Под мотото „Приказните зад музиката“ во Кинотеката на С. Македонија, викендов (17 и 18 јуни), ќе биде одржано 9. издание на Скопје Синема Сити, единствениот филмски фестивал кај нас, посветен на музичките документарни филмови. Фестивалот. кој по деветти пат и оддава почит на синергијата меѓу музиката и филмот, годинава во својата програма вклучува изложба и три исклучителни документарни филмови посветени на творештвото на едни од највлијателни фигури во историјата на музиката, неповторливите Леонард Коен и Френк Запа како и за нашата антологиска музичка група „Леб и сол“.
Овој фестивал е производ на ентузијазмот и минатиот труд на музичкиот новинар, автор на неколку книги со музички интервјуа, Ненад Георгиевски. Веќе деветта година, Георгиевски со Скопје синема сити, на метрополата и носи музичко-филмски дух. За концептот и развојот на фестивалот, продукцијата на овој жанр во документаристиката, за програмата годинава, разговараме со Георгиевски непосредно пред почетокот на ССС 2023.
Трн: Годинава фестивалот повторно носи свежи музички документарни филмови посветени на музичките икони како Коен, Запа, и нашите „Леб и сол“. Во овие девет години Скопје синема сити, го раздвижи музичко-филмскиот дух на Скопје, дали сметате дека веќе има изградена публика, и дали повеќе се пронаоѓаат љубителите на филмот или на музиката?
Георгиевски: Фестивалот е веќе во својата 9-та година и за време на тој период работевме вредно на квалитетна програма и искуства што од своја страна се одрази со публика која редовно не посетува. Колку е поразновидна програмата толку е поразновидна и публиката и тоа ни е и целта. Фестивалот си има платформа на иновативен начин да презентира нови и свежи идеи и теми од светот на музиката и тоа првенствено се гледа во филмската програма, но и на другите компоненти од програмата – изложби на фотографии, работилници и концерти. Во врска со прашањето за љубителите, мислам дека нема потреба од поделби денес бидејќи фестивалот всушност ги спојува овие уметности во нешто посебно. Мислам дека го прикажуваме најубавото од двата светови. Ако нам ни е интересно, тогаш и на публиката ќе и биде интересно.
Трн: Каков ви е впечатокот во однос на тоа што се нарекува продукција на музички документарни филмови во светот, дали е доволна и колку продуцентите сметаат дека е исплатлива, дали се „лепат“ на комерцијални музички ѕвезди или кон култни музички имиња?
Георгиевски: Документарните филмови генерално се веќе долго време во подем а меѓу нив и музичките. Секоја година се продуцираат многу музички документарни филмови но се зависи од дистрибуција и промоција за да допрат до нас. Нормално, зад повеќето од нив нема огромни рекламни кампањи како за играните филмови. Што се однесува до исплатливоста, сигурно е исплатливо и за комерцијални ѕвезди и за култни имиња. Кај филмовите најважна е идејата односно приказната и тоа е тоа што ги прави атрактивни. Опсегот на теми е огромен и не вклучува само портрети и биографии туку и други подтеми.
Трн: Како би ги оцениле годинешните филмови?
Георгиевски: Фестивалот се труди да погоди повеќе мети наместо само една – разновидноста во програмата е битна. Фестивалот се отвора со филмот „Алелуја“ за Леонард Коен односно е биографија на неговата песна „Hallelujah“ која од отфрлен албум од неговата компанија прераснува во една од најпопуларните песни на сите времиња. Тоа се тие животни пресврти каде вашето отфрлено дело на чуден начин си почнува свој живот и доаѓа до својата публика. Потоа имаме филм за Леб и Сол посветен на 35 годишницата на нивното ремек дело „Као како.“ Филмот е во продукција на МРТВ и автор е Александра Јовановска. За крај, тука е филмот за Френк Запа, кој се состои од исечоци од интервјуа кои се правени со него со годините и тоа е еден од најдобрите негови портрети.
