исто така, ако имате подобар економски раст, тогаш веројатно и институциите ќе станат подобри. Не е реално да очекуваме дека Западен Балкан ќе стане како Швајцарија во институциоинална смисла или дека ќе ја престигне швајцарската економија. Но, важно е ЕУ да даде повеќе средства за Западниот Балкан за да ја подобри економската ситуација во регионот, да пораснат платите на јавните службеници, на луѓето кои работат во судовите, за да има помалку коруција, да има поголем ризик од губење на работата. Тоа е цел сет на проблеми кои може да бидат решени со подобар економски развој“, нагласува Холцнер.

Холцнер во Скопје говореше на конференцијата „Форум Еуропеум 2024: Условување на ЕУ интеграцијата преку механизмите за владеење на правото“ организирана од ЕПИ, а во интервјуто за Рацин заклучи дека Планот за раст не е лош, туку е добар и препорача земјите од регионот да го прифатат и спроведат, не нужно поради парите, бидејќи тие не се гоелми, туку поради интересот за градење општество кое ќе има владеење на правото и ефикасни институции.

Треба да знаете
Moже да ве интересира