Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ибраим: Ние сме традиционални партнери на СДСМ, овие седум години докажавме дека можеме да постигнеме напредок

„Покажавме дека оваа коалиција предводена од Социјалдемократскиот сојуз има капацитет да спроведе соживот меѓу заедниците. Ние сме традиционални партнери на СДСМ и на добро и лошо делуваме заедно и сметаме дека заедно можеме да постигнеме напредок во областа човекови права, демократијата, економијата, земјоделието и различни области во општеството. Тоа го докажавме овие седум години и затоа следниот период европскиот пат на државата треба да продолжи. Ако не продолжи европскиот пат, ќе нема економски развој“, рече Енес Ибраим, претседател на партијата Демократско движење на Турците во интервју на Слободен печат.

Тој додаде дека откако нашата држава го започна патот кон ЕУ има напредок во однос на економијата и останатите области и затоа не треба да се откажеме од овој пат. Тој дополнително додаде дека  опозицијата треба да размислува порационално.

„После избори, доколку се случуваат тие уставни измени, кој ќе ни ја плати цената за изгубеното време? Гледаме дека секоја година младите одат во Европа, не одат во Русија или во другите источни држави. Затоа имаме и ние позитивно искуство како турска заедница. Еден период навистина се иселуваа многу Турци од источниот дел на државата, но најголем дел се вратија. Но, позитивните работи ги промовираат и пред соседите. Над 80% од турската заедница се за ЕУ“, потенцираше Ибраим.

„Следните избори ќе бидат интересни, се надевам дека како и минатите избори, турската заедница максимум ќе го искористи својот глас, бидејќи гледаме дека во турските заедници, излезеноста е над просекот на државата. Демократскиот капацитет се развива кај турската заедница. Ние не сме политичка партија која секогаш би одела победници. Си имаме свои принципи и вредности. Честопати партиите од заедниците ги менуваат страните“, рече Ибраим.

Тој додаде дека таквата пракса погрешно се рефлектира, бидејќи партиите на помалите заедници имаат достоинство и свои вредности.

„Коалициите кога се прават во рамки на вредностите, имаат успех. Кога не се прават коалициите во рамки на заеднички идеи, а се прават само за теснопартиски интереси и поединци, немаат успех“, потенцираше Ибраим.

Тој посочи дека градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ две и пол години ништо не инвестираат во турските средини, граѓаните од турската заедница ги третираат како трета категорија.

„Најголем дел од турската заедница немаат доволно инфраструктура. Но, овие седум години се потрудивме да го дадеме максимумот. Особено кога градоначалниците беа од нашата коалиција предводена од СДСМ. Во најголем дел од средините ги отпочнавме проектите. Во штипско, во Карбинци. Кога ги изгубивме локалните избори во 2021 година гледаме дека две и пол години ништо не се инвестира во турските средини. Ни 10 метра асфалт немаат направено и тоа докажува дека опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги третира граѓаните од трета категорија. Мислам дека тоа не е во ред“, рече Енес Ибраим.

Тој додаде дека коалицијата предводена од СДСМ покажала капацитет и разбирање за помалкубројните етнички заедници.

„Има простор за афирмирање на припадниците на помалкубројните заедници. Имаме план и програма за во иднина како би можеле да станеме членка на ЕУ како би можеле да ја подобриме местоположбата на турската заедница“, потенцираше Ибраим.

Зачлени се на нашиот е-билтен