Трн: Дали кај нас е потребна поголема продукција на овој музичко-филмски жанр и колку фестивалот придонесува за афирмација и поттик на оваа продукција од домашната сцена?
Георгиевски: За една земја со таква музичка традиција и таленти ова ниво на продукција не е доволно. Од една страна, фестивалот има за цел да прикажува поинтересни и побогати приказни и искуства со музиката преку својата програма, но од друга страна секогаш се труди да прикажува документарни филмови за домашни артисти или филмови на домашни режисери. Секоја година во програмата нудиме избор на филмови од домашни автори или продукции односно се на некаков начин поврзани со домашната сцена. Минатата година имавме омаж на Јане Алтипармаков со неговите музички документарни филмови. Исто така, поврзани сме со регионални филмски фестивали од овој тип и ги нудиме овие филмови за нивната програма. Во 2021, организиравме со Док ен Ритам од Белград, програма со Македонија во фокус. Таква програма беше направена и 2014 во Хрватска во Стариград Пакленица.
Трн: Минатата година фестивалот беше домаќин на изложба на фотографии создадени на концертите на Ник Кејв. Годинава пак, во Кинотеката ќе биде поставена изложба на петмина македонски фотографи. Како е курирана оваа изложба, кој го направи изборот и што ќе може да се види?
Георгиевски: Изборот на фотографии го имат направено самите фотографи. Наша беше само идејата. Тоа се докажани имиња со кои често соработувам како новинар или биле ангажирани од фестивалот а и редовно се гледаме на настаните во градот. Идејата беше да се направи еден убав пресек на работата на овие фотографи каде ќе дојдат до израз нивниот стил на фотографирање кој истовремено е и во контраст или во склад со останатите. Секој од фотографите: Роберт Атанасовски, Зденко Петровски, Огнен Ацевски, Маја Аргакијева и Стефан Рајхл ќе презентираат по 10 фотографии. Од тука и името на изложбата „5х10“ Фотографијата ја има таа чудна моќ да овековечи еден момент, а на изложбава ќе видиме 50 такви моменти. Ние живееме во една визуелна култура каде фотографијата и филмовите играат важна улога во пораките кои сакате да ги испратите или моментите кои сакате да ги сочувате. Секој од овие фотографи е сведок на важни настани кои се случиле на културолошки план и преку нивните објективи ќе се потсетиме на моменти од концерти од најразлични профили на уметници од џез до класика, од рок до поп и на локации каде се случува музиката – МКЦ, Филхармонија, Џез фестивалот, клубови, концерти.
Трн: Со оглед на тоа дека Вашата повеќе децениска работа како музички новинар и автор на неколку книги со интервјуа на музички звезди е насочена кон истражување и промоција на квалитетната музика, за кого вие би сакале да видите музички документарен филм, од светската и од домашната сцена?
Георгиевски: За странски музичари, продукцијата е обемна и секоја година никнуваат нови филмови и нови книги меѓутоа, за домашните автори недостасува продукција која ќе се заинтересира и застане зад нив. Недостасуваат документарни филмови за Влатко Стефановски, Кирил Џајковски, Џијан Емин, за џез фестивалот, за плејада визуелни уметници итн. Пример за убаво сработен филм е филмот а Леб и Сол на Александра Јовановска „Као Какао: Вкусот на успехот.“ Имаме уметници со интернационални кариери и домет, и документарците се еден од начините да се гради и афирмира културата. Тоа е еден од начините да се промовира што е создавано во државава.
Трн: На чекор сте пред јубилејното 10-то издание. Дали идната година може да се очекува некоја новина?
Георгиевски: Долг е патот до 10-то издание. За секое издание се трудиме да ја надоградиме и прошириме програмата и да се изненадиме и себе си. Постои една долга листа со желби што би било интересно да се реализира со гости, со програма, со бонус работи. Секое издание на фестивалот е специфично и посебно за себе во смисла дека околностите направиле да се изнедри посебна програма. Верувам дека ќе биде така и следниот пат. Не знам што ќе вклучува програмата за ССС 2024 но знам дека нема да биде здодевно.